Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Феминистичка лага
Мирисање оригами

Феминистичка лага

Одамна прочитав една мисла која толку убаво ја доловува модерната феминистичка реалност: Феминистки – банда жени со одвишок машки хормони и терсене табиет.

Јасно ми е дека секоја жена различно си ја сфаќа и интерпретира својата феминистичка визија и додека за некои тоа е правото на глас, а за други способноста да крене плакар на рамо и да го качи на 4-ти кат без лифт, за мене феминизмот е ништо повеќе од празни зборови и утопистичка пустина.

Пуста желба за рамноправност и самодокажување која ја продаваш за првата чанта на која ќе ѝ фрлиш окце преку излогот, а саканиот пријатно ќе те „изненади“, откако „суптилно“ ќе му нагласиш колку очајно сакаш да ја имаш и колку само комбинации ќе направиш со семоќнава чанта.

Затоа што животот ти зависи од таа чанта, ќе умреш доколку не е твоја, нели?

Како, побогу КАКО да верувам во желбата за еманципираност и самостојност, а ваму очите ѝ шараат накај привезокот од неговиот автомобил или моделот на неговиот мобилен телефон? Постојаното исчекување да ти пушти пијалак те изедначува со гладна и настрвена хиена, не ти додава достоинство или став.

Очекуваме рамноправност и еднаков третман, а потајно сме убедени дека сме супериорни. Кога логиката и разумот ни потфрлуваат, тогаш се повикуваме на женственоста, на трепкање со очињата, на вртење со колковите... јас сум феминистка.

Не, не си, ти си изгубено суштество кое нема основна идеја што значи да се биде вистинска жена. Феминистка пак најмалку.

Постерот „We Can Do It“

Во моментот кога го добивме правото да заокружуваме гласачко ливче, да не нè избираат со стројници, да не ни ја диктираат должината на нашето здолниште, почнавме полека да се излеваме од строго утврдениот женски калап – робинка, домаќинка, мајка.

Феминизмот по кој толку силно копнеете е ништо повеќе од обична амбиција со (засега) нула проценти можност за реализација. Можеби затоа што самиот концепт е толку погрешно сервиран и оди од крајност во крајност.

Сè додека девојката одбива да закаже втор состанок со момчето, само затоа што се дрзнал да ја подели сметката на првиот, дотогаш ќе носиме глави на рамениците кои ни користат само за шишање.

И таквата ми се декларира како феминистка и утрото ѝ започнува со мотивациони постери – No, you make me a sandwich?!

Дали сме навистина слепи или добро умееме да се преправаме, навистина не знам.

Што всушност сакаме да постигнеме?

Еве јас лично за себе тврдам дека НЕ СУМ ФЕМИНИСТКА. Тврдам дека има прекрасни жени и прекрасни мажи, исто онолку колку што има гнили и скапани.

Се обидувам да заработувам самостојно и кога Марфи повремено игра чочек со мојата женска способност да расудувам со сопствениот буџет, немам апсолутно никаков проблем да прифатам помош од посилната половина. Но, доколку некогаш треба да возвратам на услугата, нема да изигрувам чудилник и потајно да му ја намалувам вредноста.

Не гледам ништо трагично во помошта која ја примам и ја нудам. Уживам да му ги готвам омилените јадења и да му предизвикувам насмевка на лицето.

Тој е моето рамо за плачење и мојата поддршка. Ми годи фактот што знае да ми ги поправи пола од апаратите за домаќинство кои јас безмилосно ги расипувам.

Убаво ми е кога со невидена леснотија ми ја носи лубеницата од 10 кг, наместо јас да се килавам, само колку да му докажам на светот дека еве – и јас можам, што дека носам потпетици, ми се може бре.

Верувам дека во некои работи жените се коректно подобри, а во други мажите нè надминуваат, затоа што едноставно тоа е реалноста и вистината.

До кога грчевито ќе се докажуваме дека навистина можеме сè што можат и мажите, па дури и подобро? Зошто толку болно ве навредува поимот „женска работа“?

Мене ми ласка. Тоа е МОЈА работа и јас очигледно ја правам подобро од мажот, штом ми ја препишале заслугата.

Ми годи вниманието и џентлментските манири и не сакам животот да ми се претвори во борбена арена во која ќе мерам непостоечки пенис или бицепс.

Се сметам за самостојна жена со став и достоинство, ми ласка машкото внимание, ми годат подароци и благодарна сум кога некој од посилниот пол жестоко ми влепува шлаканица (вербална, секако) кога рационалноста ми е целосно поматена (хард кор феминистката веројатно ќе ми удри вистинска жешка шлаканица за употреба на поимот „посилна половина“).

Феминизмот е грда и глупава лага која се интерпретира сосема погрешно и е извртена до непрепознатлива граница на глупост.

Ги уживам сите права и имам целосна слобода да бидам она што сум, па сите феминистички побуди ми паѓаат во вода. Не ми се потребни. Имам доволно парчиња од колачот, не ја сакам целата торта.

Драг иден мажу:

Јас сум ти онолку потребна, колку што си ми и ти мене. Не можеме еден без друг.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11709 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.