Почетна » Семејство » Дете » Придобивки за детето од грижата за домашен миленик

Придобивки за детето од грижата за домашен миленик

Не е тајна дека децата обожаваат животни. Доволно е само да ги погледнете в очи кога пред нив стои мило животинче за да видите неизмерна радост во нивниот поглед. Без оглед дали станува збор за кученце, маче, папагал или златна рипка, децата уживаат во друштвото и забавата кои ги нудат нивните пријатели од животинското царство.

Домашното милениче не само што ќе му подари на вашето дете многу насмевки, безусловна љубов и лојално пријателство, туку и ќе му донесе значителни здравствени бенефиции. Дружењето со домашен миленик ги намалува анксиозноста, стресот и тагата кај најмалите членови на семејството, ја зголемува нивната самодоверба и ги подобрува нивните социјални вештини.

Куче и девојче

Придобивки за физичкото и психичкото здравје

Митовите дека животните во домот се штетни за здравјето на децата полека избледнуваат, благодарение на научните истражувања кои го потврдуваат спротивното. Еве како растењето под ист покрив со домашен миленик може да влијае позитивно на физичкото и психичкото здравје на вашето најмило:

  • Подобар имунитет и помал ризик од појава на астма. Многу нови родители помислуваат да се откажат од домашниот миленик кога нивното малечко ќе дојде на свет. Но, научни истражувања покажуваат дека децата кои од најмали нозе растат заедно со домашен миленик имаат посилен имунитет и се помалку склони кон алергии или астма.
  • Намалување на стресот и помала веројатност од појава на депресија. Поддршката, утехата и љубовта која милениците им ја даваат на децата особено за време на преодни периоди, како адолесценцијата, или стресни периоди, како болест во семејството или развод, се особено важни за нивното психичко здравје. Доволни се само 15 минути блиска дружба со миленичето за детето да се почувствува посмирено.
  • Развивање на моторните вештини, поголема физичка активност и намалување на шансите за прекумерна тежина. Децата со миленици повеќе време поминуваат надвор, одат на прошетки, трчаат низ домот и играат, а со тоа ги развиваат моторните способности и одржуваат добра физичка форма.
  • Зголемување на самодовербата. Милениците не им судат на децата, не им се лутат и не им издаваат наредби. Тие сакаат безусловно. А кога детето се чувствува сакано, автоматски се зголемува неговата самодоверба.
  • Полесно прифаќање на ново братче или сестриче. Преку домашните миленици децата сфаќаат дека понекогаш треба да ги делат вниманието и љубовта на родителите со друг. Таа лекција за несебичност им помага полесно да се прилагодат на пристигнувањето на нов член во семејството.
  • Минимизирање на чувството на осаменост кај детето единче. Родителите кои не се во можност да му подарат братче или сестриче на нивното најмило, можат да му го намалат чувството на осаменост преку домашно милениче.
  • Полесно справување со загубата на блиска личност. Смртта на домашниот миленик е многу тажен настан кој може да го скрши детското срце и да предизвика подолготрајна тага, но тоа е уште една вредна лекција во неговиот живот. Тоа ќе научи дека љубовта не умира, дека убавите спомени остануваат и ќе му помогне во иднина полесно да се справи со смрт на блиска личност.
  • Зголемување на одговорноста. Точно е дека родителите, а не животните ги учат децата на одговорност. Но, домашното милениче е одлично „средство“ преку кое родителите би можеле да го стимулираат чувството на одговорност. Децата учат како да бидат поодговорни преку преземање на обврски поврзани со грижата за миленикот. Се разбира, тие обврски треба да бидат соодветни за нивната возраст.
  • Намалување на агресивноста. Малите животинчиња ја будат нежната страна кај децата, кои со нив учат дека треба да бидат повнимателни.

Друштвени придобивки

Деца, куче и маче

Децата кои имаат домашно милениче се покомуникативни, полесно го шират кругот на пријатели, повеќе ги почитуваат луѓето и ја ценат лојалноста.

Домашните миленичиња го учат детето на безусловна љубов и љубов без предрасуди, на емпатија и сочувство, а сето тоа му помага да се изгради како подобра личност која ќе биде одлично прифатена од секого и подоцна во животот.

Сè почесто слушаме неверојатни приказни за цврстата врска помеѓу луѓето и домашните миленичиња. Особено чести се сториите за кучиња кои им помагаат на деца со посебни потреби или деца со аутизам подобро да се вклопат во општеството. Тоа е доказ дека животните можат да допрат подлабоко во детското срце отколку луѓето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11328 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.