Почетна » Семејство » Дете » Како да го мотивирате вашето дете да спортува?

Како да го мотивирате вашето дете да спортува?

Многу е тешко да пораснете физички активно дете во ерата на компјутерите, кога во најголем дел од времето децата играат компјутерски игри или се дружат на социјалните мрежи. Ако вашето дете го сака спортот, но само кога го следи на телевизискиот екран, или ако го мрази часот по физичко воспитување, тогаш време е да преземете нешто.

Факт е дека децата кои спортуваат добиваат многу бенефиции од физичката активност. Па затоа, не треба да пронаоѓате изговори за неактивноста на вашето дете. Не користете изговори како „Ќерка ми има премногу училишни обврски и нема време за спорт“ или „Син ми нема проблеми со тежината, па ако нема желба, не мора да спортува“. Мотивирајќи го вашето дете да спортува, вие му правите услуга за која ќе ви биде благодарно цел живот.

Деца кои спортуваат

Зошто е важно вашето дете да спортува?

„Во здраво тело, здрав дух“ – сите сме ја слушнале оваа мудрост, а сепак често како да забораваме колку вистина се крие во неа. Придобивките од физичката активност се многубројни. Истражувањата покажуваат дека децата кои спортуваат се посилни и поздрави отколку децата кои не се вклучени редовно во физички активности. Еве само неколку од многуте придобивки од редовната физичка активност:

  • здрав физички развој;
  • намален ризик од прекумерна тежина;
  • силни коски и мускули;
  • подобрување на рамнотежата, координацијата и флексибилноста;
  • подобрување на концентрацијата;
  • намален стрес;
  • намален ризик од депресија и анксиозност;
  • поголема самодоверба и самопочит;
  • можност за запознавање нови пријатели;
  • чувство на припадност кон одредена група.

9 совети како да го мотивирате вашето дете да спортува

  1. Изберете спорт кој му одговара на вашето дете, а не вам. Повеќето родители избираат одреден спорт за своите деца само затоа што самите тие го практикувале истиот или затоа што ним им се допаѓа. Ова е погрешна тактика, бидејќи детето може да не го поседува ентузијазмот на родителите. Децата сакаат да се забавуваат и она што го прават треба да им носи големо задоволство. Ако вашето дете не се чувствува среќно и задоволно кога игра фудбал, тогаш сте избрале „погрешен“ спорт. Обидете се со кошарка, ракомет, одбојка, пливање, гимнастика или тенис.
  2. Дознајте која е причината за неговата наклонетост кон одреден спорт. Вашето дете веројатно има афинитети кон одреден спорт, независно дали тоа е кошарка, фудбал, одбојка или пак модерни танци. Дознајте зошто обожава да речеме фудбал. Дали затоа што му е забавна играта, затоа што фудбалот е популарен кај неговите другари или затоа што неговиот идол е Лионел Меси. Која и да е причината, потребно е да ја знаете и да ја искористите за да го мотивирате.
  3. Зголемете му ја самодовербата. Децата кои не практикуваат никаков спорт имаат ниска самодоверба кога станува збор за изведување на одредени физички активности. Без оглед која е причината за ниската самодоверба – дали е прекумерната тежина или слабата кондиција – ваша задача е да дадете свој придонес во нејзиното зголемување. Кажете му дека може да постигне сè што сака, но дека е потребна напорна работа. Раскажете му дека и неговиот идол некогаш бил мало дете, но дека напорната работа го претворила во врвен спортист. Тоа ќе ја зголеми неговата самодоверба и ќе го мотивира да започне да спортува.
  4. Научете го дека победата не е сè. Некои деца по првиот изгубен натпревар ја губат мотивацијата и ентузијазмот и развиваат апатија кон спортот. Ако вашето дете е едно од нив, научете го дека победата не е сè. Кажете му дека и покрај поразот тој е победник, затоа што дал сè од себе и играл одлично. Целта е да го научите дека не е толку важна победата, колку што е важно да учествува и да се труди. На тој начин ќе го научите достојно да ги прифаќа поразите, а тие може да станат дополнителен мотив за да тренира поупорно.
  5. Претворете го спортот во забава. Колку позабавен му е спортот на вашето дете, толку почесто ќе го практикува, а со тоа ќе ја подобрува и својата изведба. Откријте што ја поттикнува возбудата кај него. Ако тоа обожава кошарка поради поентирањето, предизвикајте го да играте заедно и умислено дозволувајте му да постигнува многу кошеви. На тој начин тоа ќе се забавува и уште повеќе ќе ја засака кошарката, па и вам ќе ви биде многу лесно да го мотивирате.
  6. Бидете и вие физички активни. Доколку сакате да го мотивирате вашето дете, сигурно тоа нема да ви успее ако го поминувате целиот ден пред ТВ. Изградете си позитивен однос кон спортот. Ако вашето дете согледа дека вие уживате во физичката активност и ви е забавно, кај него ќе се зголеми желбата да учествува.
  7. Спортувајте заедно дома. Заедничкото спортување со вашето дете може да биде голема мотивација за него. Ако немате можност да го правите дома, одете во најблискиот парк. Вашето дете сигурно сака да поминува повеќе време со вас, а вие најдобро знаете како да го направите спортот позабавен за него.
  8. Ангажирајте го и вашиот сопруг. Ако имате син, вашиот сопруг полесно ќе може да го поттикне да се заљуби во спортот. Поканете ваши пријатели и организирајте мали натпревари. Така забавата ќе биде двојно поголема.
  9. Гледајте заедно спортски натпревари или спортски филмови. Децата лесно можат да се заљубат во одреден спорт преку филмови. Најчесто во филмовите главниот јунак постигнува успех со многу труд, па тоа испраќа позитивна порака до вашето дете. Следењето на спортски натпревари исто така може да послужи како одлична мотивација.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11084 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.