12 трикови за да го спречите прејадувањето
Почетна » Диети и фитнес » Слабеење » 12 трикови за да го спречите прејадувањето

12 трикови за да го спречите прејадувањето

Кога пред очите ни стојат различни јадења кои нè мамат со изгледот, вкусот и примамливата арома, тешко е да воспоставиме контрола над желбата за само уште еден „последен“ залак. Резултатот? Прејадување за кое подоцна жалиме.

Неконтролираното хранење кое ни го преполнило стомакот влијае лошо не само на линијата, туку и на енергијата и расположението. Никој не сака летаргично да дреме со подуен стомак, но и покрај тоа, се случува да заборавиме навреме да прекинеме со јадењето и да се најдеме во таква состојба.

Прејадување

Непосакуваното прејадување може да се избегне со помош на неколку едноставни трикови:

  1. Користете ги дланките како водич. Јадете само онолку колку што собира во вашите дланки. Спојте ги дланките така што да направите форма на сад. Количината која ја собира во нив е отприлика иста со онаа која му е потребна на вашиот стомак.
  2. Кога ќе се почувствувате најадени, извалкајте ги дршките на приборот. Многу луѓе сакаат да изедат сè што им е сервирано и тоа често води до прејадување. Кога ќе започнете да чувствувате ситост, ставете го приборот во садот така што дршките ќе ги закопате во храната. На тој начин нема да имате можност несвесно да продолжите со боцкање во храната.
  3. Покријте го остатокот од храната со салфетка. Кога апетитот ќе ви се намали и веќе не чувствувате глад, покријте го остатокот од јадењето со салфетка. Далеку од очи, далеку од уста.
  4. Не јадете за да ги задоволите другите. Колку и да е вкусен колачот на вашата мајка, не јадете само затоа што упорно ве моли да земете второ парче. Учтиво кажете „Можеби подоцна“, но не дозволувајте да ве убеди нејзиното натажено лице.
  5. Концентрирајте се на вкусот на првите неколку залаци од омилената храна. Обожавате чоколадо? Истражувањата покажуваат дека задоволството е подеднакво ако изедете неколку коцки чоколадо и ако го изедете целиот блок. Но, во вториот случај ќе бидете прејадени и ќе чувствувате поголема вина. За да го избегнете прејадувањето, важно е да се концентрирате на вкусот во текот на првите неколку залаци, бидејќи тогаш ќе ви биде најслатко. По неколку залаци, на рецепторите за вкус им се намалува чувствителноста кон хемикалиите во вкусната храна. Заклучок? Со неколку залаци можете да ја задоволите желбата за калорична храна која ве влече кон прејадување.
  6. Hara hachi bu - јадете како Јапонец. Тоа значи да јадете додека сте 80% полни. Оваа тактика за ограничување на внесените калории се практикува од жителите на островот Окинава. Дури 29% од населението на Окинава живее до 100 години.
  7. Не ги оставајте на масата садовите и тавите во кои е храната за служење. Ставете во чиниите умерени порции, а потоа садовите во кои е остатокот од храната преместете ги подалеку од вас. Полесно е да се прејадете ако имате можност постојано да си ја полните чинијата.
  8. Дајте му сигнал на телото дека завршивте со оброкот. Испратете му ја на телото пораката „Сита сум“ преку:
    • Гума за џвакање или ментол бонбона. Свежиот вкус на ментол го намалува апетитот, а џвакањето или шмукањето бонбона ќе ви ја држи устата зафатена.
    • Неколку парчиња овошни плодови или две коцки чоколадо. Слатката храна мозокот ја регистрира како десерт, па нема да сакате повторно да се вратите на главното јадење.
  9. Изберете сад во различна боја од бојата на храната која ја јадете. Тестенините не ги ставајте во бел сад, туку во црвен, црн или син. Колку поголема е разликата во боите, толку повеќе ќе доаѓа до израз големината на порцијата и ќе си сервирате помалку храна.
  10. Изберете само да јадете, без странични активности. Луѓето најчесто се прејадуваат пред телевизор или пред компјутер, бидејќи несвесно ја полнат устата и голтаат. Затоа, се препорачува да јадете в кујна, седнати на маса, без да се расејувате со дополнителни активности.
  11. Не јадете од кесата или кутијата во која сте ја купиле храната. Купивте големо пакетче чипс? Послужете си еден дел во мал сад, а остатокот сокријте го подалеку од дофат. Така ќе можете приближно да процените колку калории ќе внесете со вкусните грицки, а освен тоа и ќе се осигурите дека нема да го изедете целиот чипс кој сте го купиле и да се прејадете.
  12. Оставајте ја виљушката на чинијата помеѓу залаците. Каснете еден залак и оставете ја виљушката на чинија. Правењето паузи помеѓу залаци го продолжува времето за кое ќе го изедете оброкот, а тоа му остава доволно време на телото да го извести мозокот кога сте сити. Не заборавајте дека на мозокот му се неопходни околу 15-20 минути за да го добие сигналот дека повеќе не сте гладни.

Анкета

Анкета
Каква беше 2016 година за вас?
  • 21%
  • 44%
  • 35%
Се испраќа...

(Вкупно: 11511 гласа)

Цитат

Да бидеш себеси во свет кој константно се обидува да те претвори во нешто друго е најголемото постигнување.

Ралф Валдо Емерсон

Виц

Кога жена вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема НОВИ алишта.

Кога маж вели дека нема што да облече, тоа значи дека нема ЧИСТИ алишта.