На трибините
Во земјата на чудата

На трибините

Жените сè повеќе се присутни на спортски натпревари. Ако пред дваесет години – кога мојот постар брат ме носеше со себе да му правам друштво – претставничките на понежниот пол во публиката едвај се броеја на прсти, сега веќе жените се речиси половина од публиката. И има зошто – згодни момци на теренот, атмосфера која качува адреналин, и катарза.

Иако генерално не сакам да бидам иронична, денес ве предупредувам дека не можам да бидам поинаква, под импресии од луѓето на трибините околу мене на последниот натпревар што го гледав, помеѓу Металург и Силкеборг. Различни луѓе, од различни места, на различна возраст, а сепак имаат толку заеднички карактеристики и од нив многу може да се научи. Има некои непишани правила кои забележувам дека често ги практикуваат, па сакав да ги споделам – верувам дека ќе им бидат од корист на оние кои не се често на трибините, но ќе ги освежи и оние кои редовно се таму.

  • Кога играчите на противничкиот тим ќе излезат на теренот, задолжително исвиркајте ги. Никако не пропуштајте да ја исвиркате и химната на противничката репрезентација и тоа толку силно, да не можат ни самите играчи да ја слушнат. На противничките играчи уште на самиот почеток мора јасно да им се стави до знаење со кого си имаат работа!
  • Пред натпреварот, особено ако е во попладневните часови, не ја пропуштајте можноста за ручек да јадете лук. На трибините има неколку илјади луѓе, секакви вируси има, а лукот е познат природен антибиотик. Затоа лукот мора задолжително да се консумира. И тоа треба да внимавате и на количината – што повеќе, тоа посигурно. Се разбира, ова не важи само за спортски натпревар, туку и за концерт, или кој било друг настан што се одвива на затворено. Што е сигурно – сигурно е, здравјето пред сè!
  • Кога сте на натпревар, си имате седиште кое си е ВАШЕ, и можете да си седите и да се однесувате како сакате. Тотално е неважно дали седите исправени или поднаведнати и дали гледачите околу вас можат да го следат натпреварот од вас или не. Па што сте вие криви што купиле карти за седишта од кои полошо се гледа? Што не си купиле порано, или што не си одбрале поубави, ако веќе толку им било до натпреварот? Важно вие да си го проследите, па за другите вие ли ќе мислите? Големи се, нека си мислат сами!
  • Додека трае натпреварот, особено ако има некоја интересна ситуација, не пропуштајте ја можноста да ги замолите оние кои седат зад вас да ве сликнат и фотката веднаш ставете ја на Фејсбук. Сте направиле веќе чек-ин, ама да се стави и фотографија додека трае натпреварот е вистинското нешто. Којзнае колку лајкови ќе соберете!
  • Кога одите на спортски натпревар, задолжително набавете од навивачките труби, за да можете соодветно да ги бодрите нашите натпреварувачи. Трубата нека ви биде постојано во рака и задолжително свирете на најмногу две минути. Кога ќе дувате во трубата, спуштете ја надолу, кон ушите на гледачите кои седат на седиштата под вас. Можете да замислите колку ќе им се качи адреналинот кога ќе го слушнат звукот на навивачката труба до своето уво, и уште пожестоко ќе почнат да навиваат!
  • И за крај, кога ќе заврши натпреварот, уште еднаш покажете почит кон противниците и исвиркајте ги. Во спротивно тие би се почувствувале запоставени, како да не постојат кога го напуштаат теренот. Не заборавајте, почитта е основа на спортот и мора постојано да се изразува!

Звучи познато? Верувам дека многу од нас биле во некоја од овие ситуации, како директни учесници или набљудувачи. Се надевам дека следното влегување во сала ќе помислиме на една од основните состојки во спортот: почитта!

Се гледаме на трибините!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 12%
  • 27%
Се испраќа...

(Вкупно: 6032 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?