Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Неверство: случајно или намерно
Во земјата на чудата

Неверство: случајно или намерно

Неверството е стара, премногу експлоатирана, но и вечно актуелна тема.

Сигурно сте ја слушнале познатата изрека: „Не се јаде грав секој ден“. Најчесто сум ја слушала од мажи кои сакаат да убедат некоја жена која се колеба на неверство, или пак ја користат за оправдување на сопствените постапки, т.е. неверството. Мојот најчест одговор е дека не е секое јадење грав. Јас на пример би можела да јадам шпагети секој ден до крајот на животот. Тоа е јадење по мој вкус, коешто никогаш нема да ми се здосади. Особено што го консумирам секогаш различно зачинето, што му дава нова, поинаква перспектива.

Неверство

Има една група луѓе кои се зависници од изневерување. Се водиш по некое извитоперено разбирање на поговорката „Земи сé што ти дава животот“ и изневеруваш секогаш кога ќе ти се укаже можност, без воопшто да бираш со кого. Едноставно преовладува животинскиот нагон, без никакво вклучување на свеста и совеста.

Лошата вест е што има многу вакви луѓе, и тоа на најразлична возраст. Ќе излезе во град без партнерот, и се пушта по сé што е од спротивниот пол. Ако не при првиот обид, ќе успее во текот на ноќта. На ваквите типови мажи и жени рај им е работа кај која често се патува и има сместување по хотелски соби. Ги имаат сите удобности и можност да запознаат некој сличен на нив.

Добрата вест е тоа што најчесто овие луѓе се такви отсекогаш, па не е многу тешко да ги препознаете. Ако увидите дека се случува, дека се склони на изневерување, тогаш воопшто не се надевајте дека ќе се вљуби во вас и ќе се промени, туку бегајте подалеку. Ако сепак завршите со ваков човек, и покрај тоа што знаете за оваа „мала“ маана, нема поента да се жалите и да ја оплакувате сопствената судбина, изборот е ваш.

Има и друг тип на луѓе, кај кои неверството означува нов почеток, со нов партнер. По извесно време брак или врска се вљубуваш во некој друг, се разделуваш од претходниот, и продолжуваш со новиот. На почеток сепак се работи за неверство, иако почнуваш нов живот, претходниот партнер е многу повреден од тоа што му се случило. Особено што веројатно сте имале голема слобода од поранешниот партнер, која сте ја злоупотребиле. За тебе можеби е во ред новиот почеток, но партнерот ќе биде малку повеќе оштетен и ќе му треба повеќе време повторно да ја стекне довербата во спротивниот пол.

Има и една група луѓе кај кои неверството се случило случајно, неплански, но продолжува и трае. Најчесто се случило со човек со кого чувствуваат голема привлечност. Најпрво не мислеле да направат ништо, но во одреден момент покажале слабост, и се случило.

Вообичаено моментите на слабост се случуваат кога имаш проблеми на друг фронт – чувствуваш запоставеност од партнерот, имаш проблеми на работа или се соочуваш со премногу обврски. Во една таква стресна и безизлезна состојба наоѓаш некој кој е подготвен да те ислуша и од некого го добиваш целото внимание на светот. Лесно е да се вљубиш, се разгорува страста, а тоа ти помага со леснотија да ги завршуваш сите обврски.

Станува премногу добро за лесно да се откажеш од тоа. Целиот ден и целата енергија ти се посветени на тоа како и каде треба да излажеш, за да успееш да се видиш со љубовникот, а да не те фатат. Лажеш дома, на работа, секаде, но тоа не е важно, важен е тој половина час во денот, или тие два часа неделно, кои те полнат со живот и ти даваат лесно да се справиш со сите обврски.

Освен силната страст се развива и голема взаемна љубов, којашто те поттикнува да продолжиш да живееш двоен живот исполнет со лаги во еден негов дел. Но, во еден мал дел те обземаат чувства какви што никогаш претходно немаш почувствувано, барем не со таков силен интензитет. Тогаш неверството трае со години. А ако не се работи за вистинска љубов, ќе престане побрзо, но сепак ќе трае значително помалку.

Зошто едноставно не се разведам и не почнам нов живот со љубовникот? Затоа што и покрај сé го сакам партнерот и не сакам да се разделам. Уште повеќе или можеби само поинаку ги сакам децата и сакам да им овозможам убав семеен живот, без трауми кои понатаму ќе им се одразат. На сè ова, дополнително имам и љубовник, и можам да уживам во сé... додека не ме фатат. А можеби тоа нема никогаш да се случи. Иако реалноста е дека најчесто се случува.

Единствениот лек за ваквиот тип на неверство е неговата превенција. Сакајте ги вашите партнери, укажувајте им внимание и по 5, 10, 15 години врска, и кога ќе имате 50, 70 или 90 години. Покажете разбирање за работата на другиот, помагајте си околу заедничките обврски, почитувајте ги родителите и пријателите на другиот и потрудете се да му посветите внимание на другиот како што тоа сте го правеле на почетокот на врската.

Драги луѓе, ова не го пишувам да го оправдам неверството. Неверството не може да се оправда. Но за да се спречи, треба да се разбере. Прво, секој треба да тргне од себе, и во момент на слабост да размисли дали неверството навистина вреди. Одговорот е очигледен.

Но треба да размислиме и за врската со нашите партнери. Дали на партнерот му посветуваме внимание како на почетокот? Дали покажуваме разбирање и поддршка за работите кои му се важни? Дали партнерот добива сé што му е потребно од мене?

Одам јас да го опсипам со љубов мојот! Не затоа што ми е страв од неверство, туку затоа што тој го заслужува тоа!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11158 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.