Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Скопје VS Провинција
Мирисање оригами

Скопје VS Провинција

Пред некоја година истата оваа тема беше многу актуелна на форумот. Заврши мошне неславно; темата ја затворија поради многуте караници и пререкувања, навреди и плукања. Се искажаа ставови, вистини и невистини, се измешаа баби и жаби.

И повторно останавме недоречени. И дојдовме до точката кога се зајадовме, без никаква граница, онаа тенка, невидлива, морална лента кога секој треба да каже СТОП, во ред, кажано е.

Многумина ме прашуваат од каде сум и навистина не знам како да се декларирам. Родена сум во еден прилично голем македонски град на западот, израсната во друго, помало гратче сосем на спротивната источна страна, а годините собрани од двете различни места ја даваат бројката како живеам во Скопје. И мачно ми паѓа кога ме прашуваат дали сум скопјанка или ваква или онаква.

Не сум, јас сум жител на Република Македонија. Јас сум хибрид од 3 градови и сум исклучително горда на животот во тие места. Затоа што секој си има своја убавина и свои недостатоци.

Впрочем, како и сè друго во животот.

Дијалог

Да почнеме со ред...

1. Поимот провинција

Покрај многуте дефиниции за овој поим, еден од нив ми падна во око – Во потценувачка смисла означува културна заостанатост.

Сакам да ѝ верувам на дефиницијава, но признавам дека благо ја поткренувам веѓата кога слушам: „Ма батали ја неа, она е од Струмица, провинцијалка една“. Која провинцијалка?

Дојдовме до дереџе каде што големи и урбани градови во Македонија, како Битола, Охрид, Струга, Куманово, Велес, Штип – се нарекувани провинција.

Очигледно сè што не е Скопје – е провинција. А тоа го установивме според степенот на културна заостанатост или напредност?

Што ме води до следната точка:

2. Добрите и лошите

Добри и лоши луѓе има секаде. Тешко е да се поверува, знам. Но, културни и фини луѓе ќе сретнете како во Скопје, така и во секој друг град низ Македонија. И обратно. Ниту во главниот град цвета културата и се сите китки за мирисање, ниту пак останатите градови се поштедени од лошотилак.

Тргнете од фактот дека и во најтесната заедница – семејната, односно фамилијарната, постои барем еден терсене член со кој не можете да излезете на крај.

Како тогаш би очекувале во еден град – да се сите добри или сите лоши луѓе? Културни или некултурни?

Едноставно е, и во Скопје имам соседи што ѓубрето го џиткаат преку тераса, а и во другите градови верувам дека кантата за отпадок може да му е некому пред носот, ама празната амбалажа ќе се фрли на улица.

И културната напредност или заостанатост нема апсолутно никаква врска со локацијата на живеење.

Нема нешто што не сум го слушнала – како скопјаните биле лигави мамини галеничиња, а „провинцијалците“ продавале ниви за да дојдат по секоја цена во главниот град.

Има и такви и такви. И способни и неспособни, секаде. Нека секоја околина ти биде твој сопствен предизвик да се избориш за своето место... што конечно ме води до:

3. Нелојална конкуренција

Ова како да нè боли најмногу. Преплашени се сите од „провинцијалците“ кои ги дочекуваат на нож уште пред да стапнат во главниот град, и „сите доаѓаат да ни ги крадат дечковците, живеалиштата, работните места“.

Можеби аналогијата ќе ми е смешна (секако дека е), но сфатете го Скопје во моментов како Њујорк за Америка (без нималку суета, чисто симболички).

И кога низ филмовите гледате како луѓе од сите делови на Америка доаѓаат во Њујорк, во потрага по сопствената среќа, исполнување на соништата и место под сонцето, како ним може да им се воодушевувате, а во нашиов случај да ги кудите сите оние кои доаѓаат чесно да си ја побараат својата среќа во главниот град?

Точно е, нема место за сите. Но, можеби тие луѓе немаат поинаков избор, сте го размислиле ли некогаш тоа? Ставете се само за момент на нивно место, колку ли е забавно и едноставно да се напушти родното место, семејството и пријателите, за да се дојде некаде сосем сам и да се гради живот оддалечен од сите, без поддршка?

Јас сум скоро 100% сигурна дека доколку имаат поинаков избор, никој не би го напуштил својот град.

И мене ми е јасно дека преголемата бројка влијае врз финансискиот надомест, и работодавците може да си играат како што сакаат, затоа што има премногу работна сила во моментов, а од таа група ќе се најде некој што ќе работи за 2 пати помалку отколку ти. И боли, не велам не. Но, тоа е животот. Тоа е реалноста.

И други државички каде што нашинци одат на печалба креваат раце кога слушаат дека македончето доаѓа, зашто знаат дека ќе работи за помалку пари и можеби ќе го симне стандардот, па тоа не ги спречува да заминуваат, ниту пак некој им забранил влез.

Право на избор и шанса имаме сите.

И вам да ви понудат одлично платена работа во друг град, нема да се мислите многу, нели?

Има и такви кои доаѓаат само да се скрасат и омажат. Вистина, оди па порекни ја. Мене тоа не ме зачудува многу. Како би, кога девојки од периферијата на Скопје копнеат исклучиво за центарски или аеродромски дечко. Нели тоа му доаѓа – едно исто?

Самите се водиме кон себеуништување, тоа е факт. Ниту едните, ниту другите имаат толеранција и разбирање за околностите и ситуацијата, што и доведува до ваква сурова и тажна поделба.

Што е трагично за толку ситна бројка од 2 милиони и кусур.

И сè додека скопјани упорно ќе ми се внесуваат в лице, повторувајќи ми ја 10 пати истата реченица дека се – стари скопјани и не признаваат друга светска сила и додека локалните „провинцијалски фраери“ без причина ќе ја искршат шофершајбната некому, само затоа што има регистрација СК, дотогаш нема да кинисаме напред.

Но, да се надеваме дека сме како Пирејот, и ќе живуркаме и онаму каде што човек нема да нè посее. И дека еден ден ќе се опаметиме и едноставно сложно ќе заживееме. За доброто на сите.

Пред да изнесете осуди овојпат, убаво размислете колку роднини имате во Скопје и колку во другите градови низ Македонија, и дали и едните и другите заслужуваат таков третман и такви етикети и стереотипи.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9531 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.