Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Со колку души имаш спиено пред мене?
Во земјата на чудата

Со колку души имаш спиено пред мене?

Прво што ми паѓа на памет како одговор на ова прашање е „А што ти е гајле?“.

Но, да бидеме искрени, верувам дека ова прашање ѝ било поставено на секоја од нас, барем еднаш во животот. Воопшто не е тешко кај нас да налеташ на балкански мажи на кои оваа информација им е од животно значење!

Прашање

Навистина не ги сфаќам мажите на коишто им е битно со колку сме биле пред нив. Дали се работи за љубомора, т.е. не можат ли да замислат дека девојка би можела да ужива со некој друг пред нив? Можеби во прашање е машкото его – како може некој друг да водел љубов со неа, па сега јас, таа треба да е моја и само моја! Дали ги боли ако сме имале повеќе партнери отколку што имале тие, бидејќи од некои причини сметаат дека треба да е обратно? Или можеби се чувствуваат загрозено поради тоа што им е страв дали ќе се „покажат“ како што треба ако имаат помало искуство? А можеби нејзиното искуство им влева несигурност, затоа што искуството би можело да значи дека таа знае што сака да добие в кревет, а тој можеби нема да може да ѝ го пружи. Не, не можам да сфатам. Ако може некој да ми објасни, ќе му бидам вечно благодарна!

Да биде уште потрагично, мажите на коишто им е важна бројката не се некои без минато. Тие правеле што сакале, го ставале кај им текне, ама нема врска, машки се, им личи. Сепак, нивната девојка треба да биде невина.

Навистина, какви очекувања имаат мажите кога ќе сретнат девојка на 20 и нешто или 30 години. Дека ќе ѝ биде прв? Дека немала живот пред него? Дека животот од него ќе ѝ почне? 

Верувале или не, познавам девојки, поточно жени веќе навлезени длабоко во 30-тите години кои биле прашувани за минатото на овие години. Една моја другарка за малку ќе се разведеше поради ова. Почнаа врска, многу брзо почнаа да живеат заедно, закажаа свадба, и тогаш почнаа испрашувањата. Не знам типот што чекаше неколку месеци, можеше фино лепо да ја испраша сè што му е од животно прашање уште на првиот состанок, а не откако се испозаљубија, па после да имаат кризи. Се запознаа на 31-32 години, а девојкава што е право имаше бурен љубовен живот пред да го запознае. Ама нејзин живот, нејзини одлуки. Типот не само што сакаше да знае колку се, туку и да ги знае по име и презиме. Па се опседна со нив, ги бараше по фејсбук, се распрашуваше за нив, без разлика што некои од нив биле во нејзиниот живот пред 10 години. И не само што ѝ префрлаше за бројката, туку и за луѓето. Следуваа муабети од типот „Како си можела да бидеш со овој?!?“. И за волја на вистината, иако решија да останат заедно, сега веќе се и во брак, при секоја караница типот ѝ го спомнува ова. Не само што ѝ го спомнува, туку ја нарекува со погрдни имиња затоа што во минатото имала повеќе партнери од него. 

Исто толку колку што не ги разбирам мажите на кои им е важна бројката, не го разбирам ни „промискуитетното“ однесување на младите. Не би ги ставила тука само девојките, не е важно дали се машки или женски. За мене сосема е во ред да имаш секс со некој со кого си во врска, макар и да било тоа врска од две недели, без разлика дали имаш зад себе 5, 10 или 20 вакви врски. Она што не можам да го разберам, а е многу застапено, се врските за една вечер. Кое е задоволството да имаш секс со некој со кого се познаваш 2 часа, а најверојатно ни името не му го знаеш?

И да не заборавиме дека во врските или сексот за една вечер, многу често воопшто не се користи заштита. Кога ќе навлечеш некоја сексуално пренослива болест ќе си ја чукаш главата, ама тогаш ќе биде доцна. Побогу, за твое здравје се работи. 

Секој си одлучува за своите постапки и секој понесува одговорност за своите постапки. Мој живот, моја одговорност. И здравјето, и бројките, сè е мое.

Затоа, следниот пат кога некој ќе те праша за бројката пред него, најубаво бегај подалеку затоа што најверојатно се работи за некој несигурен во себе. Или ако решиш да си ја пробаш среќата, барем кажи му дека си имала повеќе од еден, помалку од сто. Ако и понатаму инсистира, сепак бегај подалеку. Барем јас би постапила така.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10515 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.