Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Сообраќајни правила кои родителите ги прекршуваат, а не треба
За мајчинските работи

Сообраќајни правила кои родителите ги прекршуваат, а не треба

Во Македонија сообраќајот е како на Дивиот Запад, кој каде сака врти, се приклучува и исклучува без да сигнализира со трепкач, кој каде сака си застанува да си поправи муабет, да се поздрави, да си свирне за „здраво“, без ни око да му трепне за другите. Во целата таа џунгла, мене ми бодат очи родителите со мали деца.

Сум била сведок на ситуација кога татко од зад комбе ни излезе пред кола со количка со бебе без воопшто да ѕирне дали наидува возило (среќа бев во такси, па рефлексите требаше друг да ги има). Прво количката, па гледањето. „Ех, не е секој за родител“, искоментира таксистот.

Другпат, кога јас возев, мајка со количка застана на сред пат за да се поздрави со пријателка. Јас требаше да ја заобиколам количката оти мајката не се ни помрдна (свирката е забранета во случај бебето да спие да не го потресам, вели мојот мајчински инстинкт).

Да не раскажувам колкупати сум видела мајки кои ги носат децата за рака од страната на улицата. Се ежам само на помислата колку лесно може да ми истрча детето пред кола. Децата не можат да проценат колку брзо се движи едно возило, а кога се вознемирени или возбудени можат да реагираат непредвидливо. Ние треба да внимаваме на нив!

Мајка и дете

Еве кои правила родителите редовно ги прекршуваат, а не треба:

  • Секогаш држи го детето за рака. Децата се спонтани, палави и непредвидливи. Нив лесно може да им се одвлече вниманието, но вас не треба. Родителите треба да бидат разумните. Држи го твојот палавко или твојата принцеза за рака за да бидеш сигурна дека е на безбедно место.
  • Детето никогаш не треба да биде од страната на улицата. Така ем ќе биде подалеку од сообраќајот, ем е помала веројатноста да ти истрча на улица.
  • Секогаш прво погледни лево-десно дали доаѓа возило, па тргни со количката да ја преминуваш улицата. Дури и на пешачки премин. Не можеш да знаеш кој мангуп ќе налета. Знаеш дека за нив нема правила.
  • Децата треба да седат на задното седиште и НИКОГАШ зад воланот. Ех, татковци... Често гледам мажи како ги забавуваат малите синчиња во скутот зад воланот додека возат. Имам роднина кој ѝ дозволува на ќерката да седи напред на 2 и пол години за да не плачи. Можам да заклучам дека за ова правило мајките кои ги познавам се построги од татковците. Но, вреди да се повтори.
  • Улицата се преминува на пешачки премин. Се смешкаш на напишаното и си мислиш „Пфф, кој не го знае тоа?“ Не е смешно кога си на некоја поголема улица, каде пешачките премини се на поголемо растојание еден од друг. Па, тешко е да се изоди целиот тој пат за да се премине на некакви си бели линии, а уште помалку со мало дете за рака. Одењето до пешачкиот премин ќе ти одземе 1 минута плус, но одењето надвор од него може да одземе живот.
  • Каде што има тротоар, оди по него, а не на патот. Кога ја туркаш количката пред автомобил сигурно си мислиш „Ајде бе, ќе ме почека, гледа дека сум со дете“. А и полесно е да се турка количка на патот одошто на нерамните, полни со дупки и паркирани возила тротоари. Да, јас ќе те почекам, во принцип возам бавно и внимателно, ама има тинејџери на кои им е поважно да им покажат на женските колку брзо знаат да возат, има мажи кои ќе те опцујат и побрзо ќе те изгазат одошто да те почекаат... Светот не може да те чека тебе. Оди каде што е најбезбедно, ако не за тебе, за твоето дете.
  • Не трчај по автобусот само затоа што детето „не може“ да го дочека следниот. Брзањето не е мајка на внимавањето. Напротив, тоа е најголем непријател на внимавањето.
  • Секогаш чекај да светне зелено светло на семафорот за пешаци. Лево-десно нема кола, ајде ќерко трчај“... Не, избриши си ја од главата можноста да ја преминуваш улицата на црвено оти немало автомобили. Неколку секунди ништо нема да ти сменат во животот.
  • Ако се симнуваш од автобус, почекај тој да замине за да имаш прегледност на улицата пред да ја преминете. Се сеќавам кога бев малечка, баба ми ми раскажуваше приказна за мајка која брзала да стигне на училишната претстава на ќерка си и не внимавала на сообраќајот кога се симнала од автобусот. Приказната немаше среќен крај, но беше многу поучна.
  • Улицата се преминува право, а не дијагонално. Ова се учи од мали, нозе, но кога ќе ни се издолжат, некако го забораваме. Учи го детето преку пример, а не преку зборови.
  • Покажи му и научи го детето дека не треба да преминува меѓу две коли. Децата се мали и никој не може да ги види меѓу големите возила.

Кога другите шофери во сообраќајот не внимаваат, кога твоето дете е премало за да внимава на себе, ти биди неговите очи, неговите инстинкти, неговите рефлекси и неговиот разум. Ти си негов родител, одговорноста е твоја!

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9490 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.