Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Негативната страна на македонштината
Во земјата на чудата

Негативната страна на македонштината

Пред неколку години работев за една странска фирма. Во фирмата традиционално се спроведуваше истражување за задоволството на вработените од работата и една година нашата филијала не само што имаше најнизок резултат во споредба со сите други од многу земји во светот, меѓу кои и земји што се во многу полоша состојба од нашата, туку имавме најнизок резултат што воопшто е постигнат откако се спроведува истражувањето, а тоа беше повеќе од 10 години.

Мислев дека менаџментот ќе се потресе, ама тие мртви ладни на странците кои ни ги пратија да видат што е проблемот им кажаа дека тоа не е ништо неочекувано затоа што Македонците се негативни по природа и често се жалат од многу работи, без да има реална потреба од тоа. Не ми падна право кога го слушнав тоа, но кога размислив малку подлабоко, сфатив дека за жал, барем до некаде се во право.

Комуникација на група луѓе

Настрана од случувањата во фирмата за која ја почнав приказната, во која навистина немаше ништо страшно и работата беше сосема солидна, на секој чекор има докази кои не потсетуваат на особините карактеристични за нашето поднебје.

Деновиве беше актуелна некоја категоризација на Македонија како најдобра евтина дестинација со гостопримлив народ. Одлична вест којашто можеме да ја искористиме како добра приказна. Ги читав коментарите под веста и меѓу другото имаше коментар од Македонец кој се жали од земјата, во смисла дека се живее мизерно, нема работа и се експлоатираат вработените кои успеале да дојдат до работа. Тотално нерелевантен коментар и сосема непотребен на тоа место. Наместо да ја воздигнеме уште повеќе Македонија и да се обидеме колку што можеме повеќе да профитираме од тоа, ние плукаме по неа. Што мислите, колку се платени и како живеат луѓето во врвните дестинации во светот? И колку туристите ги интересира тоа?

Да бидам искрена, и јас сама сум се фатила во слична замка – кога ќе ме прашаат странци за спомениците, иако се трудам да штедам критика, веројатно ликот ме издава, па колку и да е позитивно она што ќе го кажам, добива негативна конотација. А што да правам, и јас сум дел од македонштината.

Сте забележале ли дека ако некој успее во нешто, веднаш се слушаат коментари дека некој му помогнал за успехот, дека карактерот не му чини, дека успехот и не е толку голем колку што изгледа... Тоа е тој синдром „Да му умре козата на кошијата“ што ни е всаден во генот и не носи кон деструктивност.

И не е одвлекувањето на вниманието од позитивните и фокусирање на негативните работи единствена негативна страна на нашиот народ. Нивото на комуникација меѓу луѓето во Македонија заслужува најниска критика. Да ги земеме за пример коментарите на статии или форуми во САД и Македонија. Не сакам да правам никакви споредби помеѓу овие две земји, но „обичниот“ народ во САД не е ништо попаметен од народот во Македонија. Само е многу покултурен. Додека на странските форуми луѓето од една држава главно си ја фалат државата, кај нас задолжително, уште во првите пет коментари се наоѓа некој кој плука по неа. Ако некој даде свое мислење на странските форуми, се јавува дискусија која се одвива на културно ниво, со противаргументи. На нашите форуми веднаш се почнува со навреди и омаловажување од најнизок облик.

Не знам од каде е тој порив за навреди и омаловажување. Дали се преценуваме, па сите други ни се чинат глупави и навистина мислиме дека немаат поим од ништо? Што мислиме дека ќе постигнеме со таквата комуникација? Подобар ефект отколку ако со најнормален тон некому кажеме дека не се согласуваме со неговото мислење? И гледајќи ја комуникацијата на нашите сајтови и форуми се прашувам дали така се комуницира и „во живо“ или само зад скриен идентитет, кога имаме можност да се испразниме од фрустрациите и никој да не знае дека сме ние?

Она што за мене е најголема мистерија е – како ние се чувствуваме по таквата комуникација? Дали се чувствуваме убаво затоа што некому сме му го упропастиле денот? Нема ли да ни биде на сите многу поубаво ако комуницираме културно, со почит кон другите? И како би било да се обидеме да не ги изнесуваме нашите фрустрации онаму каде што сигурно нема да добиеме помош, туку само може да направиме штета?

Мислам дека за промена добро би било да се потрудиме да бидеме попозитивни. Да се обидеме, и сами да ја увидиме промената. За наше добро.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11052 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.