Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Мечка страв, мене не страв
Мирисање оригами

Мечка страв, мене не страв

Порано ме запрепастуваа прашања од типот – дали можам да останам бремена доколку се самозадоволувам со перниче или доколку имам анален секс со дечко ми? Се смеев со денови, си ги прераскажувавме овие несреќни случки со другарките, а незнаењето го препишувавме на незрелоста и младоста.

Ситуацијата станува алармантна и можеби е полоша од кога било.

Женско здравје

Не навлегувам во сексуалните апетити и фетиши на поединците, изборот за задоволување помеѓу морков, банана, мобилен телефон, далечински управувач или моливче навистина не ме интересира и не е простор за дискусија, ама кога сексуално активна девојка одбива да посети гинеколог, е тогаш косата ми се крева од ужас и неверување.

Ќе се коригирам, откако секоја млада девојка ќе го добие својот прв циклус, редно време е да се посети гинеколог, доколку вашите мајки одбиваат да зборуваат за вакви „женски“ работи со вас, мислејќи дека магично ќе се информирате за сексуално преносливи болести, несакана бременост и други пропратни ризици кои доаѓаат со сексуалната активност.

Навистина не знам во која категорија да го сместам овој балкански синдром, зошто очигледно сè уште е во табу-зоната, зошто се преферираат жени гинеколози наспрема мажи и покрај подеднаквата стручна подготвеност и што е толку срамот и филозофијата да се појде на нормален гинеколошки преглед?

Подготвени сте да го ризикувате сопственото здравје и можноста да ја остварите најубавата улога на светот, да бидете мајка, само затоа што ви е срам да се соочите со гинекологот?

Прво, тоа е професија како и секоја друга. На гинекологот навистина не му е гајле за формата на вашата дунда. Помислете дека гледа стотици во текот на денот, и не му е ниту гајле за изгледот на вашите срамни усни, зашто тука е да ви помогне вам.

Интимната депилација и гинеколошкиот преглед котираат малтене на исто ниво на „срамниот барометар“, па не знам зошто е потребата од румени, црвени обравчиња.

Второ, ја имате целосната слобода да се консултирате околу секое прашање и недоумица, наместо да изигрувате сам свој лекар, купувајќи вагиналети на своја рака при секоја можна инфекција, спроведувајќи совети од надри-лекари, како тампони натопени во јогурт, раствори од сода бикарбона и слично. Јас сум секогаш за природни и алтернативни медицински решенија, но не пред консултација со стручно лице.

Трето, сркањето на апчето за „ден потоа“ како тик-так бонбонче, поради неодговорно, сексуално однесување е нешто што не можам да го сфатам. Па тие што се враќаат по репете, навистина заслужуваат гилотина. Тоа е лек со намена, не гума за бришење (повеќекратно) неодговорно однесување.

Четврто (и ова се однесува на малолетната популација најмногу), ќе се поштедите и вие и многу други анонимни читатели од резилење и глупави прашања по форуми и други социјални мрежи. Прашањата од типот – дали ќе имате наследник доколку мече ја одиграло главната улога во вашето сексуално уживање, едноставно зачувајте ги за друго, соодветно место (таму барем ќе се насмее еден, а не стотици во државата каде што живеете).

Петто, само затоа што не си посетила гинеколог (а си сексуално активна личност), не те ослободува од „срамот“ што ти го наметнува општеството или религијата, зашто не си ја зачувала женската скапоценост за првата брачна ноќ. Да појаснам поедноставно и просто – само затоа што не одиш на гинеколог, не значи дека си невина.

На крајот, би сакала да појаснам дека текстот апсолутно не ми е обоен со никаква политичка позадина, ниту пак агенда, туку очајна и реална е потребата на една девојка да се грижи за своето сексуално здравје, да се едуцира и максимално да ужива во сексуалниот чин, без да биде излепена со секакви глупави етикети и ослободена од предрасуди.

Не знам искрено каде да се побара вината. Во рамките на домот, односно недоволната агилност и посветеност од страна на мајките, распалавени генерации кои прерано навлегуваат во сексуални односи и брзаат да пораснат, додека нивното тело и ум сè уште не се подготвени за овој чин или пак во недоволната сексуална едукација од страна на образовните институции. Веројатно секој си зема дел од колачот.

Со ризик дека ќе прозвучам како агитатор на кампања, сепак кога ќе дојде времето, ослободете се од срамот. Девојки и жени – редовно посетувајте гинеколог.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11043 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.