Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Каде отиде хуманоста?
Во земјата на чудата

Каде отиде хуманоста?

Пред некој ден одејќи по улица се препнав и паднав. Се испружив колку што сум долга и си ги раскрвавив колената. Чантата и листовите што ги носев во раце ми се расфрлија на сите страни. Станав, ги истресов рацете и облеката и продолжив. Првиот миг кога останав сама прснав да плачам - не поради болката во колената, туку поради тоа што никој од луѓето кои поминуваа покрај мене кога паднав не застана да ме праша дали сум добра и да ми помогне да си ги соберам работите. Сè што успеав да слушнам беше кикотењето на луѓето од кафулето покрај кое поминував кога паднав. 

Низ глава ми вртеше само едно прашање: Каде отиде хуманоста?

Зарем не треба да му помогнеш на човек кога има некаква незгода? Што треба да ни се случи да се потсетиме дека ние не сме центарот на светот? 

Хуманост

Секој некаде брза, и не сака да одвои ниту минута од своето драгоцено време да помогне некому. Без разлика дали е тоа стара бабичка којшто не може да си ја однесе дома кесата од пазар, или пак мајката со дете со количка којашто се обидува да влезе во автобус, или можеби некој, како мене, кому од невнимание или пак „совршено мазните“ улици и тротоари му се случило да падне.

Веројатно треба да се најдеме во таква ситуација, за да сфатиме колку значи да добиеш мала помош тогаш кога ти е потребно. А којзнае дали ќе помогне и тоа – другата крајност е да си речеш – мене никој не ми помогна, па зошто сега и јас да помогнам некому?

Ова се најмалку значајни примери. Ако во вакви ситуации нема хуманост, тогаш што останува за посериозни ситуации, кога некому и животот му е загрозен?

Живееме во време кога споделувањето информации се одвива со брзина на светлината. Често гледам објави на фејсбук дека некому му е потребна помош, но многу почесто гледам објави дека на некое животинче му треба помош. Иако навистина многу ги сакам животните, за мене фактот што објавите за животните предизвикуваат поголемо внимание од оние за луѓето е поразителен. И грижата за животните е благородна, но ако грижата за животните ја ставаме пред грижата за луѓето, тоа е јасен показател дека човечкиот род оди во пропаст, без ни грам хуманост и без никаква меѓусебна доверба.

Во време кога можеме да дознаеме дека некому му е потребна помош побрзо од кога и да е и брзо и лесно да донираме средства, кога ќе слушнам колкава сума била собрана, ми станува јасно дека бројот на луѓето коишто посегнале по својот мобилен телефон и донирале 100 денари и не е толку голем. Многу е поголем бројот на луѓе кои одлучиле своите 100 денари да ги дадат за нескафе на Кеј или Улица Македонија.

Навистина, да размислиме, кога последен пат сме се откажале од некое „разгалување“ со цел да помогнеме некому?

Ако не некому што паднал на улица, тогаш можеби на некој кој останал без покрив над главата, некое дете или пак возрасен човек кому животот му зависи од некоја итна и многу скапа операција како резултат на повреда, или некое бебе кое се родило со некој здравствен проблем. 

Не мора да помагаме од добродушност, можеме да им помагаме на луѓето на кои им треба помош од сосема себични причини: ако сите сме похумани, ако сите повеќе си помагаме, тогаш во иднина ако и нам ни затреба помош, ќе има кој да ни помогне. Зарем не би се чувствувале подобро и посигурно кога би знаеле дека ако имате некаква неволја, сепак ќе има кој да ви помогне? Зарем не би ги поминувале деновите поспокојно кога би знаеле дека имаме на кого да се потпреме?

Има многу примери кои докажуваат дека хуманоста е исклучително важна. Да се потсетиме само на еден од нив – пред 50 години, кога Скопје доживеа катастрофален земјотрес. Да не беше помошта од луѓето низ целиот свет, обновата ќе одеше многу потешко, а претрпените загуби ќе беа многу поголеми.

Некои битки во животот тешко се водат без помош. 

Да помогнеме, за да ни помогнат.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9469 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.