Почетна » Здравје » Интимно » Најчести проблеми поврзани со менструацијата и нивни решенија

Најчести проблеми поврзани со менструацијата и нивни решенија

За најголем дел од жените, менструацијата е најпроблематичниот период од месецот. Проблемите, кои можат да бидат од различен карактер, започнуваат уште со појавата на првите симптоми на ПМС (предменструалниот синдром) и продолжуваат за време на менструацијата.

Жена со менструални болкиЖените кои редовно вежбаат имаат послаби болки во стомакот за време на менструација, а пушењето ги влошува болките

Па, продолжете да читате и вооружете се со информации за да бидете подготвени наредниот пат кога менструалните проблеми ќе нападнат.

  1. ПМС (предменструален синдром). Со овој термин се опишуваат редица физички и емоционални симптоми кои се појавуваат една до две седмици пред почетокот на менструацијата. Кај над 80% од жените се појавува барем еден симптом. Симптомите, кои во одредени месеци можат да бидат поизразени, се најразлични и вклучуваат: проблеми со спиењето, замор, напрегнатост и вознемиреност, подуеност на стомакот, чувствителност во градите, појава на акни, болки во стомакот итн. Еве едноставни решенија на некои од најчестите симптоми на ПМС:
    • Подуеност на стомакот и градите, чувствителност на градите, зголемување на тежината. Овие симптоми се појавуваат основно поради задржувањето на вода во телото, што е типично за ПМС.

      Решение: Прво и основно треба да внимавате на исхраната. Во овој период избегнувајте ја мрсната и солената храна, како и консумацијата на кофеин и алкохол. Внесувајте 200-300mg магнезиум дневно, затоа што магнезиумот помага за намалување на задржаната вода во телото. Исто така, примајте 1200mg калциум и Б-комплекс.

    • Проблеми со спиењето. Поради зголемената вознемиреност и напнатост, многу жени имаат проблеми да заспијат непосредно пред менструацијата или за време на менструацијата.

      Решение: Направете си чај од камилица и/или топло млеко. Засладете ги со мед и веднаш ќе се почувствувате подобро. Освен тоа, можете да капнете 1-2 капки масло од лаванда на перницата или да се намачкате со мала количина под ноздрите.

    • Појава на акни. И тука исхраната е најлесниот начин за справување со проблемот.

      Решение: Консумирајте храна со низок гликемиски индекс, а избегнувајте ја мрсната храна. Сепак, ако имате сериозни проблеми со акните за време на ПМС, најдобро е да се обратите на дерматолог.

  2. Болки во стомакот. Менструалните болки се појавуваат во долниот дел на стомакот. Кај некои жени болките се слаби, но има жени кои не можат да ги извршуваат секојдневните обврски поради силните болки во стомакот и/или во долниот дел на грбот.

    Што да правите? Намалете ја консумацијата на млечни производи и месо. Навистина млекото е богат извор на калциум, којшто помага при олеснување на симптомите на ПМС, но ако имате поголеми проблеми со стомакот, тогаш најдобро е калциум да внесувате преку брокули, спанаќ, кинеска зелка, житарки. Кога ќе се појави болката, истуширајте се со топла вода и ставете топло перниче или шише со топла вода на стомакот. Исто така, добро е да се движите. Жените кои редовно вежбаат имаат послаби болки за време на менструација. Од друга страна, пушењето ги влошува болките.

    Кога треба да посетите доктор? Болките во стомакот се нормални, но ако се многу интензивни и траат подолг период, направете консултација со доктор. Треба да се посомневате дека постои некаков проблем ако:

    • болката се појавува една недела или повеќе пред почетокот на менструацијата;
    • болката трае подолго отколку вашата менструација;
    • болката е премногу силна.
  3. Желба за консумирање на одреден тип храна. Менструалниот циклус влијае на тоа каква храна сакате да консумирате. На почетокот на менструалниот циклус, телото губи вода за време на крварењето и поради тоа повеќето жени во овој период се склони да консумираат солена храна. Во текот на втората фаза од месечниот циклус (лутеинската фаза) нивото на хормоните опаѓа и копнежот за консумирање на слатка храна се зголемува.

    Што да правите? Јадете 5 пати на ден – 3 големи оброци и 2 мали ужини. Најголем дел од храната што ја консумирате треба да биде овошје, зеленчук и житарки. Така ќе успеете да го одржите стабилно нивото на шеќер во крвта и да го намалите копнежот за неконтролирано консумирање на мрсна и слатка храна.

  4. Нередовна менструација. Менструацијата најчесто е нередовна во првите неколку години по нејзината прва појава. Но, честопати се случува да се појави задоцнување на менструацијата или прескокнување на една менструација. Причините за тоа можат да бидат најразлични: драстични промени во телесната тежина (слабеење или дебелеење), многу интензивна физичка активност (најчесто кај спортисти), стрес, промена на локацијата на живеење, патување, синдром на полицистични јајници, проблеми со тироидната жлезда, други болести како туберкулоза, дијабетес и болести на џигерот (иако ова се случува поретко), хормонални проблеми, доење и се разбира, бременост.

    Што да правите? Првото нешто што треба да го направите ако сте сексуално активни и ви доцни менструацијата, е да направите тест за бременост. Многу е важно да ја одржувате телесната тежина и да го намалите стресот во вашиот живот. Исто така, никогаш не претерувајте со вежбањето.

    Кога треба да посетите доктор? Ако се работи само за задоцнување од неколку дена, најверојатно не треба да се загрижувате затоа што менструалниот циклус се влијае од многу фактори и некогаш може да биде подолг. И прескокнувањето на една менструација најчесто не е знак за проблем. Но, ако менструацијата никогаш не ви е редовна или ако нема појава на крварење во текот на два или повеќе месеци, потребно е да одите на доктор за да го исклучите постоењето на хормонален или друг проблем. Изостанувањето на менструацијата може да е знак дека не настапува нормална овулација, а тоа е сериозен проблем за жените кои допрва сакаат да забременат.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11084 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.