Грешки кои веројатно ги правите при обликувањето на веѓите
Почетна » Убавина и мода » Лице » Грешки кои веројатно ги правите при обликувањето на веѓите

Грешки кои веројатно ги правите при обликувањето на веѓите

Веѓите го засилуваат интензитетот на емоциите пренесени преку фацијалните изрази, имаат моќ целосно да го трансформираат лицето и се вистинска круна на очите.

Целта на обликувањето на веѓите е да се постигне баланс помеѓу цртите и формата на лицето и да се акцентира убавината на очите. Лошата вест е што идеално оформените веѓи се проблематична мисија. Доволни се само неколку кратки потези со пинцетата за да се уништи формата на која сте работеле долго време.

Идеални веѓи

Па, каде најчесто грешите при обликувањето на веѓите?

Давате сè од себе за да постигнете симетричност

Не заборавајте „веѓите се сестри, а не близначки“. Двете веѓи речиси никогаш немаат иста форма затоа што ни двете страни од нашето лице не се идентични. Најчесто обидите за создавање идентични веѓи завршуваат со нивно претерано истанчување, но никогаш со постигнување симетрија.

Совет: Концентрирајте се на следење на правилата за оформување на веѓите и создавање на веѓи со слична форма и иста боја, а не на симетрични веѓи, бидејќи тоа е речиси невозможно. Користете молив за веѓи или сенка за очи за максимално да ги усогласите двете веѓи.

Дозволувате доминантната рака да ја преземе контролата

Дали често го завршувате процесот на кубење на веѓите со заклучок дека десната веѓа ви е потенка од левата? Ако сами си ги оформувате веѓите, треба да го земате предвид фактот дека можно е да отстранувате повеќе влакненца на страната на која се наоѓа вашата доминантна рака, т.е. десничарите може да имаат благо потенка десна веѓа, а левучарите обратно.

Совет: Споредувајте ги веѓите на секои 2-3 искубени влакна за да знаете кога е време да престанете, пред да претерате со истанчувањето.

Постојано сте „залепени“ за огледалото додека се кубите

Употребата на огледала кои ја акцентираат секоја пора и стоењето „залепени“ за огледалото за време на кубењето навистина ви овозможуваат да ги забележите и најмалите влакненца, но не ви даваат јасна претстава за целосниот изглед на веѓите. Резултатот најчесто е претенки веѓи или губење на посакуваната форма.

Совет: Употребувајте обично огледало додека се кубите и правете го тоа на дневна светлина. На секои 2-3 искубени влакна оддалечувајте се од огледалото за да можете да ги споредите своите веѓи. Запомнете дека луѓето нема да ве гледаат со лупа, туку со голо око.

Наеднаш скубнувате повеќе од едно влакненце

Можеби мислите дека штедите време кога набрзина ги кубите своите веѓи во обид што побрзо да излезете низ вратата. Но, факт е дека кубејќи по неколку влакна истовремено лесно може да создадете „дупки“ во веѓите кои тешко се коригираат.

Совет: Средувајте ги веѓите кога сметате дека имате доволно слободно време за тоа. Кубете во редови, а не во „групи“.

Ги кубите влакната во спротивна насока од онаа во која растат

Кубењето на влакната спротивно од нивниот природен раст може да доведе до оштетување на фоликулите и да предизвика влакненцата да започнат да растат хаотично, во „погрешна“ насока. Исто така, се зголемува веројатноста од иритација на кожата, поткожни влакна и појава на мали мозолчиња.

Совет: Приближувајте ја пинцетата колку што е можно поблиску до кожата и со нежни брзи движења кубете во насоката на растење на влакната.

Ги обликувате веѓите за време на менструација или пред туширање

Сте забележале ли колку е чувствителна вашата кожа за време на менструација? Во овој период од месецот болката при депилација и кубење е многу поголема, а кожата полесно се иритира. Затоа се препорачува тогаш да се избегнуваат ваквите третмани за разубавување.

Совет: Најдоброто време за кубење на веѓите е две недели пред или една недела по менструацијата. Добро е да го следите и советот за кубење на веѓите по туширање. Топлината и влагата придонесуваат за полесно и побезболно отстранување на влакната.

Идеални веѓиОбликување на веѓите со методот „молив“

Создавате премногу празен простор над носот

Многу жени во обид да ги избегнат споените веѓи создаваат преголемо растојание помеѓу нив. Тоа придонесува носот да изгледа поголем, а очите премногу раздалечени.

Совет: Златно правило додека ги обликувате веѓите е дека тие треба да почнуваат пред внатрешниот агол на окото. Најчесто почетокот на веѓата треба да биде во иста линија со вашата ноздра (линија 1 на сликата). Можете да користите молив како водич.

Одземате премногу или премалку влакна на краевите

Кратките веѓи не се така елегантни како долгите убаво оформени веѓи. Но, исто така треба да ги избегнувате веѓите со предолга „опашка“, кои придонесуваат очите да изгледаат уморно, бидејќи визуелно ги спуштаат надолу.

Совет: Со помош на молив одредете ја точката во којашто треба да завршува вашата веѓа. Поставете молив веднаш до вашата десна ноздра. Додека долниот дел од моливот ја допира ноздрата, горниот дел на моливот треба да поминува непосредно покрај надворешниот агол на десното око. Местото каде што моливот ќе се спои со вашата веѓа е местото каде таа треба да завршува (линија 2 на сликата). Ако вашите веѓи се пократки од тоа, добра идеја и да ги издолжите со помош на моливче или соодветна сенка за очи.

Го поместувате природниот лак

Точно е дека добро дефинираниот лак на веѓите може да ги подигне очите, но веѓите со форма на виножито не оставаат многу добар впечаток бидејќи може константно да изгледате изненадено или зачудено. Правило е да не го поместувате лакот на веѓите премногу блиску до центарот на окото.

Совет: За да го пронајдете својот природен лак, потребно е да одредите каде треба да се наоѓа највисокиот дел од вашата веѓа. Земете молив и поставете го до вашиот нос, така што горниот дел да поминува преку ирисот, веднаш до зеницата. Точката во која моливот се спојува со вашата веѓа треба да биде највисока (линија 3).

Употребувате стара пинцета

Одамна не сте инвестирале во нова пинцета? Ако со години користите иста пинцета, најверојатно забележувате дека таа ја губи прецизноста и дека не ги „фаќа“ влакненцата кои сакате да ги скубнете како во времето кога сте ја купиле.

Совет: Ако влакненцата се лизгаат низ пинцетата и се мачите за да ги споите двата краја, потребно е да одделите пари за нова. Добрите и квалитетни алатки се клучни кога се стремите на професионален начин да го разубавите својот изглед. Знаете ли дека паѓањето на пинцетата може да го оштети нејзиниот врв и да ѝ ја намали прецизноста? Многу е важно и да не ја фрлате невнимателно пинцетата низ фиоките за да не ја оштетите.

Оцртување на веѓите со многу темно моливче

Вистински среќнички сте ако немате потреба од дополнителни корекции на веѓите со шминка. Повеќето жени изгледаат многупати подобро кога ќе ги дооформат веѓите со молив. Но, често се прави грешката да се користи шминка која е премногу темна.

Совет: Никогаш, никогаш не користете црн молив за цртање на веѓите, бидејќи со него нема да постигнете природен изглед. Русокосите треба да користат молив кој е една нијанса потемен од бојата на нивната коса (светло кафеавите моливи се за претпочитање), за бринетите се препорачуваат моливи кои се една нијанса посветли од нивната коса (моливи во темни и длабоки кафеави нијанси). Црвенокосите денски најдобро изгледаат кога ги дефинираат веѓите со молив во медено-кафеави нијанси, а навечер со молив во темно кафеави нијанси.

Никогаш не ја чистите пинцетата

Се сеќавате кога последен пат сте ја исчистиле пинцетата? Најчесто пинцетата се зафрлува по фиоки или во различни козметички несесери каде собира многу нечистотии кои не ѝ се пријатели на кожата. Резултатот може да биде непосакувано црвенило или ситни мозолчиња.

Совет: Пинцетата треба да се чисти со алкохол или антибактериски сапун пред секое користење.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 27%
  • 73%
Се испраќа...

(Вкупно: 885 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?