Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Ах доење, колку ми недостигаш
За мајчинските работи

Ах доење, колку ми недостигаш

Пред неколку месеци заврши едно од најважните поглавја од книгата наречена „Мое мајчинство“ – доењето. Признавам, тешко ми падна.

Како вчера да беше кога плачев дури го ставав моето новороденче да цица. Се виткав од болка, обидувајќи се да не вреснам за да не го пореметам природниот процес кој сите го опишуваа како прекрасен, а за мене беше најболното искуство. Мислев дека никогаш нема да успеам да дојам и во моментите кога ги гледав крвавите брадавици и огромните тврди гради со затворени канали помислував да се откажам, ама некој внатрешен глас ми кажуваше дека сè ќе биде во ред. Така и беше...

Доење

Болното искуство одеднаш стана прекрасен сон на кој не можев да му се изначудам и од кој не сакав да се разбудам. Откритие кое ми го зголемуваше срцето од ден на ден и ме потсетуваше дека по дождот сепак иде сонце. Вредеше секоја солза и болка, секој проголтан вресок и секој денар потрошен на ланолин.

Не го сонувам тој сон повеќе. Еден ден, моето мало бебенце реши дека сака да порасне. Дека сече уште една „папочна врвца“ и започнува нова фаза во која јас имам сè помала улога, а тоа, поголема слобода.

Не сакав да заврши. Сакав уште да ја имам привилегијата да хранам еден живот, да јакнам еден организам, да зјапам ненаситно во едно мало лице обземено од задоволство и во тие очи кои ми велеа „Мамо, ми требаш“. Сакав малото раче уште малку да остане обвиткано околу мојот прст и да ме потсетува дека и најмалите знаат силно да сакаат. Сакав да се чувствувам корисна и знаев дека тоа е она што треба да го правам, најправилното.

Но, не сакав да го прифатам неспорниот факт дека времето лета и дека ова е само почеток на неговото растење. Дека ќе дојде ден кога ќе треба да ја пуштам неговата рака и да му ја дадам слободата да биде своја личност.

Доењето ми го промени животот, ми покажа колку моќ има женското тело. Тоа не само што е извор на нов живот, туку е и извор на најважната храна во животот на детето. Ми покажа дека имам способност која не сум знаела ни дека постои – да хранам цел еден живот 6 месеци. Цели 6 месеци едно суштество растеше молскавично САМО преку моето тело (Неверојатно, зар не?), за потоа, малку по малку, цврстата храна да започне да ми ја одзема мојата привилегија.

И еден ден „стоп“. Сè запре, а мене уште ми недостигаат тие денови.

Ми недостига тишината. Глувата тишина во доцните вечерни часови кога само лицето на моето малечко ѕиркаше на пригушеното светло во спалната соба, а јас го гледав со чудење. Моментите кога можев да му го слушам дишењето за да можам мирно да се потпрам на перницата.

Ми недостигаат ритмичните движења на малите рачиња и ноџиња на мојот стомак. Порано мислев дека само малите мачиња така цицаат од своите мајки, но најверојатно тоа е заеднички „рефлекс на задоволство“.

Ми недостигаат бебешките преспивања над мене. Оние слатки патувања во соништата со половична насмевка на лицето по обилен млечен оброк. Мама е најудобниот и најмекиот кревет. Во тие заспани моменти ми се чинеше дека сум во рајот – ангелче над мене, тишина и далечински управувач во раката. Супер комбинација.

Ми недостига мојата супермоќ инстантно да смирам едно расплакано лице. Мајките-доилки имаат многу скриени адути во ракавот, на пример да смират плачливо бебе за само една секунда. Да му дадат на своето чедо не само храна, туку и чувство на сигурност, увереност дека мама е тука и дека повеќе ништо лошо не може да се случи.

Ми недостигаат безбројните прегратки. Како што растат децата, така прегратките стануваат сè поретки. Додека доев ексклузивно, тие беа пречести, а потоа малку по малку стануваа како дијаманти – ретки, но скапоцени. Сега треба да го бркам моето сакано низ собата за да го прегрнам.

И најмногу ми недостига малото бебенце кое го доев. Го обожавам мојот немирко, но ми недостигаат деновите кога тој беше толку мал што можев да го држам само со една рака. А потоа, трепнав и тој веќе беше на нозе, разигран, палав, безгрижен и на пола висина од мене. Не сакам да трепкам повеќе, но сум свесна дека времето лета брзо.

Посакувам сите мајки да имаат млеко, да можат да ги дојат своите деца. Не им судам на тие што ќе донесат друга одлука. Нивно тело, нивна одлука. Едноставно пропуштаат, многу пропуштаат. Пропуштаат мигови кои никогаш нема да се повторат.

Доењето е скапоцено искуство. Ах, колку ми недостига!

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11163 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.