Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Кога ќе ти се случи зло, повеќе ја цениш добрината
Ловец на приказни

Кога ќе ти се случи зло, повеќе ја цениш добрината

Постојат многу примери кога некој или некоја се жени или мажи со утешна варијанта, а неретко од тоа да излезе и вистински избор! Најчесто тие поминале мачни врски со типови на луѓе што не знаат што сакаат. Ваквите маченици во наредниот партнер/ка наоѓаат спокој. Интересно е и како некои луѓе се помируваат со судбината и така го живеат целиот живот. Тоа е најчесто случај кога жената или мажот се вљубени до уши во некого, а потоа се „напуштени“ од човекот што го сакаат. Со следниот погоден партнер, ако најдат сигурност во него, подготвени се да свијат гнездо и на тој начин да најдат засолниште.

Љубов

Имам една пријателка која навистина страдаше во претходната врска. Премногу го сакаше момчето. Секогаш се шегувавме кога зборувавме за некого колку го сакаме. Таа знаеше да рече: „Единица мерка за сакање: фудбал ќе гледам заедно со него, и спортска ќе уплаќам, па ако треба и боса на жар ќе газам“. Но излезе дека фраерот не заслужуваше да го почеша по тилот, а не па да го разгалува до толку. Излезе нечовек! Врската ѝ беше мачна, со лаги и докажувања, со мамење. На крајот тој со друга, а таа го фати на дело. Тогаш нејзе конечно ѝ се запали сијаличката и ѝ се разбистри умот. Наеднаш сè ѝ стана јасно.

Долго време тагуваше заради тоа што беше повредена, измамена! Жената кога ќе ја измамат, едноставно не може да го прости тоа предавство, особено ако навистина вложувала во врската. Така и таа, се јадосуваше со месеци, сè додека не го сретна сегашното момче. Интересно е како новово момче беше фасцинирано од неа, ја гледаше без да трепне, го пратеше секој нејзин чекор и ја следеше секоја нејзина потреба. А таа, да не беше во таква состојба, не би го ни забележала, бидејќи тој е од оние повлечени типови, кои изгледаат неинтересно и на прв поглед досадно. Но тогаш сетилата ѝ беа вклучени, ги гледаше нештата на поинаков начин.

Мислам дека да не го сретнеше претходниот кретен, никогаш немаше да ѝ се случи момчево. Тие момчиња што до вчера изгледале неинтересно, оти биле премногу фини или повлечени, по лошата врска добиваат на вредност! Оти кога ќе ти се случи кретен, потоа едноставно ги одбиваш таквите примероци од себе, сфаќаш дека фините и едноставни момчиња се злато. Тогаш ваквите момци или девојки се на цена!

Познавам многу парови кои се резултат на утешна варијанта, а на кои бракот им се случил по некоја мачна врска. По ваков период, кога луѓето се измачувале со комплицирани личности, следната личност што ќе ја запознаат гледаат да не ги заморува многу, едноставно да имаат нормален однос. Некои повредени од претходниот партнер и никогаш не се потрудиле да најдат нов сопатник. Најчесто од страв да не бидат повредени, ќе избегнуваат партнери со кои се на исто интелектуално рамниште, ќе бегаат од моќни партнери, само за да не се чувствуваат загрозени. Но има една замка тука, што ако момчето или девојката ти даваат спокој, но интелектуално не си одговарате? Страшно е ако се случи обратна ситуација, ти да се претвориш во џелат од состојба на маченик. Бидејќи сите ние не сме кадарни секогаш да ја контролираме моќта што ја поседуваме врз некого.

Како и да е, другарка ми ќе се мажи и искрено многу сум среќна за неа, се надевам дека момчево не е утешна варијанта туку вистинското момче за неа. Животот во секој случај е убав со човек што те сака. Зошто кога ќе ти се случи зло, повеќе го цениш доброто.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10618 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.