Почетна » Колумни » Сензорни авантури » Колумна: Тантруми – фази, како да ги препознаете и да ги намалите

Колумна: Тантруми – фази, како да ги препознаете и да ги намалите

Еден од првите предизвици со кои се соочуваат родителите се фазите во кои детето поминува низ тантруми.

Тантрумот претставува ненадеен излив на емоции, при кој детето губи контрола врз емоциите и е преплавено од лутина, бес и фрустрација. Отсуството на емоционалната регулација е нивната клучна карактеристика.

Дете

Тантрумите најчесто се јавуваат кај децата на возраст помеѓу една и три години.

Посебно се изразени околу втората година, кога се јавува и говорот кај дечињата и неможноста точно да кажат што сакаат, што чувствуваат или што им е потребно. Кај некои деца се почести, кај други поретки, кај едни се поизразени, кај други поблаги.

Истиот може да се појави поради чувство на неудобност, умор, глад или бидејќи едноставно не ја добиле играчката која во моментот ја посакале.

Како три фази на тантрумот може да ги наведеме:

  • Врескање - сеедно што правиме или кажуваме, детето не е достапно и не реагира.
  • Физичка акција - може да фрла предмети што му се наоѓаат на дофат, да клоца.
  • Плачење - последна фаза е тагата и тантрумот е при крај.

Како да препознаеме тантрум?

При тантрум исполнувањето на првичната желба не променило апсолутно ништо во однесувањето на детето. Толку е длабоко навлезено во својот свет, апсолутно ништо што ќе направиме не може да го натера да престане во моментот.

Совет кој го добивме на последниот семинар одржан од страна на еден детски психолог беше токму тоа. Ништо да не правиме.

Да се осигураме дека детето е безбедно и толку.

Најдобриот и најбрзиот начин да се стаса до третата фаза е во првите две да не реагираме. Дури и обично прашање или обид да се објасниме со детето може само да ја влоши ситуацијата. Обидите за дискусии или објаснувања се невозможни во овој момент. Детето нема контрола на сопствените емоции, настанува поплава од истите и едноставно не може да се справи и да ги управува.

Секој си го знае своето дете, или барем искуството им покажало дали позитивно реагираат на прегратка или сличен обид да ги смириме. Најчесто дури во третата фаза, кога детето започнува да плаче, е веќе спремно за утеха и да му помогнеме целосно да го надмине тантрумот.

Она што е многу важно во овој момент е да сфатиме дека не е наша вина. Не е вина ниту на детето.

Од огромна важност е да бидеме тука за него, да сфатиме дека тоа е една фаза од развојот низ која минат сите деца, помалку или повеќе изразено и дека не треба да му се лутиме за тоа.

Дишете длабоко, останете смирени и не дозволувајте околината да ви создава дополнителен притисок.

Важно е само детето, да останеме присебни за него.

Колку и да се чини тешко и невозможно да останеме смирени, нашата реакција е од огромно значење за детето да има некаков позитивен ефект од овие тантруми и детето да учи да се справува со своите емоции. Ова е процес на учење во кој детето е неопходно да сфати дека и во конфликтни ситуации е сакано од родителите.

Слободно може да бидат поставени граници и да се укажат на некои консеквенции, но не мора детето да го добие чувството дека не е сакано и дека мама и тато се разочарани од него.

На овој начин детето ќе научи дека конфликтите колку и да се непријатни, може да бидат решени.

Откако детето ќе се смири, може да се разговара со него и да се обидеме да го откриеме тригерот за настанатата ситуација.

Да си ги поставиме следниве неколку прашања:

  • Кога се случуваат овие тантруми?
  • Во чие присуство се случуваат?
  • Кој е најчестиот тригер?
  • Кaде се случуваат?
  • Постојат ли повторувачки ситуации кога се случуваат?

Како да ги намалиме тантрумите?

  • Планирајте однапред. Глад, умор, жед, преголем стимул од околината се само дел од факторите кои може да предизвикаат тантрум кај децата. Кога сте на подолг пат носете со себе вода и некаква храна, понесете количка за најмалите каде би можеле да преспијат и сл.
  • Препознавањето на причините за еден тантрум не значи дека буквално секоја желба ќе биде исполнета пред детето воопшто да појави интерес и потреба за истата, но воспоставување на едноставни рутини и одбегнување на критични моменти и места може да биде од помош за да се редуцираат тантрумите.
  • Нудење на алтернативи. Изборот на една од понудените алтернативи може да му даде на детето чувство на контрола и е уште еден успешен начин навремено да се одбегнат тантрумите.
  • Бидете доследни. Дали ви е познат оној разговор помеѓу родителот и детето пред влезот во супермаркет, да биде мирно и дека смее да си одбере само една работа? Најчесто тоа е правилото кое родителите се обидуваат да го воведат кај децата кога заеднички пазаруваат.
Дете

Дали е секогаш успешно?

Секако дека не.

1/3 од родителите ќе се направат дека не виделе дека детето ставило и втора (можеби и трета) работа во кошницата за пазарување.

2/3 од родителите реагираат, па најчесто се соочуваат со бунт и револт од страна на децата.

Тука настапува оној момент кога се чувствува притисокот од околината, кога родителот почнува буквално да црвенее, да се бори сам со себе за да го задржи својот темперамент и да се обиде да не реагира на бујната реакција од страна на детето.

Дел од децата секако се бунтуваат до тој степен и родителот потклекнува со онаа утешителна помисла, само „лижавче“ е. Во овој случај детето добива сигнал дека треба само доволно долго да плаче или да се бунтува додека не го добие тоа што замислило. Бидејќи поставените граници од страна на родителот се веќе поместени.

И да, доколку детето сфати дека со таквиот вид на однесување ќе го добие тоа што го сака, прилично е голема веројатноста да го повторува истото пак и пак.

Причината за тантрум не смее да биде награда откако ќе помине истиот.

Тантрумите исчезнуваат најчесто на возраст до четири или пет години.

Да не заборавам и безброј примери кога чекајќи на касата, од „жал“ целосен странец брца во новчаникот и вади железни пари за на „сиротото дете“ да му купи лижавче оти нели, родителот не може да си го дозволи истото. Да ги споменам и загрижените рандом луѓе, кои почнуваат да даваат совети за културно однесување.

Во таков момент, најмалку што му треба на некој е баш тоа. Трет, сосема рандом човек, да се обиде да биде некаков медијатор или советник.

Мој совет, останете присебни. Тантрумите се фаза, ќе поминат. За другиот дел, одберете модел на воспитување кој е најдобар за вас и за вашето дете и потрудете се да го спроведете до крај.

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.