Почетна » Колумни » Чисто пријателски » Одбери го според хороскопскиот знак

Одбери го според хороскопскиот знак

Како сопственик на рационална ментална конструкција со повремени опсесивно-компулсивни напади, најчесто кон дечко ми, искрено не можам да објаснам зошто толку религиозно верувам во хороскоп. Ама ете, ко да имам каталог во глава за поедноставна селекција на допадливост и можеби ќе заборавам некој како се вика, ама знакот, јок. Ако ми е близок, и подзнакот и наталната карата и што има во Венера или Меркур и степените на аглите.

Близнаци

Овој мој мини-проблем е заразна болест, кој како почнал да се дружи со мене, така со тек на време почнува прво прашање да му станува што е некој во хороскоп, не дека јас сум нешто влијателна, туку е забавна психоанализата што се одигрува во позадина, калкулираш колку ќе се одговарате, па дали ви се совпаѓаат планетите и знаците... чудесии на Водолии, Ракови, Стрелци и Девици.

Посебно за на кафе со другарките, седите така релаксирано во Торос, листате некој весник, во позадина иде „I Wanna Have Your Babies“, јас мрчам за шовинистичката пропаганда на песната ко да ми е тоа професионална деформација, Викица пресметува нејзиниот Лав кога ќе се врати од туѓина, Елена ја консултира Викица за тешкиот им карактер на Шкорпиите. Подобра релаксација од таа после работа, немаТ.

Нејсе, јас обожавам Шкорпии, не поради нивниот херметички оклоп и природната параноја и сомничавост кон сè што се движи, туку поради тоа што цел живот го поминав опкружена со нивните совети и погледи на светот. Од татко ми до најдобрата другарка, а како на Близнак, опседнат со слобода и желба за промени, овие луѓе ми се амброзија спакувана со панделка. Елена како Бик, упорна и решена да го управи светот, комплетно се сложува со мене на оваа тема, и иако владее урбан мит дека си одговараат хороскопски, јас верувам дека заедно со Овните и Јарците треба да си се држат „заедно“ и да си креираат една унија, зашто ЕУ да имаше астролошки знак, тоа ќе беше некој со рогови.

Исто како што ако имате проблеми со организираност или не сте опседнати со чистење, сè што ви треба е да си најдете Девица за во врска, или ќе ве мотивира или сам/а ќе ја заврши работата, негативен аспект е тоа што се опседнати со контрола, си знам од персонално искуство, мајка ми е Девица во хороскоп. Ракчињата се резервирани само за оние кои сакаат љубов, сигурност и домашна атмосфера.

Мојот личен фаворит сепак, мора да биде Лавот, не, не затоа што е крал на животните, драматичен и егоцентричен, па константно се прашувате ко мене дали некој снима филм ама вие не сте свесни за сценариото, туку затоа што он е Лав. Па на таа ексцентрична борба на титаните, моето супер его на Близнакот, наспроти неговото грандиозно его на Лавот, он е навистина прекрасен. Бар Викица така вика и нејзиниот е од истиот род на животни и на цело кукање за тоа колку е тешко со нив, не би ги менувале за ниту една мила и шармантна Вага или откачена Водолија на овој свет.

Затоа лејдис, прво проверете дали ќе си одговарате астролошки, ако да, уште еден аргумент плус во позитива, ако не, па кој верува во хороскоп во денешно време?

Автор: Виолета Бојковска
Авторката е девојка што станува сабајле во 7. Или во 1 попладне. Таа е една фина, нежна романтична душа што бара Љубов. Или некој на којшто ќе му го искине срцето. Секогаш пожртвувана другарка што ги цени блиските. Или ултра хедонист без обѕир за никој. Се радува на убавините на светот. Или се привикнува на монотонијата на животот. Не ѝ замерувајте, Близнаци е во хороскоп.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11096 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.