Бројот на деца во Македонија драстично опаѓа.
Државниот завод за статистика објави анализа за населението за минатата година, а податоците се алармантни. Имаме рекордно најмал број на живородени деца досега.

Во 2024 година се родени 16.153 деца вкупно, од кои живородени се 16.061, а 92 се мртвородени. Бројот на живородените деца во 2024 година е намален за 4.0% во споредба со претходната година, т.е. има 700 новороденчиња помалку отколку во 2023 година. Во споредба со 2015 година, тој број е намален за 7.000.
Од 2014 година наваму има постојан тренд на намалување на бројот на живородени деца во државата.
Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа 51.5%, односно на 100 живородени женски деца 106.3 се машки.
Според месецот на раѓање, најголем број живородени деца се регистрирани во месец јули: 1.496.
Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 31.8% се живородени деца од мајки на возраст од 25 до 29 години.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.7 години, а на прворотките 28.2 години. Во 2024 година се регистрирани 12 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.
Бројот на вонбрачните живородени деца е 1.844 или 11.5% од вкупниот број на живородените деца.
