Почетна » Семејство » Бременост » Тест за бременост

Тест за бременост

Повеќето жени знаат како е да си во неизвесност чекајќи да дознаеш дали си бремена или не. Некои со нетрпение чекаат да добијат позитивен одговор и да започнат да се радуваат на мајчинството, а други пак се молат да добијат негативен резултат кога сметаат дека не се подготвени да бидат родители.

Тестот за бременост е најбрзиот метод за добивање на одговор на прашањето „дали сум бремена“. Најдоброто кај овие тестови е што можат да се направат во домашни услови, нудат приватност и се многу распространети – ги има во секоја аптека.

Тест за бременостТестот за бременост е најбрзиот метод за добивање на одговор на прашањето „дали сум бремена“.

Како функционираат тестовите за бременост?

Домашните тестови за бременост се тестови на урината. Тие го детектираат присуството или отсуството на хормонот hCG (human chorionic gonadotropin) во урината и во зависност од тоа даваат соодветно позитивен или негативен резултат.

hCG хормонот започнува да се произведува од плацентата во случај на бременост и придонесува за појавата на некои од првите симптоми на бременоста, како чувствителност на градите и гадење.

Видови тестови за бременост

Тестови за бременостРазлични тестови за бременост

Иако постојат различни видови на тестови за бременост, повеќето функционираат на ист начин. Најчесто треба да го поставите крајот на едно стапче (лента) во потокот на урина или да го потопите неколку секунди во мала чашка со урина. После една до две минути ќе го добиете резултатот.

Постојат различни начини за отчитување на резултатите. Кај некои тестови се појавува знак плус (бременост) или минус (отсуство на бременост), а кај други пак се појавуваат две вертикални цртички (бременост) или една (отсуство на бременост).

Доколку добиете нејасни резултати, најдобро е да купите нов тест за бременост од друга марка.

Чувствителност и точност на тестовите

Тестовите од различни марки имаат различна чувствителност. Некои можат да го „уловат“ присуството на hCG хормонот 4-6 дена пред датата на која што очекувате да започне вашата менструација. Но, колку порано го правите тестот, толку е поверојатно да добиете грешен негативен резултат, т.е. тестот да покаже дека не сте бремена кога всушност сте.

Некои производители ја посочуваат чувствителноста на тестот. Тоа значи дека ја посочуваат најниската концентрација на хормонот hCG, која што можат да ја детектираат. Колку помала концентрација е посочена, толку почувствителен е тестот и порано може да ја открие бременоста. На пример, ако пишува дека тестот може да детектира 20mIU hCG/ml (мили интернационални единици на милилитар урина), тоа значи дека тој е почувствителен од тест што тврди дека може да открие hCG при 40-50mIU/ml.

Според повеќето производители, тестовите за бременост даваат точни резултати во 99% од случаите, но само ако се употребуваат правилно.

Совети за употреба

Правилната употреба на тестот за бременост е предуслов за добивање на точен резултат. Еве неколку совети за начинот на користење на тестовите:

  1. Проверете го рокот на употреба. Ако го имате тестот дома подолго време, прво што треба да направите е да го проверите рокот на употреба. Доколку сте го чувале тестот на влажно место (бањата), тогаш најдобро е да си купите нов.
  2. Прочитајте го упатството. Постојат различни тестови за бременост и сите тие се употребуваат на различен начин. Затоа е многу важно пред употребата да го прочитате внимателно упатството. Следете го секој чекор.
  3. Направете го тестот наутро со првата урина. Концентрацијата на hCG хормонот е најголема наутро, па најлесно може да се детектира.
  4. Немојте да пиете многу течности пред да го правите тестот. Некои жени пијат многу течности за да го зголемат количеството урина, но на таков начин постои ризик да се разводни концентрацијата на hCG.

Лажен негативен и лажен позитивен резултат

Многу почесто се појавува лажно негативен резултат, отколку лажен позитивен.

Лажен негативен резултат се добива ако:

  • Тестот е направен премногу рано. Почекајте за да го направите тестот барем еден ден откако ќе утврдите дека ви доцни менструацијата. Тогаш најрано може да биде уловено присуството на hCG во урината.
  • Тестот не се употребува правилно. Многу е важно да внимавате на посочените инструкции. Ако треба да користите урина во чашка, не го правете тестот доколку поминале 15 минути откако сте уринирале. Не ги чувајте стапчето или лентата предолго потопени во урината. Во упатството на секој тест е точно посочено колку време треба да го чувате потопен и после колку време можете да ги прочитате резултатите.
  • Сте пиеле премногу течности. Консумирањето на големо количество течност непосредно пред употребата на тестот може да придонесе за појавата на лажен негативен резултат, затоа што се намалува концентрацијата на hCG во урината.

Лажен позитивен резултат. Иако се случува многу ретко, може да се добие и лажен позитивен резултат ако во скоро време сте пометнале, сте извршиле абортус или примате лекови кои што содржат hCG.

Кога е најдобро да правите тест за бременост?

Повеќето тестови тврдат дека покажуваат точен резултат ако се употребат на првиот ден од задоцнувањето на менструацијата. Но, за најточни резултати најдобро е да почекате да измине една седмица од датата на која што по правило би требало да ви започне менструалниот циклус.

Ако направите тест неколку дена по задоцнувањето на циклусот и добиете негативен резултат, тоа не значи дека 100% не сте бремена. Доколку во наредните денови не добиете менструација, повторете го тестот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11241 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.