Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Премолчени важни нешта
Во земјата на чудата

Премолчени важни нешта

Никогаш не сфатив зошто во нашата култура некои работи едноставно се премолчуваат, или уште полошо, се претставуваат поинаку, па кога ќе те снајде реалноста не знаеш што ти се случило.

Првиот таков шок за мене беше очекувањето дека кога ќе почнам да живеам со дечкото, домашните обврски ќе ги делиме 50-50. Еден ќе пегла, друг ќе мие садови, ќе ја светнеме куќата заедно и потоа ќе имаме повеќе време за љубов. Можете да замислите во каков шок бев кога сфатив дека и не е баш така, дека сепак од мене се очекува да се грижам за домаќинството, а она што сопругот го прави се смета како доброволна помош. 

Споделување

Поминав секакви фази додека дојдам до денешнава ситуација. Најпрво не средував ни јас, за да се собере таков хаос, што ќе мора да го средиме заедно. Како резултат на тоа, куќата ни беше постојано во хаос, а тој сепак средуваше минимално. Потоа се обидов да средувам сé сама – куќата ми беше како аптека, но темпото беше неиздржливо со сите активности кои ги имам. На крај се задоволив со тоа што јас ја вршам повеќе од 60% од работата, а тој се вклучува по потреба, но сепак сум среќна што и тоа го прави, бидејќи во спротивно не би издржала. Тој пак, не приговара ако е хаос дома, или пак ако немаме ручек. Во кратки црти, легнав на брашно дека јас ќе го работам поголемиот дел од работата, но ако потфрлам, нема да има дискусија. Од сегашна перспектива воопшто не би се жалела, мојот сопруг работи дома многу повеќе од кој и да е друг близок пример од мојата околина. Но јас влегов во заедничкиот живот со очекувања засновани на приказните од блиските, кои сé уште не знам дали се бајки или филмови.

Најголемото погрешно очекување ми беше поврзано за мајчинството. Поверував на приказните дека одгледувањето дете е многу убаво и лесно. Дека кога детето се раѓа ти веднаш развиваш мајчински инстинкт и ништо не ти е тешко. Дека мајчинството е прекрасно и исклучиво позитивно искуство. Дека кога бебето ќе заплаче, мајката веднаш знае што му е.

Реалноста е дека мајчинството е исклучително тешко. Мајчинскиот инстинкт и не се создава веднаш, туку потребно е време да се развие. Кај мене на пример тоа траеше околу 4 месеци – период во кој иако се грижев за бебето, некако го немаше оној мајчински инстинкт, грижата повеќе ја сфаќав како работа којашто треба да се заврши. Никој не рече дека ќе биде тешко. Никој не ми кажа дека нема да знам дали во моментот е ден или ноќ и дека осумчасовното спиење ќе ми биде само убаво сеќавање, кое толку ќе ми фали што ќе бидам доведена до лудило. Дека кога бебето ќе има грчеви, иако можеби ќе знам од што плаче, нема да можам да му помогнам, а тоа ќе трае со часови. Никој не ми кажа дека треба да заборавам на попладневниот одмор, дека веќе нема одмор, туку постојано има обврски околу бебето. Никој не ми кажа дека раѓањето бебе негативно ќе ми се одрази на сексуалниот живот – дека на крај памет нема да ми паѓа, барем не толку често како претходно.

Не би се смениле многу работи кога би ја имала реалната слика. Но би се сменила една многу важна работа, а тоа се очекувањата. Затоа, си ветив дека ќе зборувам. Ќе им акам на сите блиски сé што знам за бракот и децата, и по цена да не изгледаме како најсовршеното семејство, како оние со најубавите фотографии на фејсбук. Нека бидат подготвени за реалноста – тоа ќе им помогне многу повеќе да уживаат во неа.

Имам една молба до сите вас: зборувајте со луѓето околу вас. Кажете им ја вистината, колку и да мислите дека не е таква каква што би требало да биде. Зборувањето на вистината е бесценето.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10503 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.