Во земјата на чудата

Мамо, пушти ме!

Ќерка ми прв пат излезе низ врата без да ја држам за рака кога имаше 6 години. Отиде сама до кај соседите кои живеат три куќи подолу. Син ми има шест, но сé уште не сум го пуштила никаде сам - сé уште не ми изгледа подготвен да ја надмине фазата на држење за рака.

Звучи страшно?

Страшно е, особено кога ќе се сетам дека јас на шест години редовно одев сама на училиште, преминувајќи преку една од најозлогласените скопски улици. Сама се враќав со клучот на врат и седев сама дома додека моите се вратат од работа. Повремено сама преминував преку булевар, кога требаше да купам нешто од „Славија“, а другарка ми одеше во музичко училиште сама со автобус од прво одделение. 

Зошто повеќе не е така?

Ова прашање сум си го поставила милион пати. Дали времето е навистина сменето или пак сами си правиме притисок без никаква потреба? Веројатно се работи за некаква лоша комбинација од двете. Безбедноста насекаде е многу помала од времето кога ние бевме деца, но и многу повеќе информации ни се достапни од порано и слушаме за сите неубави работи кои им се случиле на многу деца. Можеби и претходно се случувале, но не сме знаеле.

Мајка и дете

Не се гордеам со тоа, но мене ми е страв моите деца да ги пуштам некаде да одат сами.

Страв ми е од трговија со деца. Знам дека и претходно постоела, уште кога јас бев мала ми кажуваа да не си играм на некои озлогласени места, затоа што таму краделе деца. Но сега има толку информации за тоа, што кога и да донесам одлука дека ќе почнам да ги пуштам да одат сами в училиште... некоја информација за немил настан поврзан со некое дете ќе ми го попречи патот и ќе се премислам.

Страв ми е и од денешниот сообраќај, иако моите деца немаат којзнае колку страшни улици за поминување, во споредба со оние од моето детство. На уличката каде што живеам не можат да се разминат два автомобили без едниот да се качи на тротоар, а не знаете која брзина се развива тука. Наутро, вработените од една институција во близина брзаат на работа со единствена цел да не задоцнат бидејќи треба да се „откуцаат“, па може да им скратат 30% од плата. Истовремено, децата одат на училиште и тоа по крајот на улицата, бидејќи на тротоарите има паркирани возила. Беспредметно е да споредувам детски живот со 30% од плата.

Страв ми е и од педофили, психопати и други болни умови кои слободно шетаат по улици. Се сеќавам дека лекцијата којашто јас ја добив беше дека со непознати не се разговара, но се сеќавам и дека воопшто не разбрав зошто. Како да му објасниш на седумгодишно дете дека има секакви луѓе од кои мора да се држи на страна, без притоа да завлегуваш во детали кои би можеле да го трауматизираат детето? Знам дека постоеле и порано, но сепак не сме добивале толку информации. И не само што ние добиваме повеќе информации кои придонесуваат да се освестиме за големиот број болни умови, туку достапните информации најверојатно и ним им помагаат да најдат свои идоли или начини на правење гнасни дела.

Од друга страна, децата мора да се осамостојуваат. Не сакам да создадам паразити кои биле толку многу заштитени како деца, што никогаш нема да станат комплетно независни. Луѓе кои нема да знаат да разликуваат добро од лошо затоа што секогаш имало кој да им го покаже патот. Луѓе кои не знаат да расудуваат со сопствена глава. 

Сите што ги познавам сум ги прашала кога почнале да ги пуштаат своите деца да одат сами на училиште, или да шетаат низ населба, или да излегуваат во град. Одговорите се различни и не ми помогнале да донесам одлука, барем до сега. Секогаш кога ќе одлучам да ги пуштам сами, ќе слушнам нешто што ќе ме поколеба.

Сакам да имам независни деца кои знаат да разликуваат добро од лошо. Сакам да ги пуштам сами, сакам да бидат независни, но едноставно страв ми е. Знам, не треба да се мисли на најлошото, ама веројатно тоа си доаѓа во пакет со станувањето родител. Понекогаш се прашувам што е проблемот, зошто се однесувам како да сум единствената мајка на светот, како никој друг да ги нема овие грижи. Зошто вака размислувам и од каде оваа огромна желба да ги заштитам од светот? Но не знам дали можам поинаку да размислувам. Кога и да решам дека е време, ми доаѓа мислата дека ако нешто се случи, никогаш не би си го простила тоа.

Не се гордеам со тоа, но страв ми е. И сé уште не знам кога ќе биде вистинското време да ги пуштам сами. Не мислев дека толку е тешко да се биде родител!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11587 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.