Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » Баланс меѓу љубовната врска и пријателството

Баланс меѓу љубовната врска и пријателството

Љубовта има занесна моќ да нè всели во еден розов свет каде сè е совршено, да ни стави широка насмевка на лицето и да ни ја разгори желбата секој миг да го минуваме со новата личност во нашиот живот. Звучи совршено, нели? Но, не е секогаш сè така розово како што изгледа. Често, како резултат на тие слатки чувства, неосетно може да се оддалечите од важни личности со кои сте споделувале и прекрасни и не толку убави моменти од животот – пријателите.

Велат дека добрите пријатели се како лубеници – за да пронајдете една добра, морате да пробате стотина. Па, вреди ли да изгубите некој што заслужува да биде наречен ваш пријател, само затоа што сте го промениле статусот од „сингл“ во „во врска“?

Пријателки на шопингНе ги пропуштајте традиционалните излегувања со пријателките, како саботниот шопинг, со цел да ја одржите блискоста со нив

Многу девојки забораваат на пријателите откако ќе започнат врска. Немојте и вие, како многу други, да ги изгубите пријателите затоа што партнерот ве сака само за себе, не може да ја контролира својата љубомора, смета дека треба да излегувате само со неговото друштво или затоа што сте дозволиле љубовниот занес да ве прелаже дека само партнерот ви е доволен во животот.

Пријателството е едно од најстабилните и најважни нешта кои ги градиме во животот, а балансирањето меѓу него и љубениот е еден од најголемите предизвици. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ги задржите блиску до себе и партнерот и пријателите:

  • Редовно остварувајте контакт. Не дозволувајте комуникацијата со пријателите да се сведе на „лајк“ или коментар на Facebook. Ако сте презафатени и не можете да организирате средба, јавете им се на телефон. Прашањата „Како си?“ и „Што има ново?“ не само што ќе ве држат во тек со нивниот живот, туку и ќе им покажат дека се грижите за нив, дури и ако најголем дел од времето го поминувате со партнерот. Истото направете го и со саканиот во деновите кога немате многу време за него.
  • Никогаш не ги откажувајте плановите. Откажувањето на плановите во пет до дванаесет може да нанесе непоправлива штета во односите и со партнерот и пријателите. За нив тоа може да биде знак дека не се приоритет во вашиот живот. Никогаш не им откажувајте на пријателките затоа што партнерот доцна се сетил дека сака да помине повеќе време со вас, но исто така не му откажувајте на партнерот ако пријателките одненадеж решат дека сакаат кафе-муабет.
  • Создајте си ритуал со пријателите. Независно дали тоа е трчање или прошетка во паркот по завршувањето на работното време, излегување на кафе во сабота наутро или неделна попладневна собиранка во нечиј дом, создајте си ваш ритуал и почитувајте го.
  • Негувајте ја „традицијата“. Ако секогаш сте ги славеле родендените со пријателите, не смеете да ја погазите таа традиција откако ќе стапите во врска. Некои моменти се специјални и свети, па ако ги жртвувате, ги ставате на конец и пријателските односи.
  • Редовно организирајте си женска вечер. Сите знаеме колку се забавни големите женски собири – евоцирање спомени, широки насмевки, по некое празно шише вино и се разбира, по некој сочен трач. Зошто вие да не бидете организаторката на тие луди непреспани ноќи?
  • Организирајте и заедничка вечер. Соберете ги сите на едно место – вашите пријатели, партнерот, па и неговото друштво. Не само што поголемото друштво ќе ја направи забавата уште повесела, туку тоа и ќе биде добар „тест“ за вашата врска.
  • Научете да велите „не“. Ако ја прифаќате секоја покана на пријателите, дури и во моментите кога вашиот партнер очекува да сте покрај него, или пак, доколку трчате кон саканиот секогаш кога ќе ви се јави, без да мислите дека зад себе сте ги оставиле пријателите, тогаш воспоставувањето на баланс е невозможна мисија. Научете се понекогаш да ги одбивате луѓето, колку и да ви се блиски тие.
  • Надоместувајте им за изгубеното време. Ако имате неодложна работа и им ја откажете средбата, надоместете им следниот ден. Никој не сака да се чувствува изоставен.
  • Не лажете. Можеби ви се има случено ваша пријателка да ви откаже вечерно излегување со изговорот дека ја боли главата, за еден час подоцна да ја видите излезена со саканиот и неговото друштво. Признајте колку е глупаво чувството. Затоа, никогаш не треба да си дозволите да се најдете во слична ситуација. Ако веќе сакате да им откажете на пријателките, бидете искрени и кажете им дека ќе излегувате со партнерот. Тие затоа ви се пријателки, за да имаат разбирање за вас. Истото важи и за односите со партнерот. Тој треба да ве разбере и да ви даде простор кога имате желба да се дружите повеќе со пријателите. Најважно е да бидете искрени. Лагите може да ви донесат само сплетки од кои никогаш нема да можете да излезете.

Запомнете, здравите и среќни врски се спој од два балансирани животни стила.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10389 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.