Мирисање оригами

Развод

„Љубоморен си, ме контролираш, јас те прашувам зошто таа девојка ти се смешка, се караме за идиотски работи, јас лажирам оргазам, ти ми велиш дека сè што сакаш е да живееме заедно и да си склепаме едно мало, убаво бебе. На крајот, уште пред да се земеме, завршуваме со развод“.

Ако некој смета дека разводот е сè уште табу тема која се крие во прашливите ќошиња, (рака под рака заедно со посетата на секс шоп, признанието дека некој близок е хомосексуалец или еректилна дисфункција кај партнерот) тогаш навистина се лаже.

Разводот никогаш не бил поактуелен и помодерен отколку денес.

Развод

Зарем не е смешно кога дознавате дека две вљубени гулапчиња се развеле уште пред да го отплатат кредитот за таа помпезна свадба на која присуствувате пред неколку месеци?

Линекс-развод, така милувам да ги нарекувам јас. При првите знаци на дијареа (да се изразам народски кажано – лајна) новопечениот брачен пар посегнува по лекот, кој по правило би требало да биде последното решение.

Што се случува со она познатото – Додека смртта не нè раздели? Очигледно далеку помодерни се непремостливите разлики.

Кои се тие разлики кои во 10 години врска не успеале да испливаат на површината, но за само 10 денови брачен живот успеале да си го покажат вистинското лице? За мене останува вечна мистерија.

Како и за сите други работи и прашања, ова е држава која ужива во крајности.

Ако едните го ползуваат разводот како лек, другите го сметаат за отров. Ако едните сметаат дека разводот е едноставна процедура, како отстранување ханзапласт од свежа рана, другите живеат со помислата дека во здрава нога трн не се става.

Во состојба се да трпат секојдневно психичко па дури и физичко малтретирање, понижување, константен страв и притисок, само да не посегнат по тоа парче хартија кое законски ги одвојува од партнерот.

Од помислата – што ќе речат соседите, што ќе речат роднините, од стравот - што ќе правам сама?

А дечињата? Како да се соочиш со помислата дека со таа одлука, постои сериозна опасност твоите деца во ова наше општество да бидат обележани како „оние кои излегле од растурен дом“, чии родители не ја ценат светата брачна заедница?

Кому да му ја објасниш таа назабена атмосфера која владеела под покривот, расправиите и кавгите на кои децата неретко биле сведоци, солзите и непријатната тишина од која мувлосал секој можен агол од тага во заедничкиот дом?

И дека децата всушност ќе бидат многу посреќни и поздрави личности после тој развод, наместо исплашени, збунети и исфрустрирани поединци, со сосема искривена слика за поимот брачна среќа и заедница.

Подеднакво не ги разбирам и едните и другите. И групата која ја носи одлуката за развод во рок од неколку секунди без да размисли внимателно за последиците и без нималку труд да ги надминат проблемите штом го закасаат бракот, како и оние кои стравуваат и се срамат да се разведат и ослободат од стегите на еден дисфункционален брак, употребувајќи ги децата и нивниот добробит како штит и главен аргумент за непосегнување кон развод или добро познатата изрека – Што ќе рече светот?

До сите разведени жени од вистинските причини – длабоко ви се поклонувам и ве гушкам.

За храброста да се пресече, за пркосот дека жената во ова наше општество е финансиски (пре)зависна од мажот и нема да успее да преживее сама. За одлуката која вашите деца ги обликувала во здрави и среќни луѓе и им подарила еден поубав живот.

За надминување на сите рекла-казала злобни, малограѓански муабети, за упорноста да се докопате до тоа парче среќа која секоја една жена го заслужува, а безмилосно ви се лизнало од прстите во бракот.

За оние со линекс-разводот пак, верувам дека не треба да се трошат зборови.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10612 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.