Почетна » Семејство » Бебе » 20 нешта кои никој не им ги кажува на новите мајки

20 нешта кои никој не им ги кажува на новите мајки

Мајчинството е магично искуство. Убавите мигови кои може да ви ги подари едно мало бебенце имаат моќ буквално да ви го одземат здивот и да ве принудат да се запрашате како досега сте живееле без него. Но, да бидеме искрени, родителството е најтешката задача на светот, а истовремено и доживотна улога за која ретко кој се чувствува целосно подготвен.

Можете со години да се информирате за растењето на среќно и здраво дете и со месеци да слушате најразлични искуства и доживувања од другите родители. Сепак, сè додека не започнете сами да се движите по патеката на мајчинството, нема да дознаете какви сè изненадувања ве очекуваат и на какви сè проблеми може да наидете.

Бебе

Да, веројатно сте свесни дека со доаѓањето на свет на вашето најмило ќе настапат промени во вашиот живот, но еве некои работи за кои најверојатно никој нема да ве подготви:

  1. Доаѓањето дома по породувањето е страшно. Додека сте во болница, има кој да ве подучи како да го држите и бањате кревкото новороденче и како да ги надминете проблемите со доењето, да ви донесе топол оброк... Денот кога за првпат ќе го изминете патот од болницата до домот со бебето во прегратка е денот кога ќе бидете препуштени сами на себе. Ќе почувствувате бура од емоции – страв, фрустрации, вознемиреност. Ќе ви биде потребна помош.
  2. Доењето е тешко и не доаѓа секогаш природно. Сите ќе ве уверуваат дека нема од што да се плашите, но за некои мајки доењето е борба. Не можете ни да си замислите колку може да биде комплицирано она што би требало да доаѓа природно. Многу проблеми при доењето, како крварење и инфекции на дојките и недоволно млеко, можат да предизвикаат лоши чувства кај новите мајки.
  3. Во првите седмици по породувањето ќе чувствувате болка. Најверојатно ви кажувале дека болката целосно ќе исчезне кога ќе ги здогледате малите рачиња и прстиња и кроткиот бебешки поглед, но тоа не е баш така. На многу жени им се потребни 2-3 седмици за целосно физички да закрепнат, додека на други и повеќе од 2 месеца. Сепак, тоа ќе биде поднослива болка, затоа што ви ја донело најдрагоценото суштество.
  4. Ќе се чувствувате како холивудска ѕвезда која постојано е испрашувана од новинари. Секојдневно до вас ќе пристигнуваат илјадници прашања. Некои од нив ќе бидат добронамерни, други на груб начин ќе ја испитуваат вашата мајчинска стручност, а трети ќе кријат во себе осудувачки намери. „Го доиш бебето?“, „Пиеш кафе? Зошто? Па нели си доилка?“, „Во колку часот го бањаш?“, „Колку часа спие дневно?“, „Како го држиш додека го доиш? А зошто така?“... Ако овие прашања ги добивате само неколку пати седмично, треба да бидете среќни.
  5. Истите задачи постојано ќе се повторуваат. Првите месеци од мајчинството се исполнети со обврски кои постојано се вртат во круг – менување пелени, доење, ждригање, капење, перење, доење, ждригање, менување пелени... Новороденчињата не прават ништо друго освен што спијат и се хранат, па не очекувајте дека ќе можете да лежите покрај вашето ангелче, да го гушкате и да уживате.
  6. Но, никогаш нема да ви биде здодевно. Мајчинството не е права линија и не е монотона активност. Тоа постојано се менува. Само што ќе помислите дека сте станале експерт во мајчинските задачи, пред вас ќе стојат нови предизвици.
  7. Дневната соба никогаш нема да биде чиста. Доаѓањето на бебето е бомбастичен напад на совршено подредениот дом во кој сè е под конец. Количките, пелените, облеката, лигавчињата и бројните играчки за бркање на солзите малку по малку ќе започнат да го окупираат просторот. А вие, нема да имате ниту минута слободно време за да исчистите и да подредите како што било порано. И знаете што, нередот нема да ви пречи. Ќе сфатите колку е важно да имате сè при рака.
  8. Барем еднаш во првите шест месеци ќе помислите дека разводот е неизбежен. Ќе има денови кога со партнерот нема да си разменувате повеќе од неколку реченици. Времето поминато со него ќе се сведе на брзо гушкање во ходникот. Недостатокот на сон може да ве излуди и на моменти ќе викате и ќе се лутите, без да има особена причина за тоа. Понекогаш ќе ви се чини дека бракот е на работ на пропаст, но тој ќе опстане, а вие со насмевка ќе се сеќавате на тие моменти.
  9. Но, кога ќе го видите саканиот како станува татко сите лоши мисли ќе исчезнат. Ќе му бидете благодарни за секоја минута која ја поминал со вашето малечко само за да можете вие да го добиете заслужениот одмор. А кога ќе го видите како грижливо го лула во своите раце, сите лоши мисли ќе бидат избришани од вашите сеќавања.
  10. Врската со вашата свекрва ќе се промени. Вашата свекрва одеднаш може да стане ваша најголема поддршка, ваш најдобар советник и личност со која за кратко време ќе научите да зборувате на ист јазик. Но, може да се случи токму обратното. Со молскавична брзина таа може да се претвори од добра пријателка во строг советник и немилосрден судија кој ќе ве осудува за секоја грешка.
  11. Дури и бебето да спие во текот на ноќта, вие нема. Прашањата како „Зошто сè уште не е гладно?“ нема да ви даваат мирен сон. Вашите очи ќе станат како на мачка и ќе започнат да гледаат во темнина само за да ве уверат дека градниот кош на вашето најмило се движи нагоре и надолу.
  12. Ќе го цените повеќе од сè времето под тушот затоа што тоа ќе биде единственото време кое ќе го добивате за себе. 99,9% од времето нема да биде ваше. Ќе придобиете карактеристики на супер жена, па ќе успевате да се капите, бричите, сушите и облекувате за неверојатни 5 минути.
  13. Можно е да изгубите некои блиски пријателки. Новите мајки немаат многу време за друштвени активности како долги кафе-муабети, а и не се толку комуникативни на теми кои не вклучуваат бебиња, па многу пријателки може да „испарат“. Но, нема да се грижите премногу. Оние кои искрено ве сакаат, ќе стојат покрај вас без разлика на сè.
  14. По стопати ќе ги слушате или пеете истите песни и ќе ги гледате истите видеа само за да го смирите вашето малечко. Ќе пронајдете звуци кои го смируваат вашето малечко, па ќе ги користите како свое оружје. И нема да ви пречи да ги слушате постојано, сè додека вашето ангелче е спокојно.
  15. Нема веднаш да си ја вратите тежината од пред бременоста. Извинете, но нема веднаш по породувањето да можете да влезете во старата облека како што ви велеа. Стомакот и по пораѓањето може да ви изгледа како да сте во шестиот месец од бременоста. Поретки се среќничките кои брзо си ја враќаат формата. Помирете се дека ќе треба да продолжите да ја носите облеката од трудничките денови, барем во првиот месец по раѓањето.
  16. Макар и брзо да си ја вратите тежината од пред бременоста, телото нема да ви изгледа исто. Бременоста најчесто остава траги – промена на обликот на телото, стрии, повеќе целулит, опуштени гради... Подгответе се за промени.
  17. Тешко ќе можете да го послушате советот „Спиј додека спие бебето“. Веднаш штом ќе се уверите дека вашето бебе отпатувало во светот на слатките соништа, во главата ќе ви се наредат безброј обврски кои ќе ве држат будни. Ќе си речете „Ајде уште ова да го направам... и уште ова“, па пред и да успеете да се доближите до креветот, вашето бебе ќе ги отвори очите.
  18. Редовно ќе се соочувате со компетитивни мајки. Новите мајки обожаваат да го споредуваат развојот на сопственото бебе со развојот на неговите врсници. „Моето веќе ја држи главата исправена“, „Моето веќе лази. Вие до каде сте?“, „На моето му никнаа запчињата уште пред еден месец“, „Мислам дека моето наскоро ќе прозбори“... Тие разговори некогаш ќе ви ја хранат гордоста затоа што ќе чувствувате дека вашето бебе е напредно, но некогаш ќе ве паничат, бидејќи ќе се плашите дека нешто не е во ред и дека заостанувате во развивањето.
  19. Ќе правите грешки. Совршените мајки се мит. Колку побрзо ќе го прифатите тоа, толку подобро за вас, за вашиот сопруг и за вашето најмило.
  20. Советите кои ќе ги добивате ќе бидат контрадикторни. Ќе се чудите како е можно и стручните лица да се негираат едни со други. „Кога бебето плаче навечер, одете за да го утешите“, „Кога бебето ќе се разбуди со плачење, оставете го за да се навикне дека треба да презаспие само“... Вистината е дека сами треба да определите по кој пат ќе тргнете. Нема универзален прирачник за нега и растење на совршени деца.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11216 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.