Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » 14 знаци дека си имате работа со нарцис

14 знаци дека си имате работа со нарцис

Класичниот нарцис е самоуверен, харизматичен и забавен. Никогаш нема да се двоуми дали да ви пријде, а првиот чекор го прави со огромна самодоверба и продорен поглед кој има моќ да ве зашемети. За него не е опција да го откачите. Ќе ве бомбардира со внимание и ќе ве опсипе со љубов, сè со цел да ве освои, бидејќи тој ги презира неуспесите.

На почетокот неговата самобендисаност и доминација не само што нема да ви пречат, туку може и да ви делуваат како афродизијак. Но, кога врската ќе напредне, на сцената ќе дојде тој, неговото его, неговите чувства и потреби, неговите желби и мечти, неговите амбиции...

Порано или подоцна тој ќе ја фрли маската, а вистинското лице ќе ве разочара, бидејќи ќе ја видите темната страна на нарцисот. Ќе сфатите дека тој е заљубен. Но, не во вас, туку во себе.

Нарцис

Како да го препознаете вообразениот и надмен нарцис? Следниве знаци ќе ви потшепнат дека пред вас стои наследник на самозаљубениот лик од митологијата:

  1. Здодевно му е ако не е во центарот на вниманието. Многу луѓе знаат кога треба да замолчат и да им дозволат на другите да дојдат до збор. Но, не и нарцисот. Тој може да зборува за себе со часови, а кога другите ќе одлучат да го грабнат микрофонот, неговото лице го губи сјајот. Мажот кој е заљубен во себе јасно покажува знаци на незаинтересираност кога не е херој во разговорите. Тој може и да посака да си заминете од најлудата забава на годината ако не најде начин да се истакне и сите погледи да бидат фокусирани на него.
  2. Се однесува како крал на светот и очекува сите да ја прифатат таа негова улога. Кога сте излезени на вечера, тој бесно избувнува ако е принуден да го почека келнерот макар и неколку минути. Очекува сите да го поставуваат на пиедестал, без исклучок.
  3. Ги преувеличува своите постигнувања, таленти, способности. Па, зарем не знаевте? Тој е најдобар, најумен, најталентиран, најамбициозен, најуспешен... Нарцисите го презираат просекот. Сè кај нив е натпросечно и најдобро.
  4. Чувствува константен глад за комплименти. Кој вели дека нарцисот не може да слуша? Се разбира дека може, но само кога редите комплименти и пофалби за него. Меѓутоа, тој никогаш нема да се задоволи со мал комплимент. За колку-толку да ја освоите неговата наклонетост, мора да ги филувате комплиментите.
  5. Критиките ги дочекува на нож. Сакате да му дадете критика? Очекувајте бес, гнев и отфрлање на секој ваш збор.
  6. Секогаш е во право. Ако се осмелите да го ставите тоа под знак прашалник, подгответе се за војна во која најверојатно вие ќе го кренете белото знаменце.
  7. Никогаш не е виновен за проблемите во врската. Секој проблем во врската е по ваша вина, по вина на вашите пријатели и на сите на кои може да се сети во моментот на кавгата. Мажот со нарцисоиден карактер никогаш нема да признае дека погрешил или дека ве повредил.
  8. Сексот е само за негово задоволство. Нарцисот нема да се загрижи дали сте доволно возбудени, ќе ја прескокне предиграта и ќе се фокусира на неговото задоволство.
  9. Горд е на своите манипулаторски способности. Можеби нема да почувствувате кога вие сте паднале во неговите манипулаторски мрежи, но тој дефинитивно ќе ви се пофали како успеал да постигне нешто со помош на манипулирање. Искористувањето на другите луѓе како пиони го храни неговото его.
  10. Глув е за вашите мисли, ставови и чувства. Со часови може да се жали за проблемите на работа, да зборува за најактуелните светски настани, да говори за сопствените амбиции. И во секој момент тој очекува вие внимателно да го слушате секој негов збор. Но, кога вие ќе изразите желба да се искажете, чувствувате дека неговото внимание исчезнува, а неговиот поглед станува празен.
  11. Преокупиран е со сопствените фантазии и амбициозни планови. Сите имаме соништа, но нарцисот е опседнат со нив. Тој постојано фантазира за моќ, власт, успех. Неисцрпни се неговите приказни дека еден ден ќе биде директор на моќна компанија, дека сите ќе се поклонуваат кога тој ќе поминува.
  12. Верува дека сите му се љубоморни. Нарцисот верува дека сите му се љубоморни. Кога некој се однесува лошо кон него или одбие да му помогне на патот кон успехот, нарцисоидниот маж ќе каже: „Ми љубомори, нормално е да се однесува така“.
  13. Се опкружува со луѓе кои можат да му дадат нешто. Редовно го користи својот шарм за да извлече нешто во своја корист. Кога ќе почувствува дека одредена личност повеќе нема што да му даде, тој веднаш заминува без да погледне назад.
  14. Привидно се менува само кога ќе решите да го напуштите. Нарцисот нема да ви дозволи лесно да го откачите. Кога конечно ќе признаете дека не можете да издржите повеќе, очекувајте да излезе на површина неговата слатка и нежна страна: „Те сакам. Знаеш колку ми значиш и колку те сакам“. Ќе ви ветува дека ќе промени сè што ќе посакате и дека ќе стане погрижлива личност. И нема да му биде тешко да ве убеди. Но, веројатно ништо од тоа нема да се случи. Зошто? Па, нарцисот не гледа причина зошто би менувал личност која е совршена.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10618 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.