Емоции, носталгија и длабока благодарност кон личности кои оставиле значаен белег во духот, културната меморија и секојдневието на битолчани ја исполнија Кристалната сала на Офицерскиот дом, на отворањето на втората самостојна изложба на Ивона Кочов.
Изложбата „Пркос кон заборавот“, која се одржа во рамките на „Битфест“, претставува интимен омаж на луѓе кои својот живот го изградиле со труд, истрајност и посветеност. Портретите со душа се сведоштва за минливоста на времето, но и за дух кој не дозволува да биде избришан. Секоја фотографија открива дел од една биографија, а прикажува раце испишани со труд и погледи во кои и ден-денес сјае љубов кон животот.



Понесена од атмосферата, со растреперен глас, талентираната уметница одржа краток говор преку кој им се заблагодари и на оние кои застанаа пред нејзиниот објектив и на присутните:


Вечерва не сум тука само како фотограф, туку како раскажувач на приказни. Приказни за луѓе кои со своите раце и срца го изградиле својот живот и животот на сите околу нив. На фотографиите ќе видите луѓе кои и во своето позно доба останале посветени на трудот, сè уште не ја напуштиле својата работна маса, своето поле, својата мисија.
„Пркос кон заборавот“ е мој начин да им кажам дека ги гледам, дека ги ценам и дека нивните приказни не треба да избледат. Секој портрет што ќе го видите носи дел од нивната младост, нивните битки, нивните победи и нивната љубов кон животот.
Од срце им благодарам на сите што ми ја отворија вратата и душата за да ја создадам оваа изложба. А на вас ви благодарам што вечерва сте дел од ова патување со мене.
И да не заборавиме - додека се сеќаваме на луѓето, тие живеат! Се поклонувам пред сите вас со БЛАГОДАРНОСТ!
Кочов создаде простор каде минатото и сегашноста се прегрнуваат и нè потсетува дека приказните на овие луѓе не смеат да исчезнат во тишината, дека секое сеќавање е чин на почит и продолжување на нивниот живот.
Изложбата ја зацврсти Кочов како авторка која фотографијата ја третира не само како визуелен медиум, туку како мост меѓу генерации, како живо сведоштво и како начин да се пркоси на минливоста.































Фото: Кристијан Талевски