Почетна » Рецепти » Кујнски совети » Како да зготвите совршени тестенини?

Како да зготвите совршени тестенини?

Тестенините се особено популарни, не само затоа што се многу евтини, туку и затоа што се многу вкусни. Не бараат многу време за подготовка или пак големи готварски способности, а освен тоа – се приготвуваат на најразлични начини, што значи дека постои рецепт со тестенини за сечиј вкус.

Жена што јаде шпагетиТестенините се популарни не само затоа што се многу евтини, туку и заради тоа што се многу вкусни

Но, пред да започнете со готвење на шпагети карбонара или болоњезе, потребно е да знаете како правилно се приготвуваат тестенините. Продолжете внимателно да читате, за да научите неколку практични совети и трикови за приготвување на совршените тестенини.

  1. Користете големо тенџере со многу вода. Честа грешка што луѓето ја прават кога варат тестенини е што ги ставаат во мало тенџере. Тестенините треба слободно да можат се движат во тенџерето, а и им е потребна многу вода. Ако тенџерето е премало или ако има малку вода во него, тогаш тестенините ќе се залепат една со друга и нема да се сварат подеднакво. За да сварите 500 грама тестенини, потребно е да ставите најмалку 4 литри вода. Водата побрзо ќе зоврие ако го покриете тенџерето со капак, но тргнете го капакот откако ќе ги ставите тестенините.
  2. Не ставајте масло во водата. Употребата на масло ќе го спречи спојувањето на тестенините и сосот. За да не дозволите тестенините да се залепат една со друга во текот на варењето, мешајте со дрвена лажица или виљушка.
  3. Ставете сол откако водата ќе зоврие. Не заборавајте да ставите сол кога варите тестенини. Солта значително го подобрува вкусот на тестенините. Најдобро е да ја ставите солта откако водата ќе зоврие, бидејќи подобро се раствора во жешка вода. Плус тоа, водата ќе зоврие побрзо, затоа што несолената вода има пониска точка на вриење.
  4. Ставете ги сите тестенини наеднаш во вода што силно врие. Ако ги додадете тестенините во вода што ја нема достигнато точката на вриење, тогаш скробот ќе започне да се раствора. Водата треба силно да врие за да ги спречи тестенините да се залепат една со друга.
  5. Не го покривајте тенџерето со капак. Регулирајте ја температурата за да не се создава многу пена и да не дојде до претекување, но не ставајте капак.
  6. Мешајте често. Откако ќе ги додадете тестенините во водата, мешајте со долга дрвена лажица или виљушка. Така тестенините нема да се залепат една со друга, ниту пак на дното на тенџерето.
  7. Имајте го во предвид времето за готвење што е препорачано на пакетчето, но не го земајте здраво за готово. Некои тестенини треба да се варат подолго, а други пократко, во зависност од формата и дебелината. Прочитајте на етикетата колку е препорачано да се варат тестенините што сте ги купиле, но тоа нека ви послужи само за да можете да се ориентирате. Најдобро ќе знаете дали тестенините се готови ако ги пробате.
  8. Тестенините се готови кога ќе бидат „al dente“. „Al dente“ е италијански израз за варени тестенини или ориз кои се малку цврсти, но не тврди или преварени. Кога ќе ги каснете тестенините, тие треба да бидат цврсти на средината (да ви создадат потреба да ги џвакате), но да немаат тврд центар (тврдиот центар е знак дека не се готови). Исто така, не треба да дозволите тестенините да бидат премногу меки или преварени.
  9. Исцедете ги по варењето. Веднаш откако ќе решите дека тестенините се готови, тргнете го тенџерето од оган и истурете ги во ѓерѓев или голема цедалка. Подигнете ја цедалката и протресете ја за да се ослободите од вишокот вода.
  10. Не ги мијте тестенините. Многу луѓе ги мијат тестенините по варењето. Но, тоа не треба да го правите, затоа што ќе го измиете и скробот што го има врз нив. Скробот е неопходен за сосот подобро да се соедини со тестенините. Исклучоци: Треба да ги измиете тестенините за лазања, за да можете полесно да ги одделите лентите една од друга без да ги раскинете. Исто така, измијте ги тестенините ако со нив правите ладна салата.

Дополнителни совети

  • Не ги кршете шпагетите. Ставете ги во садот така што долниот дел ќе биде потопен во водата, а од горниот – потпрен на работ на тенџерето. Шпагетите полека ќе омекнат и ќе пропаднат, без да се искршат.
  • Пригответе ги тестенините непосредно пред сервирање. Сепак, ако треба да ги приготвите тестенините предвреме, по готвењето измијте ги со ладна вода, исцедете ги, ставете во нив масло и промешајте. Маслото ќе спречи да се залепат. Можете да ги ставите во покриен сад во фрижидер. Оваа тактика е особено корисна ако ги приготвувате за гости. Сосот задолжително пригответе го непосредно пред сервирање.
  • Не варете во едно тенџере различни типови тестенини. На некои тестенини им е потребно повеќе време да се сварат, а на други помалку.
  • Ако ги преварите тестенините, прелијте ги со ладна вода. Ако сте ги вареле тестенините малку подолго од потребното и ако се меки, прелијте ги со ладна вода веднаш откако ќе ги тргнете од огнот. Така веднаш ќе го прекинете процесот на готвење. Овој трик нема да ви помогне ако тестенините се премногу меки.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11092 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.