Почетна » Колумни » Ловец на приказни » И 100 години да имам, ќе шизам на концерти!
Ловец на приказни

И 100 години да имам, ќе шизам на концерти!

Минатата недела бев на концерт на белградскиот бенд С.А.Р.С. Картите беа купени една недела претходно. Искрено одамна не сум била некаде, па можеби затоа возбудата траеше цела недела, како за пред свадба, ама на некој близок.

Концерт

Со пријателките претходно кога ќе се слушневме на телефон, цела недела си ја потпевнувавме „Буџав лебаааац“, њамњамњамњамњам. Па ваквото расположение продолжи и пред вратата на Колосеум, местото каде се одржа настанот. Јас имам 38 години, мојата најдобра пријателка има 48, а другите имаат по 30 и кусур. Најрадосни бевме јас и другарка ми, како најстари нели. Двете дента дури бевме и на фризер. Додека седев на столот и ме фенираше фризерот, ми текна на онаа радост кај старите луѓе кога се подготвуваат за свадба, и скришум си се смеев во себе. Бидејќи одамна не сме излегле навечер, и верувајте ова за нас беше настан од галактички размери, извадивме максимум од себе и стокмени, дотерани дојдовме пред дискотекава.

Кога пристигнавме таму, другарка ми одеднаш овена вели: „Ееееј види колку мали деца, требаше син ми да си го земам“. И навистина, тоа беше јуниор парти, деца на возраст од седмо, осмо одделение до средно школо. Облечени како за на училиште, комотно со патичиња на нозе, некои дури носеа и ранчиња. Не бевме на високи потпетици, но сепак некако штрчевме меѓу присутните. Мислам дека само во нас гледаа. Можам да замислам за какви фрикчиња нѐ сметаа. Сигурно се прашуваа што бараат теткиве на концерт?!

Мене и другарка ми сѐ уште нѐ држеше духот и си продолживме со пеење и малку шизење пред врата. Се наредивме покрај оградата како гревчиња и чекавме да ни дојде редот за да влеземе. Кога влегувавме внатре, некако ме мавна flash, се сетив на времето кога јас бев средно школо, исто вака се редевме и за во дискотеката Хард Рок. Само таму и тогаш, ако не го знаеш тој на врата, ќе си почекаш надвор, до душа тоа повеќе важеше за машките. Овде културно нѐ пуштија внатре, а јас се радував и како тинејџерка потскокнував од среќа. Искрено немаше некоја разлика меѓу мене и децата, барем по духот. Брзо се стопивме во толпата. Шизевме на Тајзи, оти тој прв настапи за да ја загрее публиката. Се покажа дека детето има добра енергија. Се случи и запросување, некое момче од публиката се качи на бината и си ја побара девојката за жена. Ете и на тоа бев сведок, на судбоносното „да“ на оваа двојка. Со среќа нека им е!

Туку, само што излегоа С.А.Р.С на сцена, отсвирија неколку песни и по некое време другарка ми ми се пожали дека ја болат бубрезите. Таа се витка и се смее, ем ја боли, ем ѝ е смешно. „Е тоа ти е, кога имав 20 години, со гола половина шетав у зима, а сега сѐ ми е уз врат и пак сѐ ме боли“, кукаше таа со раката на половина. Иако ми беше мака што нема да ги чујам песните и оти ни пропадна излегувањето, сепак не можев да ја оставам сама да си оди, па заминавме заедно. Одејќи кон дома, веднаш и стана подобро. Качувајќи ги скалите кои водат кон мојот дом размислував како е да излегуваш нон-стоп во град, на оваа возраст, богами не е лесно, поготово за луѓе со деца. Да не ви кажувам колку капната бев кога дојдов дома, иако не останав до крај! Моите малечки беа заспани, сонциња мои.

Не рекле џабе старите, сѐ во свое време, но важно е духот да те држи. И 100 години да имам, ќе шизам на концерти, сѐ додека не ме „стрефи“ нешто.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10397 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.