Забранети реченици за време на љубовна кавга
Почетна » Љубов и секс » Проблеми во врската » Забранети реченици за време на љубовна кавга

Забранети реченици за време на љубовна кавга

Љубовните караници се значајно парче од сложувалката наречена врска. И партнерите со најхармонични односи понекогаш навлегуваат во конфликтната зона. Во зависност од пристапот, кавгите може да влијаат стимулирачки и да ја зајакнат врската, или пак, да го поплочат патот до неминовна разделба.

Љубовна расправија

Без оглед на причината за љубовната расправија, секој е должен да цели кон фер однос кон партнерот, за малите битки да не ги претвори во жестока војна.

Доколку не сакате да ја преминете црвената линија од која понекогаш нема враќање, потрудете се овие сурови реченици да не ги користите за време на тензичните „дискусии“.

Навистина си голем...

... идиот, морон, лажго, мочко, мамин син.

Всушност, тука спаѓа секој навредлив збор којшто може да ви падне на памет. Гледано од страна, кавгата изгледа навистина незрела, детска и смешна, доколку се навредувате со вакви зборови. Не заборавајте дека зборовите имаат моќ да повредуваат и остануваат засекогаш.

Воздржете се од употреба на навредливи изрази и едноставно обраќајте му се со неговото име. Дури и во време на „љубовна војна“ задржете ги манирите и своето достоинство.

Зошто не можеш да бидеш како...

... дечкото на Тамара? Повеќе како брат ти?

Споредбите со други луѓе можеби ви изгледаат како ефективен начин за мотивирање и подобрување на саканиот. Но, ваквите изнудени компарации дополнително ја разгоруваат караницата. Токму поради тоа, споредбите треба да останат заклучени во вашите мисли.

За илустрација, вие размислувате – „Тамара навистина ослабе многу, штом може таа, можеби ќе можам и јас“, но доколку партнерот ви пререче „Зарем не можеш да симнеш некој килограм како Тамара“?, тогаш веќе споредбата добива многу поинаков, односно навредлив карактер.

Сакам да раскинеме

Можеби сметате дека со оваа изјава ќе ѝ дадете посериозен тон на караницата и дека никој не смее да ве зема „здраво за готово“, но мошне често другата страна реагира исто така во афект и сосема веројатно е дека ќе ви возврати со потврден одговор на вашето барање.

Доколку навистина посакувате и сметате дека треба да ставите крај на врската, искреноста зачувајте ја за помирно време, откако добро сте размислиле со ладна глава.

Те мразам

Ако дозволите љубовната расправија да ескалира до овој размер, навистина тешко ќе може да ја поправите штетата подоцна. Ова е една од оние изјави поради кои ќе посакате да го вратите времето назад и ќе си го прекасате јазикот во моментот по нејзиното гласно изговарање.

И покрај тоа што се изјавени во афект, овие зборови одѕвонуваат долг временски период, а штетата која ја предизвикуваат понекогаш е непоправлива. Правилото е едноставно – не кажувајте „Те мразам“ за време на кавга.

Навистина не ми е гајле

Од жестока и бесна караница која ги надминува „нормалните“ децибели, наеднаш преминувате во индиферентно расположение, затоа што сметате дека тоа е вистинскиот начин да се оладат две вжештени глави.

Можеби понекогаш е добро да го напуштите „военото поле“, но не паѓајте во искушение да ја затворите вратата со зборови кои укажуваат дека ви е сосема сеедно. Дали има смисла да се остане во врска со личност на која навистина не ѝ е гајле?

Не сум лута

Одбивате да комуницирате и наместо да направите простор за здрава дискусија, вие детски и инаетливо ја вртите главата настрана и го убедувате дека не сте лути. Мажите одамна го дознаа значењето на женското „Ништо“, зошто мислите дека некој ќе поверува во оваа проѕирна лага?

Олеснете си ја душата и направете ѝ пат на искреноста. Јасно дајте му до знаење зошто сте лути. Да не сте, воопшто и не би ни имало караница.

Ти реков!

Ах, тие слатки зборови кои ја потврдуваат вашата добра интуиција. Делуваат така моќно за вас, а толку поразувачки за партнерот. Всушност, „Ти реков“ делува како бензин на веќе разгорен оган.

Какво фајде од самопотврдувањето и истакнувањето на вашето его кога резултатот е лута кавга и незборување и игнорирање со денови?

Не беше ваков порано

Луѓето се менуваат со текот на времето, што е сосема нормално. Промената е дел од секоја зрела личност која еволуира физички и емотивно. Доколку сметате дека партнерот сменил некои суштествени карактеристики, постои друго време и место и поинаков начин на кој може да разговарате за промените.

Споменувањето на овој аргумент во караница го одвлекува вниманието од вистинскиот проблем и неминовно ќе се насочите кон тема која нема никаква врска со изворот на несогласувањето.

За сè си ти крив

За кавга секогаш се потребни двајца. Дури и кога целата вина во караницата му припаѓа нему, тоа „Сè“ кое луто го потенцирате прави партнерот да се чувствува како неспособен губитник.

Запрашајте се – што всушност правите со тој партнер доколку сè што прави е погрешно? Секако дека не го мислите тоа. Тогаш воопшто и не употребувајте го за време на жестока расправија.

Ист си како мајка ти/татко ти

Лутата неконтролирана кавга дефинитивно не треба да го извади на виделина вашето мислење за неговите родители. Упатувате двојни навреди – и кон партнерот и кон родителите, а тоа навистина може да боли многу. Кој би сакал да слуша навредливи зборови за своите родители?

Веќе споменавме дека споредбите се забранети „аргументи“ во караниците, а тие кои ги вклучуваат родителите се убедливо најлошиот избор на зборови, кои не водат кон ништо конструктивно и полезно.

Пријателките ме предупредија дека ќе биде вака

Мажите и онака имаат доволно кошмари од женски интимни разговори и доверување помеѓу блиски пријателки. Тие се свесни дека мислењето на пријателите е мошне значајно, а во некои случаи дури го одредува и текот на врската.

Караницата дефинитивно не треба да ги открие туѓите мислења за вашиот партнер. Доволно е што се расправате вие двајца, зарем мора да го вовлечете целото друштво во кавгата?

Вечерва заборави на секс

Светиот грал на женските закани. Со сигурност не постои подеградирачка изјава за време на караница.

Додека со сигурност го омаловажувате вашиот партнер, веројатно сте свесни дека и себеси се лишувате од уживање. Особено поради тоа што смирувачкиот секс после жестока караница умее да биде страстен и да делува неверојатно терапевтски.

Анкета

Анкета
Каква беше 2016 година за вас?
  • 21%
  • 45%
  • 34%
Се испраќа...

(Вкупно: 8254 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.