Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Заборавени магични зборови
Мирисање оригами

Заборавени магични зборови

Домашното невоспитување денес оди многу подалеку од едноставна неупотреба на магичните зборови како добар ден, повелете, благодарам и молам.

Дефинитивно оди подалеку и од прекусите здолништа, безобразните сочни пцовки и невкусните шеги на сметка на сите останати што не сте вие.

Домашното невоспитување откри чист облик на простотилук и невидена злоба, што ме ужаснува и плаши. Признавам дека паѓам на добро воспитани луѓе, а ги среќавам се поретко. Чувствувам дека ќе станат загрозен вид кој треба да се заштити со закон.

Лошо однесување

Дали брзото животно темпо, нервозите, немаштијата или нешто сосем трето нè направија бескрајно агресивни, безобразни и просто злобни луѓе?

И во минатото се немало којзнае колку, па верувам дека секогаш можело да се најде помош и пријателска рака за поддршка. Или убав збор и насмевка во секое време.

Денес сме соочени со предизвикот – да бидеме луѓе. И не успеваме во таа мисија, паѓајќи на испитот со чиста петка.

Околу мене постојано забележувам безобразни луѓе на кои очигледно им се прави денот доколку расипат нечиј туѓ.

Додека стоиме на автобуската станица и го чекаме автобусот некои 10-тина минути, на девојката не ѝ ни паѓа на памет да си подготви пари за билетот. Тоа го прави откако ќе влеземе внатре, нервозно почнува да рошка по чантата и тогаш да пребарува низ паричникот. Несвесна за времето на сите останати го задржува редот, однесувајќи се со доза ароганција како да го ослободила Скопје. Или го поседува автобусот, во најмала рака.

Луѓето кои упорно чмаат на каса во супермаркетот и не си ги прибираат своите производи во кесата, ниту пак подготвуваат пари за плаќање во меѓувреме, чинам ќе горат во посебен круг во пеколот. Не ја сфаќам потребата да се однесуваш како мрзливо црево, затапено и несовесно кон туѓото време и нерви. Ниту пак потребата да ја одмеруваш касиерката со поглед кој го испитува нејзиното образование. Многу веројатно е дека има повисока диплома и од твојата.

Шалтерски работници, келнери, продавачи, чистачи, сите се ставени под инспекторска лупа и малтретирање од страна на господинот човек денес.

Не знам која е сатисфакцијата да премориш некого со бескрајни непотребни прашања, да го понижиш и навредиш и на крајот нечовечно и надмено да му го влепиш познатото – Па тоа ти е работа.

Не верувам дека нечиј работен опис опфаќа секојдневно соочување со исфрустрирани и невоспитани суштества, кои потребата да ја искажат својата големина и вредност ја истураат токму на овие групи на луѓе.

Не знам која е причината што имате така високи барања и стандарди насекаде (дали да нé запрепастите со вашата супериорна галантност, нашетаност, знаење или едноставно дома во палатата ви тече мед и млеко) и упорно прашувате дали кафето ви го подготвиле со полномасно или пак со немасно млеко. И кога демонстративно го враќате кафето и жестоко урлате врз кутриот понижен келнер како да ви ставил отров во чашата, се надевам дека сте задоволни сами со себе. Веројатно сте свесни дека тоа не е последното кафе кое ќе го испиете во животот и не сте осудени на смрт, па така ревносно да се потресувате за вашата последна желба.

Се надевам дека понижувањата, дрските погледи и навредите кои ги упатувате секојдневно на оној кој ви го продава весникот или ѓеврекот за појадок ве прават една посреќна личност.

Во секој случај, да бидеме на сигурно - за мене сте дрски, суетни, арогантни и невоспитани. Без тронка емпатија и човечност во себе.

Нелуѓе.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 10990 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.