Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Јаболкото – чувар на вашето здравје

Јаболкото – чувар на вашето здравје

Јаболкото можеби ја нарушило хармонијата во рајската градина, но каснувањето на вкусно јаболко не е никаков грев и може да влијае само позитивно на вашето здравје.

Без разлика дали ќе изберете зелено, црвено или жолто јаболко, телото ќе ви биде благодарно за секој залак што ќе го изедете.

Зелено и црвено јаболкоЈаболката се богати со антиоксиданси, растителни влакна и витамини

Јаболката се извонредно овошје богато со витамин Ц, витамини од групата Б, калциум, калиум, фосфор, железо, магнезиум и цинк, но овој сочен плод содржи и многу антиоксиданси и растителни влакна кои дополнително го засилуваат одбранбениот систем на телото. Земајќи го ова во предвид, слободно може да се каже дека секое јаболко е микс од супстанции кои делуваат благотворно и на здравјето и на вашиот изглед, а еве како:

  • Јаболка за побели и поздрави заби. Самото касање и џвакање на јаболкото го стимулира лачењето на плунка во усната празнина, која од своја страна ги измива бактериите и го намалува ризикот од создавање на кариес. Присуството на калциум уште повеќе го зголемува позитивниот ефект на јаболката врз забите.
  • Јаболката се сојузници на витката линија. Не ги прескокнувајте јаболката ако сакате да ослабите или да ја одржувате витката линија. Овие плодови содржат многу вода и малку калории, одзема многу време за да ги изџвакате, а освен тоа содржат растителни влакна кои ја зголемуваат ситоста, па можете без проблем да го контролирате апетитот. Експертите велат дека е доволно да консумирате едно јаболко пред еден оброк во денот за да го намалите бројот на калории што ќе ги внесете.
  • Јаболката го помагаат варењето на храната. Без разлика дали не можете да одите во тоалет или не можете да излезете од таму, земете јаболко. Во јаболката има исклучително многу растителни влакна кои ја подобруваат работата на дигестивниот систем. Јаболката се одлични и против дијареја и против констипација (запек).
  • Јаболката го зајакнуваат имунитетот. Имунолошкиот систем ќе ви биде благодарен ако во вашата исхрана редовно вклучувате јаболка. Тие се богати со витамин Ц и антиоксиданси кои се борат со слободните радикали во телото, а со тоа го штитат телото од многу болести.
  • Јаболкото го намалува холестеролот и делува позитивно на срцето и крвните садови. Бенефициите кои јаболката ги имаат во однос на кардиоваскуларниот систем доаѓаат благодарение на пектинот и невообичаениот микс од полифеноли во самите плодови. Јаболката го намалуваат нивото на лошиот холестерол (LDL), а исто така и ризикот од појава на запушени артерии и висок крвен притисок. Помагаат во превенцијата од срцеви болести и атеросклероза.
  • Јаболката ви овозможуваат подобро дишење. Консумирањето на јаболка може да го намали ризикот од појава на астма и рак на белите дробови. Истражувањата покажале дека кај децата чии мајки редовно јаделе јаболка во текот на бременоста, ризикот од појава на астма значително се намалува.
  • Јаболкото штити од различни видови на рак. Истражувањата покажале дека јаболката во најголема мера го намалуваат ризикот од рак на белите дробови, но исто така постојат докази дека го редуцираат и ризикот од рак на дебелото црево, рак на панкреасот и рак на дојка. Сè уште не се знае зошто јаболкото е заштитник од рак, но се верува дека антиоксидансите се најголемиот „виновник“ за ваквиот благотворен ефект.
  • Јаболката помагаат во регулирањето на шеќерот во крвта. Истражувањата покажале дека кај жените кои јадат барем едно јаболко дневно, ризикот за појава на дијабетес тип 2 е за 28% помал. Освен тоа, растителните влакна во јаболката го одржуваат нивото на шеќер стабилно со тоа што ги елиминираат значителните флуктуации.
  • Јаболковиот оцет помага против првут. Се верува дека јаболковиот оцет ги уништува бактериите кои предизвикуваат првут. За да се ослободите од непријатните „снегулки“ во косата, масирајте го скалпот со неколку лажици јаболков оцет една минута, а потоа измијте ја косата.

Златен совет

Купувајте јаболка од сигурен извор и не ги лупете. Огромен дел од делотворните материи се наоѓаат токму во лушпата. Измијте го убаво јаболкото и уживајте во неговиот вкус.

Сепак, доколку немате никакви информации колку, кога и со какви пестициди било прскано јаболкото, подобро излупете го.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.