Ајде на здравје, Скопје!
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Ајде на здравје, Скопје!
Во земјата на чудата

Ајде на здравје, Скопје!

Четириесет нови споменици во Скопје?!? Пречитувам неколку пати, ја проверувам информацијата, сигурна дека се работи за некаква грешка. Кога сфатив дека сепак не се работи за грешка, си дадов време да ја процесирам информацијата, трудејќи се да си замислам колку всушност се четириесет споменици – не колку чинат, туку колкава е нивната зафатнина. 

Пораснавме со само неколку споменици во градот – оној на Гоце Делчев во парк, бистите во училиштата... тоа е сé на што се сеќавам. Веројатно имало уште некој, но пребришани ми се сеќавањата од нив, со новите споменици кои ги има на секој чекор. Верувам дека спомениците за нас како народ се многу важни. И одамна требаше да се постават споменици на најзначајните ликови од нашата историја. Но исто така верувам во умереноста како една од најголемите животни мудрости, и верувам дека сé што е претерано ја губи убавината. 

Нејсе. Воопшто немав намера да пишувам за спомениците, само импресиите никако да ми стивнат. И не мора некој или нешто да е убаво за да го сакаш. Скопје е моја голема љубов. Го сакам, со споменици или без, со барокни или комунистички градби, со фонтана на плоштад или старата коцка и круг со цвеќе, со старите големи липи или... за жал не можам да кажам дека го сакам со маливе дрвца ставени наместо старите липи под кои моите дедовци си уживаа во ладовината топлите летни утра.

Камен мост

За мене, најголемо обележје на Скопје е хедонизмот. Скопје е град на уживањето. Така го доживувале и скопјаните и странците кои доаѓале во градот. Така го доживуваат и денес. Скопјани отсекогаш сакале да уживаат и знаеле како да го прават тоа. Во Скопје отсекогаш имало добри ресторани, кафеани, хотели, боеми и добри забави. И денес седнувањето на кафе е многу повеќе од само пиење кафе. Ручекот во ресторан е синоним за социјализација, а не задоволување на потребата за храна. 

Наместо Скопската модна недела, порано Скопје го имало корзото. Скопјани отсекогаш обрнувале внимание на изгледот и се труделе да бидат во тек со најновата мода. Дали тоа било преку шиење модели од Бурда, или со шопинг во Солун или Трст, да се излезе на корзо следејќи ја последната мода било императив.

Има два лика кои мислам дека многу придонесоа да го сакам Скопје со сета своја душа. Едниот е мојата деведесетгодишна баба, која секое гледање ми пренесува нова приказна за Скопје. Иако приказните ги раскажува премногу фактографски, јас секогаш ги впивам со искри во очите. Ги има најразлични – и среќни и тажни. За другарувањето со сестрите на Мајка Тереза, за српско, бугарско или војната, за земјотресот и обновата, за семејните згоди и незгоди меѓу која и онаа за сообраќајната незгода на нејзиниот град, за национализацијата на имотот, за ѕидот од нивната куќа кој можеби сé уште стои за автобуската кај Работнички... за љубовта кон дедо ми без кого живее веќе дваесет години.

Вториот е човекот кој прв пат го видов кога го гледав Досие Скопје, Данило Коцевски. Човекот кој придонесе уште повеќе да се гордеам со мојот град. Неговите приказни за Скопје во различни периоди ме воодушевуваат кога и да ги слушнам. Со него ја делам љубовта кон Скопје и истите искри во очите секогаш кога се зборува за Скопје.

Без разлика дали излегло според плановите на Кензо Танге или реализацијата била комплетно различна од плановите, ниту еден споменик, ниту една барокна зграда, ниту еден сплав не можат да ми ја намалат љубовта кон Скопје. Додека спомениците воопшто не допираат до мене, ме боли секое пресечено дрво на плоштад, Илинденска, Климент Охридски, новите паркинзи во Аеродром, и секоја нова градба уште повисоко на Водно. И многу повеќе ме болат натрупаните Дебар маало и Црниче, хаотичните Чаир и Топаана и старата болка – Капиштец, кој Скопје го остава без воздух. Многу повеќе ме боли кога ќе се затвори некој од моите омилени локали... или кога ќе го видам пренатрупан со луѓе кои не можат да го поднесат, а воопшто не го заслужуваат.

Безусловно го сакам секој милиметар од Скопје. Би сакала сите да го сакаа како мене. Кога некој или нешто сакаш, треба да го сакаш такво какво што е, без никаква потреба да го менуваш, зар не? Барем мене така ме учеле да сакам и единствено така знам да сакам.

Скопје ја заслужува мојата и твојата љубов. Ја заслужува и нашата грижа за него. Се надевам дека и покрај сите промени што ги претрпе, ќе остане град на уживањето, тоа што отсекогаш бил.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 3821 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?