Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Жените не се разубавуваат заради мажите...
Мирисање оригами

Жените не се разубавуваат заради мажите...

... тоа го прават за да им се одмаздат на другите жени! И тоа е голата вистина г-дин судија.

Општиот хаос во кој живуркаме е преплавен со концептот надворешна убавина. Грижата за себе и убавиот изглед ги надмина сите реални и нормални граници. Желбата да се биде привлечен и потребата за туѓо внимание прерасна во алчна и ненаситна болест. Понекогаш мислам дека се храниме исклучиво од туѓи мислења, вреднувања и комплименти.

Додека чекорам, чувствувам како безобразно и дрско ме оценуваат случајни жени минувачки од глава до петици. Им возвраќам со истата услуга, и јас се џарам како будала во туѓи чевли или чанта. Не знам што е поразлично од машките кои се обидуваат да ѕирнат во бујно женско деколте. Лично сметам дека ние жените сме уште побезобразно настроени ѕиркачки една кон друга.

Дотерани жени

Не знам што точно ни ја измести перцепцијата за убавина и како ја искачивме на пиедестал над сите други можни квалитети.

Боли фактот што цел живот се дотеруваме за други погледи и туѓи восхити. Ќе почнам да ја ценам надворешната убавина и сите ритуали на подготовка кога една жена ќе ми рече – се дотерувам лично за себе и притоа нема да ми изговори лага. Кога нема да размислува каков ефект ќе предизвика со новото фустанче врз другарките, дечкото, непријателката. Кога нема да е ловец на комплименти и зависник од туѓо вреднување на сопствениот изглед.

Опседнати сме со концептот убавина и ја постоветуваме со перфектно исправена кератинска коса, надградба на нокти, нецелулитно газе, бескрајно долги нозе и небесно сини очи како хероината од евтините викенд романчиња со благ еротски набој.

Што всушност е надворешната убавина на една жена ако не привидна, минлива и субјективна работа?

Како може половина и повеќе од животот да го посветиме на самоодржување, кога тоа неретко нè прави комплетно несреќни и ни создава стрес?

Не си го сфаќам сопствениот род, ниту себе и тешко ми е поради тоа.

На калдрмите одѕвонуваат високи потпетици, на кои да признаеме е прилично тешко да се одржи рамнотежа. Лежењето во солариумскиот ковчег е непријатно, а резултатот на презреано морковче поразувачки. Морници ме лазат од сите вештерски вештачки нокти и застрашувачки зборови како типсови, клипови, екстензии.

Се маринираме во тон шминки, ги лажираме килограмите со оптички мамки. Нека ме убеди некоја жена дека тоа го прави лично за себе, зашто така се чувствува поубаво и комфорно.

Ако. Сè се трпи за убавина, нели?

Се враќаме на почетокот и реалноста ми удира во глава – секој ќе ја одбере девојката со совршено тело, стегната и дотерана како новогодишна елка, а онаа „просечната“ ќе припадне во кошот симпатични.

Биди сигурна дека нема да изнудиш комплимент од колешката, по кој толку силно потајно копнееш, доколку бидеш обична, природна, своја.

Така умот, шармот, харизмата и насмевката станаа клише. Заради некое си тело и надворешна убавина со извртена перцепција.

Тоа е приказната. И ми се гади.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.