Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Урбаниот Сизиф
Мирисање оригами

Урбаниот Сизиф

Многумина веројатно се запрашаа од каде потекнува идејата за името на рубриката. Мирисање оригами. Глупости на квадрат. Каприц на женскиот изопачен ум.

Зборот потекнува од “ору“ што означува виткање и „гами“, вториот најдобро познат светски збор за хартија.

Во принцип е едноставно, се трудите и потите околу оригамите. На почетокот немаат никаков облик, но подоцна, со сиот вложен труд и напор, добиваат форма и изглед достоен за малку почит. На крајот од денот, и покрај сите убави желби и солзите пролеани од нервоза и бес поради виткањето на таа никаква хартија, можете само да си ги погледате. Можете да ги допрете, но не и да ги вкусите. Трагичното е што сопствениот труд не можете ни да го мириснете. Како и сè останато што се чувствува непотребно во животот, оди директно во корпата за ѓубре.

Урбаниот Сизиф

Минатата година ја имав честа да присуствувам на десетина интервјуа за работа. Ме фати инает и ја испратив мојата професионална биографија секаде каде што прочитав оглас за вработување – од продавачка (пардон, продажен агент) до технички асистент (секретарка е ова инаку, само уште еден налицкан назив за да ја прикрие грдата реалност). Се думав дали да се пријавам и за чистачка, но не знам дали описот хигиеничарка вклучува нешто повеќе денес, и кои квалификации се потребни. Патем, не знам искрено - зошто се употребуваат вакви големи називи за едноставни работни позиции? Да изгледаат попривлечно, повозвишено или што? Не знам. Немам ум.

На секое интервју, без исклучок, ме дочекала плејада на некултурни и нечовечни суштества, кои пристапуваат со таква студиозност, како да се одговорни за составување ракетен погон.

Сериозноста и посветеноста на фирмата е обично еднаква на решавање судоку во досадно неделно попладне.

Те стрелаат со убиствен поглед, кој ти создава мачнина во желудникот, и те тера да се мириснеш под пазуви, или евентуално да им го понудиш твојот утрински облечен чорап веднаш под носот, процедувајќи срамежливо, понизно и тивко – „Еве, мириснете, свежо испран е, не смрди“.

Одиме понатаму. Прашања – безброј. Одговорите кои се очекуваат се истите оние стереотипи и клишеа кои се сретнуваат во секое второ професионално резиме. Ако одговориш нешто надвор од шаблонот – не си нормален. Ако прв го потегнеш прашањето околу паричниот надомест – си алчен. Ако изјавиш дека си против останување после завршувањето на работното време или не сакаш да работиш за време на викенд – не си доволно амбициозен и подготвен да принесуваш жртви во име на фирмата.

„Што ве мотивира“? Хммм, зини да ти кажам. Не знам, се двоумам помеѓу овој прекрасно уреден тоалет кој го имате во фирмата, каде би се олеснувала утрински со задоволство, или можеби тоа прекрасно италијанско кафе со арома на бобинки, кое го приготвувате секое утро за вработените. Упс, не давате кафе.

Парите нè мотивираат. Наградата за вложениот труд нè мотивира. Пријатниот човечки однос, фер играта, работната атмосфера, можноста за напредување, регулиран работен однос. Шансата да научиме нешто ново и корисно.

Не ме мотивира твојата желба да бидам твој личен потрчко или подлизурко. Да се смеам на твоите глупави и невешти шеги, само затоа што си мој претпоставен. Да очекуваш да делам комплименти, онаму каде што не постои простор за истите. Да направам скок, на секое твое - оп.

Останува вистинска мистерија какво значење за работната позиција имаат моите неродени браќа и сестри, или колкав е личниот паричен приход на моите родители. Не сфатив никогаш (сфатив, ама срам ми е елаборирам), зошто упорно се препелкаат низ интимата на луѓето, кои се случајни актери во голготата наречена интервју за работа. Прашањето - кога планирам да оформам свое семејство не треба да е ваша грижа.

Недостасува уште да чкртнат збор-два во прашалникот, обележувајќи го бројот на сексуални односи неделно на кандидатот, за да конечно се засити таа ненаситна жед за простотилук. Случајно помешана со професионалност.

Урбаниот Сизиф денес не успева да го истркала каменот ниту до врвот, за да го пронајде повторно на дното. Секоја чест ако стигнува барем до средината на планината. Многумина уште не успеале да го поместат од првобитната положба. На дното (брате Горки, навистина е горко).

Јас продолжувам да изработувам оригами. Не се откажувам, упорно гледам поучувачки видеа на јутуб, читам упатства и ги редам на полицата.

Оние најдобрите успевам да ги прошетам и покажам меѓу луѓето, за да видат светлина и бел ден.

Којзнае, можеби еден ден ќе замирисаат на лалиња, ќе добијат вкус на макарон колачиња или ќе ми го принесат морето поблиску.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.