Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Носталгија по минато свршено време
Мирисање оригами

Носталгија по минато свршено време

Носталгијата се пренесува како редок вид генетска емотивна мутација во одредени семејства. Моето е едно од нив. Верувам дека е како „сируп кој ни е препишан во мали дози до крајот на животот“. Доаѓа сосем природно, како млеко во англиски чај или путер на свежо препечено лепче.

Носталгијата е болест и лек.

Носталгија

Моето семејство е од оние кои со будно око и растреперено срце го гледаат натпреварот на Новак Ѓоковиќ и веројатно сум напоменала дека навиваат „како за свое дете“. Истото се случува и со останатите српски репрезентации од секоја спортска област. Филмовите како Битката на Неретва и Козара очигледно немаат век на траење, а не ги заобиколуваат ниту нивните серии, без разлика дали епизодата датира од пред 10 дена или 10 години. Сè уште се гледаат со истиот жар и емотивна посветеност која трогнува до колективна смеа или солзи.

Мене, признавам, не ме тангираат пионерите, црвените петокраки, пунџата на Јованка или омилените јадења на Маршалот. Родителите, од друга страна, се ужаснуваат од моето мешање на српските падежи, а незнаењето на некој збор го поистоветуваат со чисто безобразие. Ерес и срам.

Јас не можам да сфатам што значи мантрата „не е важно да е ново, важно е да биде чисто и закрпено“, но баба ми и ден денес си ја повторува често.

Носталгијата по едно време, во кое секој добивал можност да работи, да си дозволи одредени мали, но очигледно големи луксузи и без проблем да отиде на летување секоја година, ми делува како копнеж по некоја утопија. Бидејќи не сум го искусила, се чудам и нечесто ги примам приказните со смеење, додека баба и дедо скришум пуштаат по некоја солза за минатото.

Сеќавањата на моето семејство се обвиткани со убава панделка и се чуваат нежно како кршливи играчки. Им се пристапува со доза на сериозност и почит и само така можам да насетам колку носталгијата всушност е присутна кај нив, како хронична кашлица кај страстен пушач, која ќе ги следи до крајот на нивните животи.

Запечатена е како генетски код од кој нема бегање. Ние сме носталгичари и гордо го признаваме тоа. Се храниме со приказни и спомени од минатото, бидејќи сегашноста ни е сива, а иднината лебди во магла.

Очигледно е дека и јас сум носител на емотивниот вирус, бидејќи честопати се соочувам со копнеж за минатото кое очајно ми недостасува. Времето кога изборот се сведуваше само на неколку работи, па уште од почетокот беше сè поедноставно. Малите, но едноставни работи кои ми го исполнувале детството веројатно ќе им бидат патетично смешни на моите деца, на истиот оној начин на кој јас не ги сфаќам солзите за Хеј Словени.

Сега конечно сфаќам зошто порано имавме пари, но немаше што да се купи, а денес има сè за купување, но немаме пари.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10288 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.