Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » (Не)Доволно време поминато со децата
Во земјата на чудата

(Не)Доволно време поминато со децата

Откако станав мајка, постојано добивам осуди и од блиски и од не толку блиски дека не сум поминувала доволно време со децата. Постојано сум била на работа, децата ми ги одгледале дадилки, а реалноста е дека работам до 17.00 часот, и да, понекогаш морам да патувам, ама не којзнае колку. Сум добивала и „добронамерни“ совети да се вработам во училиште, за да имам повеќе време за семејството и домаќинството, се разбира, без воопшто да побарам каков и да е совет. Да бидам искрена, не секогаш овие критики ги примав рамнодушно. Веројатно, поради чувството дека навистина би сакала да бидам повеќе време со децата. А која мајка не би сакала? 

Семејство

Како што минуваше времето, почнав да сфаќам дека не е важно само физички да си присутна во иста просторија со децата, туку да поминуваш квалитетно време со нив. Во тие 2-3 часа јас не правев ништо друго, туку им бев целосно посветена на децата. Им читав, им пеев, им раскажував приказни, цртавме, боевме, правевме куклени претстави, го поминувавме времето така како што тие сфаќаа. Она што го сфатив откако малку пораснаа е дека иако моите деца со мене и сопругот поминуваа само 2-3 часа, а со дадилките по 9 часа дневно, за нив најважно беше она што ги учат нивните родители, а не дадилките или градинката. Не очекував дека родителите имаат толку големо влијание врз децата, но сфаќаш декa е така кога ги слушаш сопствените зборови како излегуваат од нивната уста, и сопствените постапки применети од нив.

Откако почнаа да одат на училиште, како и сите други, и јас ги запишав децата на воншколски активности. Сметав дека активностите се начин децата да научат некој спорт или некоја вештина, да се научат на дисциплина којашто спортот ја бара и да поминуваат време со врсници надвор од училишните клупи. Веројатно настапив преамбициозно, затоа што излезе дека секој ден имаат по некоја активност. Не им беше напорно, но активностите ни го намалија времето кое можевме да го поминуваме заедно. 

Иако упорно ги носев, резултатите многу ме разочараа. Повеќе од една година одеа на пливање и кошарка, а не научија убаво ниту да пливаат, ниту да играат кошарка. Знам дека за една година не може премногу да се научи, но резултатите навистина беа поразителни. Воопшто не знаеја да пливаат без помагала, а и за кошарката основни работи немаа научено. Од дисциплина немаше ни трага ни глас. Синот е малку попасивен, па ако не му се вежба, ќе си се тргне на страна и никој не бараше од него да се приклучи на групата. Ако не му се вежба, нека не вежба!

Не сакам да правам споредба со времето во кое јас растев затоа што е комплетно различно, ама тогаш барем се знаеше дека ако тренираш некој спорт, го знаеш. На секое дете му се посветуваше време, особено ако има потреба да му се дообјасни или помогне. За избегнување вежби не смееше да стане збор. Сега е сосема различно.

Размислувам да ги отпишам од сите активности и јас и сопругот да ги научиме сé што можеме. Сигурно ќе се заложиме многу повеќе од тренерите, а на децата ќе им останат спомени од времето коешто сме го поминале заедно, кога сме ги учеле да возат велосипед, да играат кошарка и фудбал, да пливаат и нуркаат, да зборуваат англиски, или пак да цртаат. Така уште повеќе време ќе бидеме заедно.

Верувам дека многу родители ќе се најдат во мојата приказна. Има многу кои се во постојана трка со времето, обидувајќи се да успеат да ги разнесат децата на сите активности коишто ги посетуваат, со идеја дека децата на тој начин ќе научат многу работи кои ќе ги изградат во подобри личности или ќе им обезбедат подобра иднина.

Децата растат, а времето не се враќа. Да поминеме повеќе време со нив, додека се сé уште заинтересирани да поминат време со нас. Кога ќе пораснат, веќе ќе биде доцна.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11173 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.