Почетна » Убавина и мода » Тело » Стриите – непријатели на убавата кожа

Стриите – непријатели на убавата кожа

Топлото време нè потсетува дека облеката станува помалку неопходна и на показ доаѓа кожата. Но, повеќето жени ја губат самодовербата кога е во прашање кожата, затоа што непријатните проблеми како целулит и стрии ја уништуваат нејзината убавина и беспрекорност.

Стриите не се проблем само за бремените жени. Повеќе од 90% од жените во светот почувствувале на своја кожа како е да се соочиш со овој проблем и сите се согласуваат дека борбата против стриите е тешка, а победата скоро недостижна.

Кожа без стрииПовеќе од 90% од жените во светот почувствувале на своја кожа како е да имаш стрии.

Што се стриите и зошто се појавуваат?

Кожата е еластична. Ако се обидете да ја штипнете или повлечете нагоре и потоа ја пуштите, таа ќе се врати непроменета во својата првобитна состојба. За жал, тоа не се случува кога таа е значително растегната.

Стриите настануваат под влијание на различни околности. Нивната појава може да се должи на физичкото растегнување на кожата (бодибилдинг, бременост, дебелеење, брзо растење и развивање во пубертетот) и хормоналните промени во телото (бременост, пубертет). Сепак, има жени кои не спаѓаат во овие групи, а повторно се засегнати од стриите.

При растегнувањето на кожата, се истанчуваат и се раскинуваат колагените еластични влакна на нејзиниот среден слој, т.е. дермисот и со тоа се губи еластичноста. Како резултат настануваат стрии со различна големина. Стриите се лузни со изглед на брановидни линии. Кога ќе се појават се црвени или розови, но со текот на времето придобиваат бела или сребрена боја. Кај некои жени, уште по самата појава стриите се бели или сребрени. Најчесто се појавуваат на стомакот, долниот дел на грбот, градите, надлактиците, задникот и бутовите.

Голема улога при појавата на стриите имаат гените и типот на кожа. Жените кои имаат сува кожа се позасегнати од овој непријатен проблем.

Како да ја спречите нивната појава?

Иако постојат многу различни продукти и козметички процедури за отстранување на стриите, сепак најбезбеден и најефективен начин да имате тело без стрии е превенцијата.

  1. Спречете го брзото слабеење или дебелеење. Доколку сакате да слабеете, не избирајте екстремни диети со кои се губат многу килограми за кратко време. Строгите диети влијаат негативно не само врз кожата, туку и врз целосното здравје.
  2. Негувајте ја кожата. Особено внимание треба да ѝ посветите ако сте во пубертет или ако сте бремени, затоа што тогаш кожата претрпува физичко растегнување и во телото настапуваат хормонални промени. Користете хидратантни креми, природни масла (како рицинусово и маслиново) или специјални креми наменети против стрии.
  3. Практикувајте масажа и ексфолијација. Масажата и ексфолијацијата ја подобруваат циркулацијата. Користете четка или ракавица за подобар ефект. Освен што е добра против стрии, масажата е одлична и против целулит.
  4. Консумирајте храна богата со протеини, витамини Ц и Е и цинк. Таквата храна го стимулира создавањето на колаген, кој што е неопходен за еластичност на кожата. Вклучете ги во вашата исхрана јајцата, рибата, јаткастите плодови, морковите, цитрусните плодови и млекото.
  5. Вежбајте редовно, но умерено. Прекумерното вежбање со големи тегови може да придонесе за појавата на стрии. Започнете со најмала тежина, па потоа постепено зголемувајте ја. Така мускулната маса ќе расте малку по малку.

Како да ги прикриете?

Се случува со текот на времето стриите да избледнеат и да станат скоро невидливи. Но, најчесто остануваат по кожата во вид на бели линии. Еве неколку совети што можат да ви помогнат да ги намалите или прикриете стриите:

  1. Користете крем за самопотемнување. Сончањето нема да ви помогне да ги направите стриите помалку видливи. Напротив, тие ќе бидат поистакнати, затоа што остануваат бели. Најдобро е да користите крем за самопотемнување. На таков начин ќе придонесете за израмнување на бојата на кожата со бојата на стриите.
  2. Употребете коректор. Изберете коректор во иста боја како вашиот тен и со четка внимателно нанесете го врз стриите. Исто како да боите, не излегувајте од линиите. Потоа со сунѓерче за нанесување пудра направете да не се познава видлива граница. Ако сте на плажа, користете коректор отпорен на вода.
  3. Заштитете ја кожата од сонцето. Употребувајте крем со заштитен фактор, затоа што сончевите зраци можат дополнително да ја оштетат кожата.
  4. Навлажнете ја кожата со путер од какао. Многу експерти ја препорачуваат употребата на путер од какао. Но, ефектот од ваквиот третман не доаѓа преку ноќ и зависи од многу фактори како возраста и типот на кожата. Освен путер од какао, можете да ги премачкувате стриите со маслиново масло, масло од сусам и рицинусово масло.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11150 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.