Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » „Како те запроси?“
Во земјата на чудата

„Како те запроси?“

Приказните за запросувањето станаа многу актуелни. Речиси секој ден на порталите или на телевизиските канали се пласира нова приказна за некое невообичаено запросување, дали од Македонија, или пак од странство.

Се смислуваат најразлични спектакуларни изненадувања – од запросувања на концерти или спортски натпревари, на микрофон, пред целата публика, до флеш мобови или танцови точки заедно со најдобрите пријатели на главните ликови. 

Идната невеста најчесто толку е изненадена што не знае што да изусти, почнува да рони солзи и да се бори за здив. Се случува и да просведочиме реакции на невести кои не покажуваат никаква возбуда. Небаре одговара на прашањето „Сакаш да одиме на вечера“ или нешто слично, секојдневно. 

Предлог за брак

Мене ми е малку тешко да ја разберам потребата од вакво јавно запросување. Која е поентата да ја прашаш девојката дали ќе се омажи за тебе од бината, кога таа седи таму некаде во претпоследниот ред и ти требаат 15 минути да стигнеш до неа. И што ако на настанот присуствуваат уште 10.000 или повеќе луѓе кои не ги познаваш? Со нив ли ќе ја делиш среќата (или тагата, во случај девојката да не го прифати предлогот)? Зарем не треба тоа да е интимен момент на момчето и девојката?

За мене и самиот термин запросување е спорен. Ми доаѓа како момчето да ја „проси“ девојката. И нека не е запросување, да го земеме „барање“ како алтернатива, пак е исто. Момчето очекува девојката да му биде дадена како некоја милостина. Па ако ја добие добро, ако не – ќе бара друго решение. Иако најпрецизен термин би бил „предлог за брак“, не е доволно одомаќинет кај нас. Барем јас не сум слушнала некоја девојка да каже дека момчето ѝ предложило брак. Сите што ги познавам или ги запросиле, или ги побарале. 

Има и „ретро“ типови, кои прават спој на традиционалното и современото запросување. Прво оди кај таткото на девојката и од него ја бара „раката на неговата ќерка“, или со други зборови бара благослов за да ѝ предложи брак на саканата. Откако ќе добие благослов, најчесто без знаење на саканата, тогаш ја бара за жена на некој повеќе или помалку спектакуларен начин. 

Кај запросувањето, иницијативата доаѓа строго од машка страна. Во врска се неколку години, имаат услови за брак, но се чека на момчето да ја побара. Се разбира, таа никако не иницира разговор за брак, иако потајно се надева дека предлогот ќе падне на секој заеднички викенд, одмор, или друг заеднички момент кој има потенцијал. Пред да отидат на заеднички викенд, другарките типуваат дали ќе ја побара токму сега, на овој викенд, и се обложуваат кога ќе падне предлогот. 

Еден ваков пример сретнав минатиот пат кога бев на фризер. Девојката не сакаше да се шиша многу, бидејќи ако момчето ја побарало за жена, сакала да има подолга коса, за да може да си ја направи замислената фризура. Инаку девојката имаше долга коса, а спорното кратење беше дури два сантиметри од должината, кои инаку ѝ беа како метла.

Најинтересен случај ми се запросувањата после неколкугодишен заеднички живот. Тие веќе живеат заедно со години, имаат безброј заеднички планови, но кога ќе ја побара, случката се прераскажува со невиден жар, како да се работи за најголемото изненадување на векот. 

Но, уште поинтересни се странците. Имам една пријателка од Шведска, која доби предлог за брак од момчето откако веќе неколку години беа во брак и имаа едно дете. Не можам да ви опишам колку беше возбудена. Јас се изначудив, но ми стана појасно откако ми кажа дека никој од нивните браќа и сестри не е во брак, иако сите имаат деца со партнерите. 

Имајќи ја предвид брзината со која присвојуваме обичаи од запад, којзнае што ќе се случува кај нас по неколку години. Ако нашите родители одлучувале да стапат во брак во разговор, а ние имаме цели сценарија за запросувањето, што ли ќе прават нашите деца кога ќе им дојде време?

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10610 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.