Почетна

Некои луѓе се безвременски

(Ликовите во умотворбата се колку реални, толку измислени)

Денес сите јадат бурек. Најмногу четвртинка. Тие што се демек на диета, осмина. Со сирење.

Еден младич, метросексуалец, влегува во модерните урбани весници со по некоја критика за тоа како е облечена една наша пејачка и дали ѝ стои тоа што го носи на фацата и излегува како победник.

Шоумени, водители, ВИП фацки, бербери и тезгаџии (некои се баш сево ова одеднаш... сè уште не можам да сфатам како станаа тоа што сега се, ниту пак од каде се дојдени, постојат некои новоизмислени жаргони кои ми создаваат чувство на голтната повраќаница) со нивните (не)таленти за пеење ги поместија моите граници за (само)почит и ги фрлија сите напори за доизградба на мојата самодоверба баш во вода.

Јас не критикувам, јас само озборувам. Малите муабети останаа за нас, неуспешните, мали умови, мали градови. Остана само една голема уста неиспрана од будалштини и неурбани искази. Безвременско отворање на душата, спас од блуење и асимилирање. Морам да се ослободам!

Луѓе со маски

Веќе суштината на бидувањето се свела на ситни, модни и гламурозни детали, и се стреми само кон перфекционизам, иако секој обид за совршенство, како и самото совршенство, е лажен.

Денес вреднуваме и баби и жаби. Најценети се тие што имаат, тие што се пиц облечени во Бицијани или Кокев креации, тие што се затегнати, исфирцани и не мора многу да зборуваат, тие се како магнет за фрижидер што си го земал од Прага кога си бил за 8-ми март. Излишно ми е да ви го претставувам моето видување за луѓето кои измислија нов правец во постоењето – „Фејкизам“! Не им завидувам, туку не можам да ги сфатам.

Сите јадат бурек, ама баш секој ден! Денес водителите, т.е. спикерите на трач емисиите, се многу влијателни луѓе, поготово ако ги ставиле на календар за кисела вода, или ги пратиле во Шпанија на ракометно првенство. Они не се трескаат од земја, по нив земјата се тресе.

Ниту политика ме занима, ниту мода! Барем не до бесвест.

Денес е многу важно од каде си. Ама некако во Скопје најмногу се чувствувам како недомаќинка. Се ќе одеше како подмачкано, само да се тргнеа тие маски и фарси. Јас сум голем алтруист. Ама јас сакам реални, приземјени, барем малце културни, луѓе универзум, како оние кои те будат на сабајле, или во глуво доба, но и да врне и да вее, ти ќе се насмееш... Не дека ти се блиски, и пред да ги запознаеш, знаеш кои се. И просто ги сакаш. Не е флерт ако му се насмевнам на човекот кој цела вечер ми носи пијачки (зашто е келнер), му се насмевнувам зашто сакам да знае дека го почитувам и тоа дека веќе ме опил, се подразбира.

Ги сакам луѓето и нивната уникатност, само што денес никој, никаде не е еден и единствен.

И овде следува муабетот „Да се разбереме“, јас никого овде не напаѓам. Сето тоа е само „заговор на универзумот“, некаде успева убаво со заби да се насмевне среќата, игра на случајности, два-три муабети, голо раменце, стомачен танц, здраво мавтање со рака. Или си во погрешно време или си во идно време.

А малите луѓе, (не)секогаш остануваат мали.

Многу ги почитувам нашите актери (има и исклучоци како и секаде), уметници, комичари, балерини и балетани, нашите гласови моќни (не сите, некои се жива комедија)... Но, на прст можам да ги избројам оние со класа, луѓе доследни да бидат горди на себе.

Кога и зошто ни се намалија вредностите? Како дојдовме до време во кое величаме и идолизираме шминкери, фобичари, маса луѓе за кои не знаеш зошто и како се ставени на некој сосема бесмислен пиедестал?

Денес сосема од немај каде се појави таква една империја, која сите ја негираат, која звучи на неуспешен норвешки сингл од пред 30 години, на кого му давам грмушка од златни малини, ама кој сум па јас да судам.... Не судам де, озборувам. Се појави токму пред некое разденување за сите да се каеме, осудуваме и мудруваме (зошто сè е полесно кога седиме дома на столче).

И да сте вие белите овци во трлото а јас црната, на крајот на краевите, вие (мнозинството) ќе победите.

Дајте ми еден „Пеперминт“ да се освежам со рецитал, а уметноста ќе ѝ ја дадеме на Гулабица која од студио Дадар излезе како Златен Фазан. Можеби еден ден и јас ќе фрлам „три среќни коцки“.

А дотогаш...

Сега одам да измијам очи од досега виденото, вчудовидувањето, да ги ослободам тапанчињата од нечистотиите (тие префинети ноти во мене предизвикуваат расцепување на атомот) и да исчеткам заби и јазик од ситни муабети, бесполезни лелекања и вируси.

И одам да запалам цигара, да вдишувам и издишувам во котон клубот на брат ми (човекот енциклопедија, музика и поезија) и да се изнаслушам и заситам со Луис Армстронг и „What a Wonderful World“ исвирена на укулеле. Безвременско битисување. Октомври 1967. Ако некој ме бара, таму сум.

Автор: Јустинијана Орлеана
Јустинијана или Јустиција Орлеана е 30-годишна девојка – жена која непоправливо се бунтува за правда, предрасуди, права и правила, залудно. Зборува наопачки. Течно. Верува во љубов и здрава свест, го обожава убавиот збор и вечно ќе шкртка и претвора магични мигови во поезија. Голем алтруист е, ужива во митолошките приказни, а малите човечиња ѝ го прават животот магичен.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10614 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.