Владимир и Соња Голабоски неизмерно им се благодарни на медицинските лица кои им укажале помош кога им била најпотребна.
Брачниот пар од Охрид доживеал вистински кошмар на пат кон Маврово. Додека патувале, во нивното возило влетала пчела која ја каснала Соња. Бидејќи таа е алергична на пчелни убоди, состојбата брзо ѝ се влошила, па Владимир одлучил веднаш да се вратат назад.
Додека возеле кон охридската болница, ја пресретнале мобилната единица на Клиниката Жан Митрев. Сестрата Весна Наумоска - анестетичар и шоферот Тони Антониевски, иако имале друга задача, без размислување застанале да ја укажат побараната помош. Неодложно биле преземени неопходни чекори за спасување на Соња.

Присетувајќи се на случката, сестрата Весна рекла: „Не направив ништо посебно. Постапив онака како што сум обучена и како што треба да направи секој човек. Своето знаење и опремата и средствата кои ми беа на располагање во амбулантното возило ги употребив за спасување и стабилизирање на жената“.
По убодот од инсектот, веќе биле видливи отоци и имало трнење на ногата. „Немавме време да ја чекаме брзата помош која доаѓаше од Охрид, затоа одлучивме веднаш да ја ставиме во нашето возило и се упативме кон Охрид. Во меѓувреме, аплицирав антиалергиски лекови и постојан мониторинг додека брзавме кон болницата“ – објаснила Весна.
Владимир е преблагодарен што неговата сопруга се најде во вистинските раце во тие кризни моменти. „Спасивте живот, фала ви од срце“ – му порача тој на тимот.
Самата Соња напиша: „Од срце благодарност до екипата (со која вчера случајно се сретнавме на место и време кога ми беа најпотребни) за човечноста и професионализмот. Вашата брза и смирена реакција се нешто што никогаш нема да го заборавам. Ви благодарам. Жан Митрев... НАЈДОБРИ!!!“
