Почетна » Колумни » Мирисање оригами » „Учителке, најсакана“
Мирисање оригами

„Учителке, најсакана“

Се сеќавате ли на стиховите: „Мојата учителка најдобра на свет е, секој од нас го милува како свое дете“?

Мене искрено оваа песничка ми беше химна. Ја чувствував толку блиска и своја, и пред сè друго – вистинита, затоа што навистина имав најдобра учителка на светот.

После мајка ми, учителката беше онаа која знаеше сè, а некогаш и повеќе.

Учителка

Учителката живееше во истата зграда каде што живеев и јас и мене ми беше ужасно страв (и срам) да излезам после училиште надвор и да си поиграм со другите деца.

„Што ли ќе помисли учителката за мене ако ме види надвор? Дека не сум доволно вредна, мрзелива сум и не учам ништо“?

Си седев заклучена по дома, повторувајќи ги лекциите по 10 пати во денот, затоа што ми беше страв да се соочам со помислата – што би се случило доколку учителката утре ме праша нешто, а јас нема да го знам одговорот? Каков срам, како ќе ја погледнам в очи кога ќе се сретнеме во влезот?

За беља, одвреме-навреме учителката пиеше кафе со мајка ми на комшиска база. Е тогаш сакав земјата да ме проголта. Се криев во собата, повторно со отворена книга пред себе.

Имав премногу почит кон учителката, ја сметав за совршена и верував дека заслужува совршен ученик.

Потекнувам од генерација која не ги фати Титовите пионери за малку, но затоа нацрта три различни знамиња во рок од 5 години. Признавам, бев наполно збунета. Кое знаме сега е наше – петокраката, сонцето со морковчиња или хеликоптерот?

Немаше можеби строги казни како од најстрашните ученички кошмари на моите родители – квачење со коленцата врз гравчиња или удирање по прстите со прачка.

Ние го имавме магарешкото ќоше на срамот, а стапчето обично служеше како инструмент за преглед – дали нашата коса станала дом на нови вошки.

Ја опсипувавме учителката со подароци кои за тоа време беа страшно модерни – сет дезенирани чинии, столни ламби и смешни, шарени кошули со потполнки. Секогаш ги прифаќаше достоинствено и со искрена насмевка, што мене ме убедуваше дека премногу ѝ се допаѓаат и навистина го познаваме вкусот на учителката. А со тоа – ја познаваме и неа.

Можеше да се каже лош збор и шега за секого, но не и за учителката.

Кога го гледам денешниот однос на малечките кон учителките уште од најрана возраст, ми се плаче да ви кажам искрено. Не знам од каде потекна идејата дека ученикот и учителката треба да се другари. Не, улогите навистина се помешаа.

Си другаруваат на фејсбук, секој може да ѕирне во животот на учителката.

Со цел да се постигнат подобри резултати во образованието, се инсистира на блискост и отворен однос, но во сосем погрешна насока.

Дали новото време или експерименталните програми нè донесоа до ова дереџе, да го имам луксузот во секој момент да си ја видам учителката во костим за капење, не знам.

Само знам дека не би сакала да сум дете денес и покрај сите удобности и напредната технологија со која ме труе модерната доба.

Воедно, ги жалам и моите идни дечиња.

Едноставно е – тие никогаш нема да го имаат тој култ кон учителката, ниту пак ќе го разберат значењето на мојата омилена песна од детството, каква што провејува низ моите најубави спомени.

За учителката Горица, затоа што љубовта кон клупите и зборовите се зачнува уште од мали нозе.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9514 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.