Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Вечната борба помеѓу снаите и свекрвите
Во земјата на чудата

Вечната борба помеѓу снаите и свекрвите

Антагонизмот помеѓу свекрвите и снаите постои отсекогаш, најверојатно уште од првите праисториски заедници.

Но, зошто е тоа така?

Верувам дека овој проблем е некаква последица од времето кога улогата на жените била ограничена на грижа за домот и семејството. А бидејќи нема формула за тоа како таа грижа треба да изгледа, секој поаѓа од себе и мисли дека најдобро умее да се грижи за своето семејство. Проблемот кај снаите и свекрвите е тоа што тие се грижат за истото семејство, или барем дел од него сметаат за свое семејство. Работите можат да станат уште покомплицирани ако во семејството има и трета жена, без разлика дали е золва или јатрва. Затоа и постои изреката „Две жени – пазар. Три жени - војна“.

Семејство

Што може да се направи?

Она што според мене снаите можат да го направат со цел да имаат подобри односи со новото семејство е да се обидат да се прилагодат. Мојот став, генерално, е дека кога одиш некаде, треба да се прилагодиш. Не мислам само во ново семејство, туку во нов град, во нова земја, на нова работа, во ново училиште... Едноставно, не може да се очекува дека во иднина ќе се задржат сите навики од претходно, туку мора да има прилагодување.

Се разбира, новото семејство има многу голема одговорност да им помогне на снаите да се прилагодат полесно, што подразбира дека и тие не можат да ги задржат сите навики кои ги имале претходно. Доаѓа нов член и мора да има прилагодување. И нема зошто за тоа да се крева врева, кога во други случаи доаѓањето на нов член бара многу поголемо прилагодување од сите, како на пример кога доаѓа бебе.

Сепак, снаата треба да биде подготвена дека можеби од нејзина страна треба, барем за почеток, да има поголема флексибилност. Илузорно е да се очекува дека поради нашето доаѓање членовите на новото семејство од корен треба да си ги сменат своите навики.

Свекрвите треба да се потсетат како им било кога биле млади и тие се прилагодувале на ново семејство. За жал, многу свекрви не сакаат да покажат разбирање, иако и тие го поминале истиот пат, или едноставно се водат од добро познатата изрека „што ми правеле, тоа ќе правам“. Тие без никаква потреба се натпреваруваат со снаите околу нивните синови, а овој натпревар не му носи ништо добро на синот. Напротив, само му создава главоболки, затоа што ако неговата сакана не е среќна, нема да биде ни тој.

Но, не секогаш се работи за натпревар. Има и такви свекрви кои сакајќи да им помогнат на младите, толку се наметнуваат што буквално ги гушат и овие немаат можност да поседат сами ни половина час дневно. Овие свекрви најубаво готват, и нема зошто младите да се мачат да готват сами, мама ќе им зготви. Тие најубаво знаат како се чуваат деца, затоа што тие исчувале веќе две, „ехее, толкави мажишта пораснаа, што им фали?!?“. И намерите се навистина добри, но на подолг рок ова наметнување е неиздржливо, колку и да е ненамерно.

За жал, се појавуваат фрустрации и од едната и од другата страна. Често следува оговарање по пријателки, неретко пред синот, кога е во прашање свекрвата, или сопругот кога е во прашање снаата. Многу често заемното непочитување оди и чекор понапред, со секојдневни препирања и навреди, директно или преку саканиот, односно маминиот син.

А маминиот син не сака да се меша, нема цврст став и не зазема страна. Не може ниту да и пререче на мама, ниту на својата сакана. Најчесто реагира по линија на помал отпор. Затоа и постојат проблеми, затоа што тие многу често не сфаќаат дека во овие односи нивната улога е клучна. Едноставно, тие не смеат да дозволат ниту нивната сакана да ја навредува нивната мајка, ниту пак нивната мајка да ја навредува саканата. Но многу им е поедноставно да не се мешаат.
Повеќето проблеми помеѓу снаите и свекрвите гледани од страна изгледаат тривијално. Најчести проблеми на снаата се тоа што свекрвата не сака да прави ручек, не го чува детето, и не средува дома, па снаата нема време да одмори цел ден. Проблемите на свекрвите се тоа што нејзиниот син слуша повеќе некоја што дошла вчера, а може ли некој да знае што е подобро од едно дете од неговата мајка?! Па не може! Се разбира дека не може, само свекрвата заборавила дека нејзиниот син веќе не е дете.

Ваквите односи не се среќаваат само во Македонија, ги има насекаде. Сепак, веројатно тука се повеќе застапени затоа што животот во заедница е многу почеста појава. Кога живееш одделно можностите за вакви препирања се минимални. За жал, кај нас условите се такви какви што се, и ретко кој има можност уште од почеток на бракот да живее одделно. А тој период е најважен и за самите сопружници. Не само за да уживаат, туку и да се навикнат еден на друг, да се прилагодат на навиките на другите. И тука има прилагодување, само оди многу полесно.

Како снаа со стаж, на „тазе“ снаите можам да дадам само еден совет: пред да ѝ префрлите нешто на свекрвата, размислете дали тоа би ѝ го кажале на вашата мајка во истата ситуација. Понекогаш за иста работа реагираме различно кон мајката и свекрвата. Ако сепак се работи за нешто посериозно, што вашата мајка ни на сон не би ви го направила, тогаш обидете се да го решите преку сопругот. Ако ни тоа не помага, или обидете се на културен начин да ѝ објасните како стојат работите и во иднина обидете се да ги игнорирате. Всушност, последниве две можат и да си ги заменат местата во зависност од ситуацијата. Ако ни ова не помага, тогаш младите треба да се обидат да најдат начин да живеат сами. Под кирија, доградба, надградба, важно некако да се осамостојат. Ако вашиот сопруг не сака да се оддели од неговите и да ужива само со вас, ниту пак сака да ви помогне да ги средите односите со неговите родители, тогаш за жал, можно е да сте направиле погрешен избор. Во тој случај, единствен совет што можам да ви го дадам е да не се нервирате, затоа што од нервози се нарушува здравјето, а здравјето нема цена.
Иако сè уште немам искуство како свекрва, на свекрвите би им порачала пред да направат нешто, да се запрашаат дали тоа би ѝ го направиле и на сопствената ќерка и да имаат предвид дека кога ја нервираат снаата, ни синот не им е рамнодушен. А сакаат ли да го нервираат нивното најмило?

И за крај, совет до немажените девојки, којшто и мене ми го даде мојата мајка пред да го изберам мојот животен сопатник: отворете очи и разговарајте со партнерот за сè пред да стапите во брак! И подалеку од мамини синчиња! Ако сакате деца, ќе си родите, големи не ви се потребни!

Ова беше мојата перспектива на односите меѓу снаите и свекрвите, базирана на моето искуство, на искуството на моите блиски, но и на проблемите што сум ги прочитала на форумот. Доколку некој има поинакви согледувања, би била среќна да ги дознам!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11600 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.