Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Кога планираш да раѓаш?
Мирисање оригами

Кога планираш да раѓаш?

Луѓето во принцип не знаат никогаш за доста. И не научија да не си го пикаат носот како задолжителен зачин во туѓи манџи. Додека си сингл не сопираат прашањата – А кога дечко? Кога ќе го пронајдеш дечкото, те бомбардираат со нови недоумици околу свадба и заеднички живот. Кога конечно ќе се случи и тоа, следува она познатото: „Планираш ли наскоро да станеш мајка“?

Иако понекогаш е поставено со најубава намера, без сомнеж не постои прашање кое повеќе боли од тоа „А кога дете“ и „Дали работите на второ“.

Бремена жена

Фамозниот назив староротка ме усмртува многу полошо од кој и да било друг погрден збор. Звучи така сурово и грубо, а откако дознав дека границата повторно се поместила до 25 години, јас со моите 27 веќе сум дефинитивно престарена. Неуморно сите ме потсетуваат како биолошкиот часовник отчукува, а мене зборовите ми одѕвонуваат како темпирана бомба.

Избегнувам да навлегувам во конфликти по ова прашање и секако дека ме здоболуваат нечии зборови и критики, кои упорно сакаат да ме етикетираат како себична жена или кариеристка. Зашто во нашето општество дефинитивно си едно од двете (ако не и двете) доколку сé уште немаш детенце.

Никој не те прашува дали имаш работа, некаква заштеда, покрив над главата, па дури и партнер со кого ќе го створиш тоа мало невино суштество. Имам чувство дека нè набљудуваат и единствено тоа им поминува низ главата – види ги, уште не раѓаат деца. Па ајде, кога, кога?!

Навистина, кога? Додека традицијата, медиумските кампањи, притисокот од општеството и дополнителното настојување од најблиските нè задушува до точка на лудило, сите како да забораваат на културното воспитување и пристојноста кога се работи за ова деликатно прашање.

Од каде непознати луѓе си земаат за право да упатуваат секому вакви интимни прашања? За мене ова прашање влегува во истиот кош со оние кои се однесуваат на сексуалните апетити и начините на кои сакате да бидете задоволени.

Колку оргазми најмногу ти предизвикал дечко ти? А ниту еден сексуален чин не резултираше со бебе? Еее, што така?

Кога ќе се научиме дека интимата е зона која нема право никој да ја вознемирува со недолични прашања?

Постојат, верувале или не, и девојки кои упорно се обидуваат да затруднат и не посакуваат ништо друго повеќе, отколку да се видат себеси во улогата на мајка. Но, поради зла несреќна игра на судбината, не се случува токму во моментот, имаат некаков проблем, едноставно – не можат. Следниот пат кога ќе им го поставите прашањето кога планираат да раѓаат, бидете свесни дека истото им го прободува срцето онака лесно, како што вие го поставувате. Немарно, без нималку осет за нечии чувства или проблеми.

На крајот од денот сепак одлуката ѝ останува на жената. Ќе имам бебе кога ќе се почувствувам целосно подготвена за тоа и кога ќе знам дека можам да му приуштам сè што му е потребно. Поедноставно - кога ќе сакам и кога ќе можам.

Никакви погрдни и деградирачки називи, уцени или погледи од непознати туѓинци нема да успеат да ме премислат.

И тоа е сè што би требало да знаете.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9467 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.