Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Денешната младина
Во земјата на чудата

Денешната младина

Ех, денешната младина... не е како во „наше време“. Сигурно сите сме ја слушнале оваа фраза безброј пати. Иронично е тоа што не ја кажуваат само постарите, туку и многу голем дел од самата младина. 

Најголемиот проблем на денешната младина се изгубените вредности. Ако некогаш чесноста и трудољубивоста беа клуч за успехот, денес тие не значат ништо. Или пак значат дека мора да си многу наивен ако мислиш дека ќе постигнеш нешто во животот со вакви особини. 

Идеалите на денешната младина се парите и моќта, а за најуспешни се сметаат оние кои најлесно и најбрзо успеале да стигнат до нив. Ако некогаш доктор беше една од најпрестижните професии, денес тоа е директор. Оваа „професија“ нема никаква врска со вложениот труд, вклучувајќи го, се разбира, и времето вложено во учење. 

Млади луѓе

За голем дел од денешната младина под успешна девојка се подразбира стегната плавуша со пеглана коса, штикли од 12 сантиметри и миниќ што е лесно да го помешаш со каиш. На сликите на фејсбук најчесто е со дакфејс, нападна шминка и деколте што повеќе открива отколку сокрива. Нејзините другарки постојано и коментираат како таа е најубава, а заедно со нејзиниот дечко се најубав пар.

Нејзиниот дечко има бесен автомобил, напумпани мускули и златен ланец. Како што секој разумен човек би претпоставил, автомобилот и ланецот му се заработени со „сопствен труд и чесна работа“. Со оглед на тоа што не знае да состави проширена реченица, секој втор збор му е пцовка или некој друг недоличен збор. Многу добро има совладано една од поважните животни лекции „Кај што има сила, нема правдина“ и таа му е движечка сила во животот.

Кога пример за успешни луѓе ни се полуписмени рекетари кои сигурно дека не успеале со труд и учење, како очекуваме денешната младина да има почит кон професорите или воопшто кон училиштето? И така нема ништо корисно да научат, туку само си го губат времето, наместо да си уживаат во безделничењето. Најкорисното училиште е уличното, каде што учиш како да преживееш, а за понапредните, како да станеш богат и моќен.

Најчесто непочитувањето не ги амнестира ниту родителите. За волја на вистината, родителите и не би требало да бидат амнестирани, затоа што најголемиот дел од вината е токму нивна. Тие се одговорни за воспитувањето на младите, а денешната младина е таква каква што е затоа што нивните родители не посветиле доволно време и труд во воспитувањето на нивните деца.

Сепак не е фер вината да падне само врз нив, кога и тие самите којзнае како се снаоѓале во едно лудо време, наречено транзиција. Можеби немале доволно време за своите деца бидејќи се обидувале да спечалат, за да им обезбедат подобра иднина. За жал, не верувам дека тогаш им било познато дека минималното присуство на родителите во животите на деца ќе предизвика толку голема штета. 

Денешната младина е само одраз на времето во коешто живееме и тие можеби го имаат најмалиот удел во вината. Но тоа не значи дека и тие треба да се амнестираат од овој проблем. Мора сите заедно да се бориме против изместените вредности, затоа што само така може да очекуваме некаков напредок.

За жал, се почесто се прашувам дали во оваа фаза воопшто можеме нешто да промениме или можеби веќе е предоцна. Оние кои ги прифаќаат новите „вредности“ се обидуваат да ја следат новата дефиниција на успехот, а оние кои не можат да се вклопат, или се трудат да преживеат во дадените услови, или најчесто излезот го гледаат во напуштање на државата.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10615 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.