Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да ја подобрите дигестијата на храната?

Како да ја подобрите дигестијата на храната?

Подуеност, болки и гасови во стомакот, запек, дијареја, повраќање, зголемување на тежината, замор. Тоа се само неколку од непријатните знаци кои укажуваат на проблеми со варењето на храната.

Жена и овошјеЈаболката, бананите, крушите и кајсиите го подобруваат варењето на храната

Здравјето на дигестивниот систем треба да се сфаќа посериозно, бидејќи без неговото правилно функционирање никогаш нема да ги внесеме хранливите материи кои ни се неопходни, а здравствените проблеми може само да се множат. Сепак, динамичниот начин на живот нè принудува свесно или несвесно да ги игнорираме препораките на лекарите и со тоа самите да си создаваме проблеми таму каде претходно не постоеле.

Што ја влошува работата на дигестивниот систем?

Првиот чекор во грижата за здравјето на дигестивниот систем е отстранувањето на причинителите на проблемите поврзани со него. Еве што може да се окарактеризира како непријател на варењето на храната:

  • Пушењето. Вдишениот чад од цигарите содржи илјадници хемиски супстанции од кои стотици се отровни. Тие му штетат на целото тело, вклучително и на дигестивниот систем. Пушењето го иритира стомакот и го зголемува ризикот од појава на гастритис, чир и горушица. Дополнително, пушењето се асоцира со зголемен ризик од рак на стомакот и цревата.
  • Стресот. Стресот, како и пушењето, влијае негативно на целото тело. Тој го отежнува нормалното функционирање на дигестивниот систем и придонесува за појавата на различни дигестивни проблеми како синдром на иритабилни црева и горушица.
  • Преголемата консумација на кафе. Може да се каже дека умереното консумирање на кафе е полезно за варењето на храната. Но, пиењето на повеќе од 3 шолји силно кафе дневно ги надразнува цревата.
  • Неконтролираното внесување на алкохол. Редовното и неконтролирано внесување на алкохол се поврзува со проблеми со црниот дроб, панкреасот и дигестивниот систем. Алкохолот исто така го забавува метаболизмот.
  • Седечкиот начин на живот. За добра дигестија е неопходно движење. Неактивноста води до забавување на метаболизмот, појава на запек, а во некои случаи и непријатни гасови.
  • Мрсната и зачинетата храна. Мрсната храна го одложува празнењето на цревата и го прави телото склоно кон запек. Зачинетата храна може да го вознемири стомакот предизвикувајќи болка, гасови и отежнато празнење на цревата.

Покрај тоа, и газираните пијалоци и недоволното спиење се наоѓаат на листата на непријатели на дигестивниот систем.

8 совети за подобрување на варењето на храната

  1. Џвакајте, џвакајте, џвакајте. Сите сме слушнале дека храната треба да се џвака целосно, но ретко кој од нас навистина го практикува тоа. Варењето на храната започнува уште во вашата уста. Колку подобро ја иситнете храната со вашите заби, толку повеќе ќе му олесните на вашиот стомак.
  2. Каснувајте помали залаци. Кога луѓето се хранат набрзина и каснуваат големи залаци, заедно со храната голтаат и воздух кој води до подување на стомакот и евентуално до притисок и болка.
  3. Внесувајте повеќе растителни влакна преку овошје. Растителните влакна помагаат храната полесно и побрзо да помине низ дигестивниот систем и го спречуваат запекот. Овошјето не го консумирајте заедно со друг тип на храна. Кога го јадете одделно, тоа уште побрзо се вари во стомакот. Претпочитајте јаболка, круши, банани, суви сливи и кајсии, јагоди, боровинки, папаја и лубеница.
  4. Пијте многу вода. Заборавете на газираните сокови и изгаснете ја жедта со чаша вода. Консумирањето на доволно количество вода треба да ви биде приоритет не само поради варењето на храната, туку и за одржување на целосното здравје и нивото на енергија.
  5. Зачинете со ѓумбир. Ѓумбирот се препорачува при појава на стомачни проблеми како грчеви, болка, гасови и се верува дека го подобрува варењето на храната.
  6. Нане, камилица, босилек. Чаевите од нане, камилица и босилек го смируваат стомакот, ги отстрануваат болките и грчевите и придонесуваат за намалување на гасовите и подобрување на целиот процес на варење на храната. Некои експерти препорачуваат и џвакање на лисја од нане и користење на свеж босилек во храната.
  7. Внимавајте на хигиената. Секогаш мијте ги рацете со сапун и топла вода по посета на тоалет, пред да седнете да јадете или пред да започнете да готвите. Тоа ќе го спречи пренесувањето на опасни бактерии во вашата храна.
  8. Регулирајте го стресот и спијте барем 7 часа дневно. Навистина е тешко да се елиминира стресот, но секој треба да се обиде да го менаџира. Најдете неколку активности кои ве смируваат и практикувајте ги секојдневно. Не заборавајте и на добриот сон кој докажано е поврзан со доброто здравје.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10404 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.