Србија му се заблагодарува на македонскиот доктор кој солзите ги претвора во радост и ја возвишува неговата „чудесна клиника“ во која се остваруваат соништа.
На Прим. д-р Таше Трпчевски му беше врачена највисоката награда на општина Алексинац. Имено, основачот на болницата „Плодност“ Битола доби Плакета за придонес во зголемувањето на наталитетот и подобрување на здравствената заштита во регионот.
Дури 100 бебиња од Алексинац и 300 други низ цела Србија се зачнати со помош на тимот на „Плодност“ составен од посветени лекари, ембриолози и медицински сестри кои работат со врвна технологија и со срце.

„Ова признание не е само чест за еден доктор, туку симбол на заедничка посветеност, доверба и регионална соработка помеѓу две земји кои се обединети од иста цел: нов живот. Ви благодариме за укажаната чест и за секоја нова можност да направиме разлика“ – велат од болницата.
Делегација предводена од градоначалникот Далибор Радичевиќ ја посети „Плодност“, а меѓу нив беше и Николина, младата девојка која пред 18 години стана првото бебе во Алексинац зачнато со ин витро токму во оваа болница.
Таткото на Николина често се шегува на своја сметка кога ќе ја пофалат неговата ќерка дека е паметна и убава, велејќи им: „Изгледа малку е на докторот, тој беше главен, јас само потпишав“.


Со цел да ја изрази благодарноста за укажаната почест и да ја продолжи хуманата мисија, д-р Трпчевски подари три ваучери за бесплатни ин витра за социјално загрозени семејства од Алексинац кои мечтаат за потомство.
„Исклучително ми е драго што во оваа клиника се зачнати преку 3.500 деца. Многу од нив сега се возрасни луѓе и ако таа цифра се помножи со три, тоа е еден цел град. Моите синови се врвни стручњаци во оваа област и сигурен сум дека овде и во иднина ќе се раѓаат и Срби и Македонци, но и дечиња од сите останати нации со родители кои сонуваат за потомство“ – изјавил Трпчевски.

Во услови на рапидно намалување на наталитетот, српските медиуми не штедат пофални зборови за улогата на д-р Таше и неговата болница за зголемувањето на населението, нарекувајќи ја „чудесна клиника“.

