Почетна » Здравје » Совети за здравјето » 7 начини за моментално намалување на стресот

7 начини за моментално намалување на стресот

Стресот е убиец. Убиец на позитивното расположение, убавиот изглед, либидото и доброто здравје. Никој не го посакува во својот живот, а сепак секојдневно сме принудени да се соочуваме со него.

Среќна женаПостојат различни техники на длабоко дишење кои моментално го намалуваат стресот

Да не се лажеме, невозможно е да се живее без стрес. Но, затоа пак постојат неколку работи кои можете да ги направите за да го намалите.

  1. Релаксирајте го вратот. Најверојатно веќе имате забележано дека кога сте под стрес ви се вкочанува вратот. Притоа, тензијата што ја чувствувате е неподнослива. Еве како да го надминете тоа:
    • Раздвижете го вратот. Исправете се и започнете бавно да ја вртите главата во круг. Направете 3 круга, потоа бавно навалете ја главата настрана кон левото рамо и на крајот кон десното.
    • Затоплете го вратот. Земете мала крпа, натопете ја со топла вода и капнете врз неа неколку капки масло од лаванда. Наместо лаванда, можете да употребите јасмин или друг мирис што ви е пријатен. Потоа поставете ја крпата на вратот. Топлината ќе ви го опушти вратот, а мирисот ќе ве релаксира целосно.
  2. Опуштете ги рамената. Застанете исправени. Подигнете ги рамената нагоре кон вашите уши, а во истото време вдишете длабоко низ носот. Држете го воздухот во себе и рамената подигнати 3 секунди, а потоа додека издишувате низ устата наеднаш спуштете ги рамената. Повторете го ова 5-7 пати и ќе забележите дека напнатоста и нервозата веднаш исчезнуваат.
  3. Одморете го грбот. Ако чувствувате болка или напнатост во грбот или ако поминувате поголем дел од денот во седечка положба, најдете си време да го релаксирате грбот. Легнете на грб на рамна површина, свиткајте ги нозете, а колената подигнете ги малку нагоре. Стапалата не ги одделувајте од тлото. Испружете ги рацете покрај телото, а палците насочете ги нагоре. Вдишувајте и издишувајте бавно во текот на 2 минути.
  4. Дишете длабоко. Постојат различни техники за длабоко дишење. Изберете си една и практикувајте ја кога ќе почувствувате дека стресот ве напаѓа. Пример: Со показалецот од десната рака затнете ја десната ноздра и вдишете бавно колку што можете подлабоко. Потоа, со показалецот од левата рака покријте ја левата ноздра и издишете бавно. Повторувајте го ова во текот на една минута. Со секое издишување замислете си дека исфрлате дел од негативната енергија што ја имате во себе.
  5. Направете си пауза за зелен чај. Наместо вообичаената шолја кафе, напијте се зелен чај. Зелениот чај е богат со амино киселината Л-теанин и супстанцијата EGCG (epigallocatechin gallate) кои го намалуваат стресот. Не седете пред компјутер и не гледајте ТВ додека го пиете чајот. Едноставно гледајте низ прозорецот и оставете ги вашите мисли да летаат некаде далеку.
  6. Подложете се на музичка терапија. Изберете си песна што ве релаксира, по можност да има позитивен текст. Секој ден одделете си 5 минути за да ја слушнете песната, концентрирајќи се притоа на убавите зборови од текстот. Додека ја слушате, не правете ништо друго. Можете да си направите плеј-листа со повеќе такви песни што ви делуваат позитивно и да ги менувате секој ден.
  7. Насмевнете се. Во вашиот мобилен телефон снимете си кратко видео или слики кои гарантирано измамуваат насмевка на вашето лице кога и да ги погледнете. Или, чувајте во чантата списание или фотографии што ве расположуваат. Секогаш кога ќе имате потреба од релаксација, пуштете ја раката во вашата чанта и насмевката ќе ви биде „на дофат“.

Започнете уште денес да се борите против стресот! Обидете се со некој од понудените начини, а ако не успеете доволно да се релаксирате, обидете се со друг. Пронајдете што е најефективно кај вас и применувајте го секој ден.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11095 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.