Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Каде песно моја?
Мирисање оригами

Каде песно моја?

Викендов бевме сведоци на уште една мала македонска музичка историја, Скопје Гори. Како вистински уморни и подостарени вљубеници во нотите, удобно се сместивме на горниот кат во поранешен Колосеум, а сегашен Експо Центар, и се препуштивме на магијата на Ареа, Ласт Експедишн, Нокаут.

Долу можеше да се види мешаница од помлади генерации кои ги пееја песните во еден здив. Ние можеби мавнавме доза сеир за „шутките“, сеќавајќи се со доза носталгија на нашето минато, но целата таа пријатна атмосфера беше вистински мелем за очи и уши.

Мој близок пријател постојано вели дека ја упропастија Колосеум, последната урбана дискотека во градот. Местото кое обединуваше енергија, страст и убиствено добра музика. Осквернавена локација, која подоцна стана засолниште на сомнителни пејачки со силикони, пејачи со немиени коси и бендови чии песни, што би рекол мој драг професор по музичко од средно – гаат ниски страсти.

Музика

Всушност, не сакам ова парче текст да биде уште едно во низата кои плукаат по чумата наречена турбо-фолк. Не би сакала да трошам зборови на пластика и шунд.

Она што би сакала да го кажам е дека несомнено имаме предобра музика. Дарко Димитров беше светлосни години напред кога ги создаде првите модерни поп хитови кои со задоволство ги потпевнуваме и денес. Верувам дека соседството љубоморно ги преслушува нашите хитови од сите можни музички жанрови, обидувајќи се да украде што е можно повеќе.

Бидејќи имаме чувство за ритам и слух, мелодични сме и имаме култ кон музиката. Добар дел од соседите не можат да се пофалат со тоа. Песната е дел од нашето битие и треба да сме горди на музичката антологија.

Имаме прекрасни евергрини и шлагери, а срцето може да ти заплака од старите народни македонски песни. Вања Лазарова ја отпеа акапела „Прошета се Јовка Кумановка“ и не верувам дека нешто може да звучи подобро од тоа.

Изведбите на Влатко Стефановски и мирисот на Леб и Сол. Мистичноста и поетиката на Архангел. Вокалот на Ана Костовска. На сестрите Тања и Лидија Кочовски.

Пред некоја година бев на концерт на Венко Серафимов и не можев да спијам денови после таа катарза. Ниту една песна не ми беше доволно привлечна, зашто сè друго избледе, освен возбудата од убавата музика.

Мојата порака е да се сака македонската музика, затоа што има скриени богатства за бесконечно преслушување. И да бидеме горди затоа што создаваме историја и трајни вредности.

Не гледам причина зошто би кревала раце и притисок на бесмислени стихови и лоша музика. Всушност, животот е прекраток да биде исполнет со кич и лоша музика.

Пред неколку месеци во Истанбул, вртејќи низ ТВ каналите, начекав Планет Пембе. Тоа мора да е некој моќен хибрид од б`лгарското Планет и српското Пинк, што ли е побогу, птица ли е, авион ли е или клиничка состојба која што бара по 4 дијазапами пред заспивање за да не се швркнеш од кошмари во текот на ноќта? Навистина не знам.

Знам дека вообичаената одбрана е – „До вкус е“, но никогаш не ми стана јасно како такви безвкусни шабанерии се возвишуваат додека ги полнат џебовите од раја која ме убедува дека „Не е тоа-тоа“ доколку не ми запее Аца или Цеца.

Јасно ми е дека „Баш ве заболе одоздола па нагоре“, зашто „Сега во мода се министри“ и сè што ти треба е „Бато кеш кеш“ за да фатиш едно „Милионерче“.

Топло ги поздравувам посетителите на Скопје Гори, сите деца кои дојдоа со една цел – да слушнат нешто вредно и достојно за почит. Овојпат изговорот не може да ви биде дека не можеме да си приуштиме затоа што влезниците се скапи, со оглед на фактот што влезот беше без пари.

Прегратка до оние кои трпеливо штедат за концерт на омилениот бенд. Оние кои во компјутерот немаат турбо-фолк плеј листа за семејни прослави и ги збунуваат гостите со квалитетна домашна музика, рок, џез, добар блуз или парче класика.

И пресреќна сум што сум тука и сега, и што можам да ги слушнам сите убави песни, македонски и туѓи кои ме исполнуваат. Кои му даваат смисла на животот и нè обликуваат, мотивираат, кои ни помагаат да љубиме и нè осмелуваат да сонуваме.

Се прашувам дали вашиот музички избор ве поттикнува на вакви емоции и постапки?

И има ли музика таму каде што одиме после смртта?

Зашто ужасно ќе ми недостига.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11103 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.