Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни 2025 година продажбите достигнуваат 6.754.023.385 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 10.113.230.177 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Во 2024 година остваривме импресивен раст од 15%, што значително ги надмина нашите првични проекции и претставуваше речиси двојно зголемување во однос на планираното за 2024 година. Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %.

Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 19 % во споредба со првите шест месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 34 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Холандија, кои се зголемени 6,6-пати; потоа во Австрија, каде што се зголемени 5,3-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Јужна Африка, каде што се зголемени 3-пати, како и во Финска каде што продажбите се зголемени 2,8 пати. Потоа следуваат оние во Ирска (раст од 66%), Грузија (раст од 45%), Ерменија (раст од 23 %), во Грција (раст од 17 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Германија (раст од 14 %), во Словенија (раст од 10 %), Србија (раст од 10 %), Хрватска (раст од 9 %) итн. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 16 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 8 %, хемија раст од 15 %, козметика пад од 7 %, а билкарство намалување од 17 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2025 година изнесуваат 615.183.731 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.614.311.178 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 941.846.091 денари и е зголемена за 7 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.699.523.384 денари и бележи раст од 9 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 855.738.395 денари е зголемена за 4 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – јуни 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 21 ново вработување во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.027 вработени, од кои 2.269 се во земјава, а 758 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – јуни 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 28.140,53 денари за една акција, што претставува раст од 39 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 30.06.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.270 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 39,7 милијарди денари.
На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.
Бизнис-план за 2025 година
Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.